Достапни линкови

Интервју – Теодора Грнчароска Обрадовиќ


Постојат научни докази дека се зголемува концентрацијата на јаглеродниот диоксид во атмосферата, а исти такви податоци постојат и за Македонија, вели националниот координатор за климатски промени во Македонија, Теодора Грнчаровска Обрадовиќ, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.


Дали навистина климата се менува и постојат ли научи докази дека тоа е така?

Да, постојат докази дека климата навистина се менува засилено заради негативно влијание на човечките активности, но таа се менува и заради природни процеси. Меѓутуоа она што е предмет на интерес на меѓународната заедница е намалување на негативното влијание од она што се нарекува негативни активности на човекот како на пример, неправилно сечење на шумите, неправилно работење со енергетските сектори итн. Значи она што е предмет на фокус е да се намали негативното влијание предизвикано од човечките активности.

Има ли податоци за Македонија и што зборуваат пресметките за истото?

Да, постојат податоци и на глобално ниво што ги прави Меѓународниот панел за климатски промени кој што како што знаете е добитник на Нобеловата награда за мир минатата година и тоа тело претставува научно тело на Конвенцијата и сите акции што на меѓународно ниво ги предлага Конвенцијата се темелат на податоци и извештаи од тоа научно тело. Значи постојат научни докази дека се зголемува концентрацијата на јаглеродниот диоксид и на неговите еквиваленти во атмосферата, и тоа засилено во текот на минатото столетие, а исти такви податоци постојат и за Македонија коишто се опфатени со вториот национален извештај за климатски промени којшто беше доставен до Конвенцијата уште во 2009 година. Во моментов се подготвува третиот Национален извештај кој се надеваме дека ќе понуди нови податоци и ќе ја поткрепи оваа теза дека климата се менува. Во извештајот идентификувани се т.н. најранливи сектори кои што најмногу трпат последици од климатските промени, а тоа е пред се земјоделството, водните ресурси, билошката разновидност, туризмот, човековото здравје итн. Ако се погледне самиот извештај постојат и фактички бројки со кои се докажува и економската логика која што стои зад на пример намалување на одредени приноси заради климатските промени, намалување на квалитет или квантитет на водените ресурси итн. Кратко кажано, да постојат бројки и научни податоци и докази дека менувањето на климата предизвикува негативни последици.

Може ли да ни посочите конкретни примери? На пример се споменуваат теории според кои со порастот на температурите се предвидуваат последици особено за јужниот дел од земјата?

Сите секторски анализи се прават врз основа на одредени сценарија кои што важат за сите сектори и тие се применуваат во анализите што се правени по различни сектори. Она што е основно од што се тргнува е дека ќе се зголемува просечната температура, а ќе се намалува нивото на просечните врнежи и од тој аспект тргнувајќи се правени анализи по различните сектори. Конкретно за секторот земјоделство постојат податоци дека на пример во штипскиот регион до 2050 година ќе се намали приносот на зимската пченица до 17%, она што е можеби најфрапантно да кажам, е дека во гевгелискиот регион се очекува намалување на приносот на доматите за 80% во 2050 година. Меѓутоа тука би апелирала на воздржаност во толкување на резултатите бидејќи сепак се работи за сценарија и модели коишто се прават врз основа на одредени претпоставки. Сите овие претпоставки во секторот земјоделство се правени на пример дека ќе нема наводнување и затоа кога се толкуваат одредени резултати би требало да се знаат и претпоставките коишто се земаат за да се дојде до тој резултат.

Факт е топење на глечерите во светот, климатски промени исто така, па можни ли се промени и во хидролошкиот статус во Македонија? Се зборува дека најголемите несогласувања во светот во перспектива ќе се водат за водата за пиење. Што значи ова за нашата земја?

Секторот водни ресурси беше еден од секторите што беше обработува во извештајот како еден од најранливите сектори. Применета е одредена софтерска алатка за да се направи анализа за три водни тека во Македонија, тоа се реките Вардар, Треска и Брегалница и со примена на таа софтверска алатка е докажано дека на пример годишните протеци ќе имаат опаѓачки тренд и тоа 4% за реката Треска, или 11 до 16% за реките Вардар и Брегалница до 2050 година. Исто така достапноста на вода до 2100 на сливот на реката Брегалница би се намалил за 24%, споредено со 7% намалување на сливот на реката Треска. И како трет заклучок според извештајот е дека се очекуваат почести појави на сушни периоди, поројни води и зголемен интензитет на истите, со тоа што вкупната достапност на вода во земјата по сливот на реката Вардар ќе се намали во просек за 18% до 2100 година. Значи овие факти би требало да се земаат во предвид во планирањето на одредени други политики пример, развивањето на енергетскиот сектор, во земјоделската политика итн.

Овие извештаи имаат и предупредувачка улога. Како може да се намали штетното влијание од климатските промени?

Се разбира дека има начин. Двата главни начини за намалување е или да се интервенира на изворот кој што предизвикува емисија на вакви штетни супстанци коишто предизвикуваат ефект на стаклена градина, или пак да се зголеми адаптивноста на секторите коишто трпат последица од негативно влијание. Што се подразбира под тоа? Под првото, односно намалување на изворите се преземање на сите мерки кои намалуваат емисија на стакленички гасови, значи порационална употреба на енергија, засилена употреба на обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, правилно управување со отпадот, правилно управување со земјоделскиот, животинскиот отпад итн. Значи тоа е едната категорија на мерки за намалување на емисија на стакленички гасови, додека втората категорија мерки или адаптациони мерки се мерки за зголемување на адаптивноста на секторите односно намалување на нивната сензитивност кон негативни последици кон климатските промени, а тоа пак бара правилни политики кон секој од секторите - сектор водни ресурси, сектор земјоделство, сектор шумарство итн. Понатаму она што ние пропагираме е интегрирање во пристапите, односно не само гледање на еден сектор како чиста економска категорија туку негово поврзување со останатите сектори и приоретизација во донесувањето на одлуки. На пример, ако одреден регион бараме да остане земјоделски дали треба да се развива и во друга насока или да остане како земјоделски регион итн, од аспект на правилно управување заради намалување на климатските промени.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG