Достапни линкови

logo-print

Убиството на момчето, апсењето на Бошкоски, формирањето на новата влада, дел од темите во дневните печатени медиуми.

Од лошо полошо после 5 јуни – веднаш во понеделникот беше уапсен лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски. Но, потоа А1 ТВ ја објави веста за смртта на претепано момче од страна на припадник на специјалните полициски единици Тигри, вечерта на плоштадот Македонија, кога владејачката партија ја прославуваше победата. „Тигар го убил момчето – зошто молчеше МВР?“, прашува Утрински на насловната страница. Но не молчеше само полицијата, молчеа и повеќето медиуми, што пишани, што електронски, чест на исклучоците.

Утрински информира и за протестите на младите скопјани низ градските улици, пред Собранието и пред МВР со извиците дека живееме во полициска држава; Дневник пишува дека за полицаецот осомничен за убиството МВР поднело кривична пријава и дека премиерот Груевски изразил жалење до семејството на убиениот 23-годишник, и дека ја обвинил опозиционата СДСМ дека го користи убиството за политички цели. Дури два дена, откако беше обелоденето претепувањето до смрт на младиот Мартин, во средата, Вечер наслови дека „Полициски Тигар го уби скопјанецот Мартин Нешковски“, а исто така во средата објави текст со наслов: „Кланот на Рамковски и А1ТВ со налудничави планови за спас – Црвенковски помаган од А1ТВ за спас на парите на Рамковски се пушта во морбидни сценарија за создавање хистерија од смртен случај на кој му дава политички квалификации“. Нека простат, ама во изданијата до средата, во Нова Македонија не најдовме информација за овој случај кој ја вознемири целата македонска јавност.

„Лисици уште првиот ден – уапсен Љубе Бошкоски“, информира Утрински, а во својот едиторијал истиов весник пишува: „Време на опасно живеење – дали апсењето на жестокиот критичар на Груевски и фамилијата ден по изборите беше вишната на шлагот на победничката и славеничка атмосфера на ВМРО-ДПМНЕ?“. „Бошкоски падна во операцијата Кампања“, забележува Дневник и дека „Поддржувачите на Бошкоски се пресметаа со полицијата“.

Нова Македонија информира дека „Бошкоски е уапсен поради незаконски финансирана кампања“ и дека добил триесетдневен притвор. Вечер, во наслов објавува: „Пред скопскиот ресторан Воденица – Бошкоски уапсен за мито од 100 илјади евра!“.

Овие две случувања, заедно со истерувањето на улица на опозицискиот аналитичар Ѓунер Исмаил, кому извршители му го запленија општествениот стан, што го објавија само опозиционите медиуми, го поматија славјето на ВМРО-ДПМНЕ по победата на изборите: „Гем, сет и меч за Груевски“, пишува ,,Утрински, а Дневник забележува: „Груевски и Ахмети сами во власта“.

Време се занимава со прашањето „Што ако нема договор Груевски-Ахмети“, а во колумната, професор Фрчкоски сугерира нов политички пејзаж, додека аналитичарот Малиќи смета дека се отворени сите опции за коалицирање.

Нова Македонија насловува дека „Новата влада е пред тежок старт“, наведувајќи ги сите можни опции при формирањето на новата влада: дека Груевски може да го игнорира ДУИ, и дека проблемот не е во освоените мандати, туку во пазарот.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG