Достапни линкови

Вести

Во Данска осуден човек за тероризам

Судот во Копенхаген, осуди на 12 години затвор еден Чеченец за неуспешен бомбашки напад во Дaнска. Дваесет и пет годишниот маж е осуден за обид за тероризам и поседување на нелегално оружје. Бомбата екплодирала во тоалет во еден хотел во Копенхаген, на 10 септември, минатата година. Истражителите веруваат дека бомбата експлодирала по грешка, и дека човекот сакал да ја испрати во данскиот весник, кој објави карикатура на пророкот Мухамед, што предизвика негодувања во муслиманскиот свет.

види ги сите денешни вести

Собранието на Република Српска изгласа извештај со кој се негира геноцидот во Сребреница

Народно Собрание на РС, Бања Лука (архивска фотографија)
Народно Собрание на РС, Бања Лука (архивска фотографија)

Народното Собрание на Република Српска (РС) денеска (18 април) го усвои извештајот на Независната меѓународна комисија за истражување на страдањата на сите народи во регионот на Сребреница од 1992 до 1995 година.

Овој извештај беше претставен на седницата на Народното собрание уште во јуни 2021 година и во него, меѓу другото, е наведено дека „не е извршен геноцид во Сребреница“.

Комисијата која го подготви овој извештај, беше формирана од Владата на Република Српска.

Во парламентот, за гласаа сите 73 пратеници кои беа присутни. Пратеничката група на Социјалдемократската партија (СДП), пак, пред почетокот на седницата соопшти дека нема да учествува на неа бидејќи на дневен ред биле одлуки кои водат, како што истакнаа, „на поделба на Босна и Херцеговина и опасноста од нови конфликти“.

За потсетување, во 2007 година, Меѓународниот суд на правдата во Хаг го окарактеризира злосторството во Сребреница како геноцид, во кое во јули 1995 година беа убиени повеќе од 8.000 мажи и момчиња од тогашната енклава под заштита на Обединетите нации.

За овие злосторства, беа осудени повеќе од 50 лица кои добија вкупно околу 700 години затвор.

На седницата на Народното Собрание на Република Српска беа усвоени и низа заклучоци, меѓу кои и еден со кој се осудуваат постапките на постојниот претставник на Босна и Херцеговина во Обединетите Нации, Златко Лагумџија. Според заклучокот, неговите постапки кои се насочени кон подготовка и доставување на Предлог за резолуцијата за геноцидот во Сребреница до Генералното собрание на ОН, се недозволиви и неприфатливи.

Во него се додава и дека тоа е направено „без консултации и согласност на институциите, ентитетите и конститутивните нации на БиХ, а со цел да се демонизираат Република Српска и српскиот народ како геноцидни“.

Еден од коспонзорите на оваа резолуција во ОН, заедно со САД, Германија и други земји, е и Северна Македонија, за што одлуката ја донесе министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Радио Слободна Европа, имаше увид во нацртот на резолуцијата, која, меѓу другото, повикува на безрезервна осуда на секое негирање на геноцидот и ги повикува членките на ОН да ги зачуваат утврдените факти и да развијат соодветни програми преку нивните образовни системи, со цел во иднина да се спречи ревизионизам и геноцид.

Српскиот народ, како и колективната одговорност, не се директно спомнати во овој документ.

Генералното собрание на ОН треба да гласа за резолуцијата на пленарна седница на 2 мај.

ДУИ на стартот на кампањата симулираше гласање на уставни измени

ДУИ симулираше уставни измени за вметнување на Бугарите во Уставот и за избор на претседател во Собранието, 18 април 2024 г.
ДУИ симулираше уставни измени за вметнување на Бугарите во Уставот и за избор на претседател во Собранието, 18 април 2024 г.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) со партнерите од коалицијата „Европски фронт“ на првиот ден од кампањата за парламентарните избори организираше настан на кој симулираше конститутивна седница на Собранието на која се носат уставни измени.

На почетокот на симулациската седница тие „го избраа“ коалицискиот партнер Зијадин Села за претседател на Собранието. Потоа, симулираа дека едногласно со 120 гласа се носат и уставни измени.

Симулацијата се однесуваше на усвојување амандмани на Уставот со кои во него се вметнуваат бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египетскиот народ. Другиот дел од уставните измени што „Европскиот фронт“ ги симулираше беа за избор на претседател на државата во Собранието при што го „инаугурираа“ Бујар Османи за шеф на државата.

Во изјава за медиумите, Артан Груби од ДУИ, рече дека симулациска седница ја претставува идејата на тоа на што ќе инсистира оваа коалиција во Собранието и во Владата.

На настанот говори одржаа претседателите на партиите од коалицијата: Мунир Колашинац од Бошњачкиот демократски сојуз, Фатима Османовска од Унијата на Ромите, Аријанит Хоџа од Европска демократска партија, Скендер Реџепи-Зејд од Народно движење, Бејџан Иљаз од Демократската партија на Турците, Зиајдин Села од Алијансата за Албанците и Али Ахмети од ДУИ.

Нивните главни пораки беа во насока на поддршка на уставните измени.

Кампањата за парламентарните избори, која започна денеска (18 април), ќе трае до 6 мај. Гласањето ќе биде на 8 мај.

Во трка за освојување пратенички мандати покрај „Европскиот фронт“ на ДУИ, се и кандидати од уште 16 други коалиции и партии.

Паралелно, во тек е и претседателската кампања која влегува во својот финиш. Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април. Во трка се седум кандидати за шеф на државата, а двајцата кои ќе освојат најмногу гласови ќе се пласираат во вториот круг за кого гласањето ќе биде истиот ден со парламентарните избори – 8 мај.

Без договор заврши новата рунда разговори за употребата на динарот во Косово

Уличен продавач покажува банкноти со српскиот динар во градот Грачаница, централно Косово, 1 март 2024 г.
Уличен продавач покажува банкноти со српскиот динар во градот Грачаница, централно Косово, 1 март 2024 г.

Без да се постигне договор заврши новата рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина што се одржа во Брисел со цел изнаоѓање преодно решение по одлуката на Централната банка на Косово (ЦБК) за укинување на употребата на динарот за готовинско плаќање на косовска територија.

Веста за исходот од денешните разговори ја соопшти главниот преговарач на Србија, Петар Петковиќ, кој најави дека следната средба ќе се одржи наредната недела.

Пред новинарите тој изјави дека белградската страна презентирала „конструктивен предлог“ и додаде оти европскиот посредник Мирослав Лајчак го оценил како „цврста основа“ за продолжување на разговорите.

„Но, другата страна не сака да се договори и не сака да најде решение кога е во прашање динарот“, изјави Петковиќ.

Во Косово, на 1 февруари стапи на сила уредбата на ЦБК, со која еврото стана единствена официјална валута за плаќање во готовина во земјата. Со тоа се забрани употребата на српскиот динар кој како валутата ја користи мнозинското српско население на северот на Косово.

На претходните состаноци за ова прашање, кои ги организираше ЕУ, двете страни разменија мислења за тоа како да се надмине ситуацијата, но поради големите разлики беше невозможно да се најде решение.

Меѓународната заедница побара косовските власти да го одложат спроведувањето на уредбата и да се најде краткорочно преодно решение, бидејќи декретот има влијание врз локалното население на северот на Косово, кое со години добива исплати во динари од буџетот на соседна Србија.

Трендафилов: Ќе се повтори постапката за Работничкиот дом

Зградата позната како Работнички дом се наоѓа во центарот на Скопје (архивска фотографија).
Зградата позната како Работнички дом се наоѓа во центарот на Скопје (архивска фотографија).

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, на 18 април соопшти дека Основниот граѓански суд Скопје донел решение со кое ќе се повтори постапката за заградата на Работничкиот дом која со одлука на Врховниот суд треба да им се одзеде на синдикатите.

Трендафилов очекува дека проблемот ќе се реши во најбрз можен рок.

„До 1 мај очекуваме приоритет на постапката и нова пресуда која ќе значи враќање на предметот на повторно одлучување пред пониските судови, пред првостепениот и Апелациониот суд, или укинување на пресудата на Врховниот суд и на таков начин враќање на Работничкиот дом на работниците“, рече Трендафилов на прес-конференција на 18 април.

Зградата на ССМ се наоѓа во центарот на Скопје. На 9 ноември лани, Врховен одлучи дека таа не им припаѓа на синдикатите туку на државата.

Образложението на врховните судии беше дека „имотот и средствата доделени на општествените организации и здруженија на граѓани, добиени на користење од страна на поранешните општествено-политички заедници и самоуправни интересни заедници, се државна сопственост“.

Ваквата одлука предизвика бурни реакции, но и протести на ССМ пред Врховниот суд.

Скратени часови во деновите пред изборите во училиштата каде што ќе се гласа

Оваа учебна година за средношколците ќе заврши на 10 јуни, а за учениците од основните училишта на 17 јуни (архивска фотографија).
Оваа учебна година за средношколците ќе заврши на 10 јуни, а за учениците од основните училишта на 17 јуни (архивска фотографија).

Во училиштата каде што ќе се гласа на 24 април и на 8 мај на претседателските и парламентарните избори, деновите претходно (23 април и 7 мај) ќе има скратена настава.

Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека двата дена училиштата ќе работат од 7 до 11 часот.

Деновите на гласањето, пак, како што е познато, се неработни денови и за училиштата и за сите граѓани.

„Иако гласањето во рамки на првиот и вториот изборен круг е закажано во работни денови, учениците нема да изгубат од наставата и да пропуштат дел од наставниот материјал“, велат од МОН.

Учебната година, според одлуката од претходно, за средношколците ќе заврши на 10 јуни, а за учениците од основните училишта на 17 јуни.

И средношколците и основците, оваа учебна година (2023/2024) за првпат ќе имаат и пролетен распуст кој ќе трае од 29 април до 6 мај.

Изречен доживотен затвор за свирепото убиство во Кочани

Обвинетиот осуден за доживотен затвор ја уби жртвата со 40-тина убоди со нож (илустрација)
Обвинетиот осуден за доживотен затвор ја уби жртвата со 40-тина убоди со нож (илустрација)

Казна доживотен затвор изрече Основниот суд во Кочани на обвинетиот за убиството на жената која во септември лани 40-тина пати беше прободена со нож.

Обвинетиот признал вина за кривичното дело за кое го товареше обвинителството – „убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп начин“.

„Основното јавно обвинителство Кочани го товареше обвинетиот и за кривично дело – ’уцена‘ кон истата оштетена, сторено пред убиството. Меѓутоа тоа дело обвинетиот не го призна, за што постапката е раздвоена и за тој дел од обвинението ќе продолжи судска постапка“, велат од обвинителството.

Убиството предизвика низа реакции во јавноста, пред сè, од граѓанскиот сектор кој реагираа дека до вакви фемициди доаѓа поради непостапување на институциите.

Истражување на оваа тема насловено „Фемицидот во Северна Македонија – состојба, правна рамка и судска пракса“, во кое се анализирани четири години (од 2018 до 2022), покажува дека во овој период имало 17 постапки за фемицид за 19 кривични дела. Пет од сторителите биле во брак, пет во вонбрачна заедница, четири разведени и тројца неженети. Најголем дел од нив биле невработени. Како жртви се јавуваат нивните сопруги, сегашни или бивши, а потоа следат мајки, баби, или мајки на сопругата.

Мерка притвор од 48 часа за заменик-директорот на косовската полиција во Србија

Дејан Јанковиќ, заменик директорот на косовската полиција
Дејан Јанковиќ, заменик директорот на косовската полиција

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, соопшти дека врз основа на информациите со кои располага, на заменик генералниот директор на косовската полиција Дејан Јанковиќ му е одредена мерка притвор во траење од 48 часа.

Според него, тој е обвинет за уривање на уставниот поредок на Србија.

На прес-конференцијата по седницата на Владата, Свечља рече дека ден претходно „најмалку 1.498 граѓани биле приведени, малтретирани, дека некои биле уапсени и испрашувани во врска со нивното минато, врските со ОВК, нивното или учеството на членовите на семејството во ОВК. како и нивните активности во текот на 1998-99 година“, рече тој.

Тој повика на ослободување на Јанковиќ, но и на другите граѓани на Косово кои според неговите информации се во притвор.

Министерството за внатрешни работи (МВР) потврди дека на Јанковиќ му е одреден притвор до 48 часа.

Како што беше соопштено, притворот на Јанковиќ е определен „за утврдување на фактите и потребните проверки во однос на безбедноста на Република Србија“.

Претходно, Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека четворица припадници на косовската полиција биле приведени во средата на 17 април на територијата на Србија при гранична контрола, а еден од нив е приведен.

За случувањата реагираа и амбасадорите на САД и на Германија во Косово.

Американскиот амбасадор Џефри Ховениер изрази загриженост поради апсењето на заменик-генералниот директор Јанковиќ, но и надеж дека ќе биде ослободен.

„Тој (Јанковиќ) е некој што го познаваме долги години, етнички Србин и припадник на косовската полиција кој вложи многу време и енергија во полицијата, помагајќи ја интеграцијата на српската заедница во косовската полиција“, изјави Ховениер по средбата што ја имаше со косовската претседателка Вјоса Османи.

Германскиот амбасадор Јорн Роде, пак, преку социјалните мрежи обвини дека е неприфатливо приведувањето на косовски полицајци во Србија.

„Деескалација веднаш! Притворањето на косовските службеници задолжени спроведување на законот, вклучително и косовски Срби, од страна на српските власти е неприфатливо и секако не е она што може да се очекува од земја кандидат за членство во ЕУ. Ова мора веднаш да заврши“, напиша Роде на платформата Икс.

Тој порача и оти очекува политичарите од редовите на косовските Срби да зборуваат во име на своите сограѓани.

СДСМ и коалицијата „За европска иднина“ го означија почетокот на кампањата за парламентарните избори

СДСМ и коалицијата „За европска иднина“ ја почнаа кампањата за парламентарните избори 2024
СДСМ и коалицијата „За европска иднина“ ја почнаа кампањата за парламентарните избори 2024

Со настан во Музејот на современа уметност, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Kоалицијата за европска иднина, го означија почетокот на кампањата „Нема откажување од иднината“, за претстојните парламентарни избори.

Со видео обраќање, членот на германската сестринска партија ПЕС, Олаф Шолц, прати јасна порака дека за силна ЕУ е потребен процесот на проширување со Северна Македонија и државите од Западен Балкан.

„Во оваа кампања ќе зборуваме повеќе за иднината. Ветуваме просечна плата од 1100 евра и минимална плата од 600 евра. Со влезот во ЕУ проектираме дека ќе достигант до 1300 евра просечно, односно по 800 евра минимална плата. Обезбедивме по 200 евра прво вработување за млади до 26 години. Првпат во историјата ќе има едноцифрена бројка на невработеност од 7 проценти до крајот на мандатот. За пензионерите ќе обезбедиме просечна пензија од 30 000 денари, минимална од 20 000 денари, зголемени со влезот во ЕУ“, рече Ковачевски.

На настанот, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски се осврна и на сработеното во изминатиот мандат на Владата предводена од СДСМ и коалицијата за европска иднина, но и ги потенцираше мерките предвидени во програмата на Kоалицијата за европска иднина, опишувајќи ја програмата како реална, остварлива и заклучувајќи дека нема откажување додека секој ред од неа не стане реалност.

Ковачевски најави и решителна и поефикасна борба против криминалот и корупцијата.

„Нема да има веќе предмети по фиоки, ќе го спроведеме ветингот на судиите и јавните обвинители, кому му се допаѓало или не. Ќе започне прво од кандидатите на листата на изборната единица 1, ќе продолжи со политичарите, а ќе се зпресели и кај судиите и обвинителите, и сите оние кои изминатите 32 години собраа богатство кое го употребуваат и злоупотребуваат за влијание во системот“, рече Ковачевски во своето обраќање.

Ковачевски најави целосна реформа на судскиот совет и советот на јавни обвинители, драстично зголемување на платите на медицинскиот персонал. Специјалистите, како што ветува СДСМ, ќе добиваат плати до 80 000 денари, општите доктори 120.000 денари, а медицински сестри до 90 000 денари, како и укинување на партиципацијата од 20 отсто за сите граѓани.

ЕУ бара од Република Српска да ги запре нацрт-законите кои го нарушуваат уставниот поредок на БиХ

Armenia-Flags of Armenia and EU, undated
Armenia-Flags of Armenia and EU, undated

Европската Унија го повика раководството на Република Српска да ги запре иницијативите за усвојување закони кои ќе го нарушат уставниот поредок на Босна и Херцеговина и ќе го загрозат нејзиниот европски пат.

Во денешното соопштение, ЕУ предупреди дека Собранието на Република Српска расправа за усвојување на законодавни иницијативи кои ќе го нарушат уставниот поредок на БиХ, функционалноста на нејзините институции и основните слободи и ќе бидат во спротивност со обврските на БиХ на нејзиниот пат кон ЕУ.

„Очекуваме раководството на ентитетот да ги запре овие законски иницијативи, вклучително, пред сè, нацрт-законите за избори, референдум, имунитет и „странски агенти“, се додава во соопштението на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).

ЕУ нагласува дека мора да се почитуваат суверенитетот, територијалниот интегритет, уставниот поредок, вклучително и одлуките на Уставниот суд и меѓународниот идентитет на БиХ и додаваат дека секое дејство против овие принципи ќе предизвика сериозни последици.

Брнабиќ го прифати барањето локалните и белградските избори да се одржат во ист ден

Ана Брнабиќ, претседателка на Собранието на Србија
Ана Брнабиќ, претседателка на Собранието на Србија

Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, во четврток (18 април) најави дека локалните избори ќе се одржат на ист ден со изборите во Белград, на 2 јуни.

Таа на прес-конференцијата рече дека за оваа одлука ќе биде потребна измена на Законот за локални избори и оти очекува да распише избори на 21 април. Истакна дека разговорите со опозицијата траеле 17 дена.

Брнабиќ претходно изјави дека барањето на опозициската коалиција Србија против насилството (СПН) за комбинирање на одржувањето на Белград и другите локални избори е неуставно и неприфатливо.

„Ситуацијата во која се наоѓа нашата земја е исклучително тешка. Притисоците се секојдневни, разновидни и континуирани. Во такви услови ни треба што е можно поголема внатрешна стабилност. Доколку околностите во кои се наоѓа Србија беа поинакви, верувам дека мојата и одлуката би била поинаква“, рече Брнабиќ.

Таа додаде дека ќе продолжи да работи според препораките на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР).

Брнабиќ повтори дека ќе се формираат две работни тела за подобрување на изборните услови.

Според неа, едното работно тело ќе се занимава со измени и дополнувања на сите релевантни закони со кои се применуваат препораките на ОДИХР, а другото ќе врши увид, контрола, надзор над избирачкиот список и по потреба негова ревизија.

Опозицијата на претходните средби изнесе три барања - формирање комисија која ќе го проверува избирачкиот список, отворање на Радио-телевизија Србија за сите учесници на изборите, како и одржување на изборите во Белград и локалните избори во ист ден.

Власта во принцип ги прифати првите две барања, а третото го отфрли, по што опозицијата најави дека не сака да преговара за првите две додека не се прифатат трите барања.

Изборите во Белград беа повторно распишани, бидејќи по гласањето во декември 2023 година, ниту една листа не освои мнозинство за да формира влада во Белград.

Неколку недели по изборите, во Србија се одржаа протести на кои се бараше поништување на изборите и распишување нови под различни услови.

Опозициските коалиции Србија против насилството и НАДА ја обвинија владејачката коалиција предводена од Српската напредна партија (СНС) за изборна кражба.

На бројни нерегуларности за време на вонредните парламентарни, покраински и локални избори одржани на 17 декември во Србија укажаа и меѓународните и домашните набљудувачки мисии.

Надлежните постојано негираа дека имало посериозни изборни нерегуларности.

Во февруари, Европскиот Парламент усвои резолуција со која бара од властите во Србија да ја олеснат меѓународната истрага за наводните нерегуларности, со посебен осврт на изборите за градското собрание на Белград.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG