Достапни линкови

Вести

ОН вознемирени од случувањата на Голанската висорамнина

Нави Пилај, Комесар за човекови права на ОН
Нави Пилај, Комесар за човекови права на ОН
Комесарто човекови права при ОН Нави Пилај изјави дека е длабоко вознемирена од случувањата на Голанската висорамнина помеѓу Израел и Сирија. Најмалку 40 демонстранти се убиени во обидот да ја преминат границата. Пилај денеска го повика Израел, да се осигура дека нивните безбедносни сили не употребуваат прекумерна сила. Израел пак го обвини режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад дека со тоа сака да го отргне вниманието од работите што им се случуваат во државата.

види ги сите денешни вести

Средба на преговарачите на Србија и Косово на 19 март

(Илустративна фотографија) - Знамињата на Европската унија се веат на ветрот додека пешаците поминуваат покрај седиштето на ЕУ во Брисел, на 20 септември 2023 година.
(Илустративна фотографија) - Знамињата на Европската унија се веат на ветрот додека пешаците поминуваат покрај седиштето на ЕУ во Брисел, на 20 септември 2023 година.

Радио Слободна Европа од дипломатски извори дознава дека на 19 март ќе се одржи рунда дијалог на ниво на главните преговарачи на Србија и Косово.

Според овие извори, на средбата се очекува да се разговара за редоследот на имплементација на договорот за патот кон нормализирање на односите, како и за други прашања, вклучително, можеби и употребата на валутите за плаќање или она што сега се нарекува „прашањето за динарот".

Американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој е во посета на Приштина, веќе навести дека ќе има средба. Тој по средбата со косовскиот премиер Албин Курти рече дека се надева дека за време на состанокот следниот вторник косовската влада ќе биде флексибилна за ова прашање, без да даде дополнителни детали.

По средбата со Курти, Ескобар изјави за новинарите дека регулативите на Централната банка на Косово за динарот „нанесоа проблеми на некои граѓани на оваа земја“, додавајќи дека САД се „многу загрижени“ поради тоа.

„Премиерот го прифати ова и вети дека ќе погледне некои од предлозите што му ги презентирав денеска“, рече Ескобар.

Прашањето за динарот ги затегна односите меѓу владата на Курти и американската администрација, бидејќи американските власти претходно изјавија дека косовската извршна власт не ги третира како партнери.

Регулативата на Централната банка на Косово, која стапи на сила на 1 февруари, го предвидува еврото како единствена валута за плаќање во Косово.

Државата Србија им доделува милиони евра на Србите во Косово со плаќање во динари - преку паралелен систем - на плати, пензии и дополнителна помош.

Одлуката за регулирање на Централната банка на Косово наиде на критики од САД и Европската Унија, кои тврдат дека е донесена без претходна консултација и без разгледување на негативните ефекти врз српското население на Косово.

Вашингтон побара Косово да го одложи спроведувањето на одлуката, додека ЕУ побара решение за ова прашање да се најде во рамките на дијалогот во Брисел меѓу Косово и Србија, со посредство на европскиот блок.

САД не гледаат знаци дека Русија планира да користи нуклеарно оружје

Рускиот претседател Владимир Путин.
Рускиот претседател Владимир Путин.

Белата куќа на 13 март соопшти дека не видела никакви индикации дека Москва е подготвена да употреби нуклеарно оружје во Украина, откако претседателот Владимир Путин рече дека е подготвен да го распореди доколку суверенитетот на Русија биде загрозен.

„Не видовме причина да го прилагодиме нашиот сопствен нуклеарен став, ниту пак некакви индикации дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје во Украина“, рече портпаролката Карин Жан-Пјер.

Путин во интервју објавено на 13 март рече дека Русија е технички подготвена за нуклеарна војна и дека ако САД испратат војници во Украина, тоа ќе се смета за значителна ескалација на конфликтот.

Коментирајќи ги зборовите на Путин, Карин Жан-Пјер им рече на новинарите дека Вашингтон разбира дека рускиот лидер ја повторува нуклеарната доктрина на Москва, но таа ја обвини Русија дека користи „непромислена и неодговорна“ нуклеарна реторика за време на конфликтот во Украина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 14 март изјави дека Путин само одговара на прашањата на новинарите на оваа тема и ги повторува веќе добро познатите околности во кои Русија теоретски ќе биде принудена да користи нуклеарно оружје.

Песков, исто така, го привлече вниманието на фактот дека Путин во истото интервју рече дека идејата за употреба на тактичко нуклеарно оружје во Украина никогаш не му паднала на ум.

Запрашан за коментарите на Белата куќа, Песков рече дека тоа „било намерно вадење на нешто надвор од контекст“ и дека Путин во ова интервју не се заканувал со употреба на нуклеарно оружје, туку зборувал за причините заради кои употребата на нуклеарно оружје може да биде неизбежена.

Лидерот на мнозинството во Сенатот на САД, Шумер, повика на избори во Израел

Лидерот на мнозинството во американскиот Сенат, Чак Шумер.
Лидерот на мнозинството во американскиот Сенат, Чак Шумер.

Лидерот на мнозинството во американскиот Сенат, Чак Шумер повика на нови избори во Израел, обвинувајќи го премиерот Бенјамин Нетанјаху дека му дава приоритет на неговиот „политички опстанок“ пред државата.

Шумер, демократ и највисок еврејски функционер во САД, рече дека Нетанјаху „го изгубил патот“. Тој предупреди дека високите цивилни жртви во Газа се ризик да ги отуѓат сојузниците и да го претворат Израел во глобален „парија“.

Тоа е остра ескалација на американските критики кон владата на Нетанјаху, пишува Би-Би-Си.

Говорејќи на говорницата во Сенатот на 14 март, Шумер кој е долгогодишен поддржувач на Израел, остро го критикуваше израелскиот лидер за кој рече дека дозволил „неговиот политички опстанок да има предност пред најдобрите интереси на Израел“. Израел, рече Шумер, мора да направи „корекции на курсот“ и да преземе чекори за подобра заштита на цивилите во Газа.

Повеќе од 31.000 Палестинци се убиени во Газа од 7 октомври, соопшти минатиот месец Министерството за здравство предводено од Хамас - палестинско движење кое САД и Европската унија го сметаат за терористичка организација. Повеќе од 31.000 убиени се околу 1,3 отсто од 2,3 милиони жители на палестинската територија.

Израел не се откажува од инвазијата и уништувањето на Хамас, кој на 7 октомври минатата година, заедно со сојузничките палестински екстремистички организации, уби околу 1.200 луѓе, главно цивили, на јужната израелска територија и киднапираше повеќе од 250 заложници.

За да напредуваат мировните разговори, рече Шумер, претседателот на палестинската управа Махмуд Абас, исто така, мора да се повлече. Палестинскиот лидер, кој има 87 години, е малку виден за време на конфликтот и неговата влада нема одржано избори на Западниот Брег од 2006 година.

Коментарите на Шумер предизвикаа критики од лидерот на републиканскиот Сенат во заминување Мич Меконел, кој го нарече 40-минутниот говор „гротескен“ и „невиден“.

Додека САД остануваат најблискиот сојузник на Израел и најголемиот снабдувач на воена помош, загриженоста се зголеми во администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден.

Во интервју за MSNBC на 10 март, претседателот рече дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „повеќе му штети отколку што му помага на Израел“ во неговиот пристап кон војната против Хамас во Газа.

Американскиот претседател го поддржа Израел во прогонот на Хамас, но рече дека Нетанјаху мора да посвети поголемо внимание на страдањата на невините и на последиците од преземените дејствија.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху веднаш ги отфрли критиките на американскиот претседател дека пристапот на Израел кон војната во Газа „повеќе му штети на Израел отколку што му помага“.

„Ако со тоа сакаше да каже дека јас водам приватна политика против мнозинството, желбите на мнозинството Израелци и дека тоа им штети на интересите на Израел, тогаш греши по двете точки“, рече Нетанјаху во интервју за Политико.

Еден ден подоцна, на 11 март, беше објавена годишната проценка на американската разузнавачка заедница за 2024 година, во која се наведува дека десничарската коалиција на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „можеби е во опасност“. Способноста на Израел да го елиминира Хамас исто така е доведена во прашање.

Извештајот, наречен Годишна проценка на заканите, обично следи дводневни сослушувања пред разузнавачките одбори на Сенатот и Претставничкиот дом и е ретка прилика кога врвните лидери на големите американски шпионски агенции сведочат на отворени расправи за низа глобални предизвици и жаришта.

За време на сведочењето во понеделникот на 11 март, директорот на ЦИА рече дека договорот за заложници е најпрактичниот начин да се запре војната во Газа, барем привремено.

Европската комисија отвори истрага за AliExpress

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Европската комисија на 14 март отвори истрага против „AliExpress“, меѓу другото, за можни прекршувања на правилата на Европската унија (ЕУ) за небезбедни производи и заштита на децата.

Комисијата ги истражува наводите дека онлајн продавницата во кинеска сопственост не успева адекватно да управува со ризикот од продажба на опасни материи на платформата, како што се лажни лекови и храна.

Извршната власт на ЕУ, исто така, ја истражува можноста „AliExpress“ да не прави доволно за да ги спречи децата да пристапат до порнографски материјали, се вели во соопштението на Комисијата.

Истрагата се однесува на потенцијални прекршувања на Законот за дигитални услуги (DSA), законот кој ги регулира големите онлајн платформи.

DSA пропишува управување со различни ризици на платформите, вклучувајќи го и ризикот од ширење нелегална содржина и ризикот од штета на потрошувачите, особено на малолетниците.

Ако на крајот се утврди дека „AliExpress“ ги прекршил правилата за ублажување на ризикот на DSA, може да се соочи со казни до 6 отсто од својот глобален годишен приход.

Истрагата ќе испита и дали на „AliExpress“ му недостасуваат „ефикасни мерки за спречување намерна манипулација“ преку „скриени врски“.

Исто така, ќе биде под микроскоп до кој степен „AliExpress“ им дозволува на посетителите на неговата веб-страница да пријавуваат нелегална содржина и да поднесуваат жалби и да спречат персонализирани препораки за производи.

Под лупа е и транспарентноста на алгоритмите на платформата, како и дали „AliExpress“ доволно ги испитува трговците на својата платформа.

Додека некои правила на DSA важат за сите платформи, построги правила за намалување на ризикот важат за оние со повеќе од 45 милиони месечни корисници во ЕУ. Во април 2023 година, комисијата го наведе „AliExpress“ како една таква платформа.

Србија ја продолжи привремената заштита на раселените лица од Украина

Изложба на цртежи на деца од Украина како дел од комеморацијата на 32-годишнината од независноста на Украина (архива).
Изложба на цртежи на деца од Украина како дел од комеморацијата на 32-годишнината од независноста на Украина (архива).

Владата на Србија на 14 март соопшти дека ја продолжува важноста на одлуката за обезбедување привремена заштита на раселените лица од Украина.

„Одлуката е донесена со цел да се обезбеди брз одговор на хуманитарните потреби на раселените лица од Украина и членовите на нивните семејства кои поради моменталната ситуација не можат да се вратат во таа земја“, се вели во соопштението на Владата по седницата. во четврток.

Беше прецизирано дека на овој начин се штитат основните човекови права и слободи на раселените од Украина. Важноста на претходното решение истекува на 18.03.2024 година.

На 7 март, невладината организација Белградски центар за човекови права (BCLHR) ги повика властите во Србија да ја прошират привремената заштита на бегалците од Украина.

На 18 март 2022 година, помалку од еден месец од почетокот на руската инвазија на Украина, Владата на Србија за прв пат го активира механизмот за привремена заштита на лицата кои биле принудени да ја напуштат таа земја или биле евакуирани, а кои поради војната не можат да се вратат дома.

BCLJP објави дека оттогаш во Србија е доделена привремена заштита на повеќе од 1.500 лица,

Една година подоцна, официјален Белград ја продолжи таа одлука.

На крајот на август 2023 година, владата изјави дека во Србија има 43.000 раселени лица и бегалци од Украина.

ДИК ја потврди одлуката на Собранието да се гласа и со неважечки документи

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Државната изборна комисија (ДИК) денеска соопшти дека избирачите на претстојните претседеталски и парламентарни избори на 24 април и 8 мај, ќе можат да гласаат со лична карта или со патна исправа чија што важност истекла во периодот од девет месеци до денот на одржување на изборите.

Тоа е согласно преодната одредба од измените на Изборниот законик која ќе се применува само за изборите оваа година, велат од ДИК.

Инаку, Собранието на 7 март изгласа измени на Изборниот законик кои предвидува да се гласа и со „неважечки документи“.

Тоа беше направено во услови кога повеќе од 100.000 граѓани кои имаат право на глас на претстојните претседателски и парламентарни избори во Северна Македонија немаат важечка лична карта, а пасошите што ги поседуваат се со старото уставно име, покажуваа податоците од Министерството за внатрешни работи.

Како што соопштуваат од ДИК, согласно измените на Изборниот законик, во Избирачкиот список се запишуваат сите граѓани со наполнети 18 години живот заклучно со денот на изборите, според актот за распишување на изборите, кои имаат живеалиште на територијата на Република Северна Македонија.

„Тоа конкретно значи дека на претседателските избори ќе може да гласаат граѓаните на кои по кој било основ, по сила на закон или по рок на важност им истекле личните документи од 24.07.2023 година доденот на изборите 24.04.2024 година и на парламентарните избори ќе може да гласаат граѓаните на кои по кој било основ, по сила на закон или по рок на важност им истекле личните документи од 08.08.2023 година до денот на изборите 08.05.2024 година, се наведува во соопштението.

Ова известување, како што посочуваат од ДИК, ќе биде составен дел на Упатството на Државната изборна комисија за начинот на утврдување на идентитетот на гласачите, според кое ДИК ќе ја врши и законската задолжителна обука на сите избирачки одбори.

Меѓу другото, се допрецизираат одредбите во однос на регистрацијата на гласачите со цел сите гласачи кои ги исполнуваат условите да бидат запишани во избирачките списоци, со отстранување на ограничувањата врз основа на истечени документи за идентификација, како и со разјаснување на процедурите за вклучување во избирачките списоци на лицата кои ќе наполнат 18 години помеѓу двата изборни круга.

Со измените на Изборниот законик од 7 март, меѓу другото, се допрецизираа одредбите во однос на регистрацијата на гласачите со цел сите гласачи кои ги исполнуваат условите да бидат запишани во избирачките списоци, со отстранување на ограничувањата врз основа на истечени документи за идентификација, како и со разјаснување на процедурите за вклучување во избирачките списоци на лицата кои ќе наполнат 18 години помеѓу двата изборни круга.

Поранешниот московски пратеник Горинов „мачен“ во затвор

Алексеј Горинов.
Алексеј Горинов.

Независната медиумска група „РусЊуз“ на 14 март објави писмо напишано од поранешниот московски општински пратеник Алексеј Горинов.

Во писмото се вели дека Горинов редовно е „мачен од страна на стражари“.

Горинов отслужува седумгодишна затворска казна којашто му беше изречена во јули 2022 година за неговиот став против руската агресија врз Украина.

62-годишниот Горинов, кој има здравствена состојба, напиша дека поради тоа што бил етикетиран со статус „наклонет кон бегство“, чуварите го будат секој втор час во текот на ноќта „за да го проверат“.

Дополнително, Горинов напиша дека чуварите му ги одзеле лековите што му се потребни за неговиот хроничен бронхитис и проблеми со белите дробови.

Хрватскиот парламент се распушти, редовни избори во април или мај

Влез во зградата на хрватскиот Сабор во Загреб.
Влез во зградата на хрватскиот Сабор во Загреб.

Хрватскиот Сабор, односно парламентот, се распушти на 14 март, со гласовите на сите присутни пратеници, односно 143 од вкупно 151, што значи дека во април или мај ќе се одржат редовни парламентарни избори.

Премиерот и претседател на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ) неодамна најави распуштање на Парламентот за како што рече, да има доволно време за формирање на ново парламентарно мнозинство и влада.

Одлуката за датумот на изборите треба да ја донесе претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ во рок од 30 до 60 дена, а изборите може да се одржат меѓу 14 април и 12 мај.

Владејачкото мнозинство претходно пред две недели го отфрли предлогот на опозицијата за распуштање на Собранието. Последното свикување на хрватскиот Сабор беше конституирано на 22 јули 2020 година.

Од 151 пратеник во хрватскиот Сабор, 140 се избираат во десет изборни единици во Хрватска. Тројца ги избира дијаспората, односно гласачите кои не живеат во Хрватска, а осум места се резервирани за претставниците на националните малцинства, кои се избираат во посебна, 12-та изборна единица. Меѓу нив има три места за претставници на српското национално малцинство.

На претходните парламентарни избори, одржани на 5 јули 2020 година, најмногу гласови освои коалицијата предводена од ХДЗ, 36,4 отсто, а опозицискиот сојуз околу Социјалдемократската партија (СДП) го зазеде второто место со 24,3 отсто од гласовите.

Заедно со парламентарните избори, годинава на 9 јуни во Хрватска ќе се одржат и европски избори, а на крајот на годината претседателски.

Квинта ја поздрави одлуката на Владата на Косово за земјиштето на манастирот Дечани

Манастирот Високи Дечани на Косово.
Манастирот Високи Дечани на Косово.

Шефовите на мисиите на Франција, Германија, Италија, Обединетото Кралство, Соединетите Американски Држави и Европската Унија (ЕУ) ја поздравија и ја пофалија акцијата на Владата на Косово за спроведување на одлуката на Уставниот суд од 2016 година, со која се потврди сопственост на хектари земјиште на манастирот Високи Дечани.

„Упатувањето на Катастарската агенција на Косово да го регистрира ова земјиште во манастирот Високи Дечани и да се осигура дека оваа постапка е завршена е значаен чекор напред на косовските власти во согласност со нивните европски и евроатлантски аспирации“, се вели во соопштението од 14 март на земјите на Квинта.

„Како што изјавивме минатиот мај на годишнината од одлуката на Уставниот суд, спроведувањето на владеењето на правото и почитувањето на независноста на судството се обврски за сите демократски избрани влади и неопходни предуслови за интеграција на Косово во европските и евро- Атлантските институции“, потсетија од Квинта.

Косовскиот премиер Албин Курти на 13 март изјави дека неговата Влада побарала од Катастарската агенција на Косово да ја спроведе одлуката на Уставниот суд на Косово од 2016 година за пренос на земјиште на манастирот на СПЦ Високи Дечани.

На седницата на Владата на Косово, премиерот рече дека тоа е направено поради спроведувањето на одлуката на Уставниот суд со која се наредува предавање на 24 хектари земјиште на манастирот Високи Дечани.

САД и Германија ја поздравија одлуката на Владата на Косово, а Здружението на историчари на Косово „Али Хадри“ најави тужба до Судот за човекови права во Стразбур.

Тоа прашање би можело да биде пресудно за барањето на Косово за членство во Советот на Европа, за време на Парламентарното собрание на таа институција, кое ќе се одржи во април.

Како што неофицијално дознава Радио Слободна Европа од свои извори во црковните кругови, Рашко-призренската епархија нема да се огласи додека целосно не се увери дека на име на манастирот Високи Дечани се запишани 24 хектари земја и шума.

Курти рече дека иако на Владата на Косово не и се допаѓа одлуката на Уставниот суд, која ја окарактеризира како „чудна“ и „неправедна“, таа нема правни средства да ја поништи.

Американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, по средбата со претседателката Вјоса Османи во Приштина на 13 март изјави дека „колку што беше важна и тешка, денешната одлука за манастирот беше многу неопходна“.

Реагираше и градоначалникот на општина Дечани, Башким Рамосај, кој е член на опозициската партија Алијанса за иднината на Косово на Рамуш Харадинај, кој рече дека три години чека средба со премиерот Курти, за да разговара со него за спорниот имот.

„Кога не можете да направите нешто добро за земјата, тогаш не правете ни лошо“, напиша тој на Фејсбук.

Претседателот на општина Дечане Рамосај во изјава за Радио Слободна Европа на 6 март рече дека неговите изјави за оваа работа се јавни и дека не сака ништо повеќе да додава. Тогаш на прашањето што ќе се случи доколку Владата на Косово побара спроведување на одлуката, тој рече дека не верува дека Владата ќе побара такво нешто.

Претходно овој месец, Радио Слободна Европа објави дека Владата на Косово очекува локалната власт во Дечани – општина на западот на земјата – да ја спроведе одлуката на Уставниот суд, додека општина Дечани, која се спротивстави на спроведувањето на одлука, вели дека не го променила својот став.

Протест во Приштина поради сомневање за силување на малолетничка

Демонстрантите маршираа од плоштадот „Захир Пајазити“ до зградата на Владата во главниот град со транспаренти „Безбедност за жените“, 14 март 2024 година.
Демонстрантите маршираа од плоштадот „Захир Пајазити“ до зградата на Владата во главниот град со транспаренти „Безбедност за жените“, 14 март 2024 година.

Десетици граѓани протестираа на 14 март во Приштина барајќи безбедност и правда за девојчињата и жените, по сомневања дека неколку дена претходно било силувано малолетно девојче.

Демонстрантите маршираа на плоштадот „Захир Пајазити“ во главниот град на Косово, држејќи плакати со натписи „Безбедност за жените“, „Долу патријархатот“, „Жени, револт“ и „Правда за жените“.

Протестот го организираше Колективот за феминистичка мисла и акција.

Основниот суд во Пеќ на 13 март за Радио Слободна Европа потврди дека две лица се уапсени и осудени на едномесечен притвор како осомничени за силување на тринаесетгодишно девојче во Глоговац.

Во дневниот извештај од 11 март, косовската полиција наведува дека истражува случај кој го опиша како „исчезнување на жртва“.

„Изјавено е дека жртвата излегла од куќата и дека нејзината локација не е позната. На 11.03.2024 година околу 00:50 часот од страна на истражната единица била лоцирана жртвата која била следена од двајца осомничени мажи. Случајот се истражува“, се наведува во извештајот.

Мрежата на жени на Косово (KWRK) преку објава на Фејсбук ги повика властите да ги изведат осомничените пред лицето на правдата.

КрГК бара институциите, особено Обвинителството во Пеќ, да спроведе сериозна истрага за прекршокот и да подготви обвинителен акт за прекршителите да ја добијат заслужената казна, објави оваа мрежа.

„Силувањето на девојки и жени во нашето општество останува една од главните грижи, поради што сите мораме да го креваме гласот, постојано и без никакви компромиси“, додава мрежата.

Во Косово, според податоците на косовската полиција, секоја година се пријавуваат десетици случаи на сексуално насилство.

Мрежата на жени на Косово соопшти дека најголем број жртви на ова насилство се девојчињата на возраст од 13 до 16 години.

Кривичниот законик на Косово предвидува казни од две до 15 години затвор за силување и други сексуални напади.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG