Достапни линкови

Балканските прашања дефинитивно не се розови. Единствената светла точка е Хрватска, која наскоро може да очекува покана за членство во Европската унија. Но, за Србија и за остатокот од Западен Балкан, изгледите за пристапување остануваат далечни, наведува експертот за Балканот, Миша Глени, во анализата објавена во Фајненшал Тајмс.

Трите големи проблеми кои произлегоа по распадот на Југославија продолжуваат да го оптоваруваат регионот: Косово, Босна и Македонија. Две последици од глобалната финансиска криза го направија понепријатно нивното решение. Првата е што расте опозицијата меѓу земјите членки на ЕУ за проширувањето на Унијата. Втората е што Балканот и сам е погоден од кризата, странските инвестиции во регионот нагло опаднаа, а невработеноста достигна нови височини.

Сепак, и покрај навидум нерешливите политички проблеми и мрачни економски изгледи, сите земји од Западен Балкан придонесоа за значајна ренесанса во регионалната соработка. Брисел не ги принуди на тоа. Тоа е особено во борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Во рамките на таквата соработка лежат ефективни политички механизми кои би можеле да бидат клучни за решавање на повеќе проблематични политички загатки, се наведува во текстот во кој се додава:

Заедно можеме повеќе и подобро

Регионот учи дека некогаш повеќе може да се добие ако се работи заедно, отколку под раководтсво на ЕУ или на САД. Секој е во исчекување да види дали Европската унија ќе го награди Белград за апсењето на генерал Младиќ. Српскиот претседател Борис Тадиќ, веројатно се надева дека Брисел ќе го намали притисокот врз неговата влада да направи отстапки за Косово. Со изборите кои доаѓаат во Србија, тој не сака да се покажува претерано великодушен во разговорите меѓу Србија и Косово. Во меѓувреме, владата во Приштина има мал поттик да постигне договор, бидејќи едвај тргнала по патот кон членство во Унијата. Наместо тоа, Приштина се потпира врз поддршката на Вашингтон кој ја охрабрува да извлече максимални отстапки од Србија, под што се подразбира целосно признавање.

Босанскиот муфтија Мустафа Цериќ и претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо.

Во последниве години, проблемите во Босна се продлабочија. Дејтонскиот договор, со кој заврши војната и го обликува уставот на земјата, веќе не функционира. Најважниот политичар во земјата останува странец. Тоа е високиот претставник, кој продолжува да решава за судбината на земјата. Сепак, стравот, изразен од поранешниот висок претставник Педи Ешдаун, дека во Босна може повторно да дојде до насилство, е неоправдан. Тоа може да се случи само ако Загреб и Белград, двата матични брода на босанските Хрвати и на босанските Срби сакаат да се вклучат во војна.
Но, тие се премногу зафатени со прикажување пред Брисел дека се одговорни. Трпение, советува Карл Билт, министер за надворешни работи на Шведска и прв висок претставник во Босна.

„Со Хрватска и Србија на патот кон Европската унија, и Босна неизбежно ќе се движи во иста насока“, вели тој,

Билт додава дека стапот од Дејтон веќе не функционира, но со текот на времето ќе проработи морковот од Брисел.

Иронијата на Македонија

Иронично, Македонија може да покаже излез од овие проблеми. Изолирана со години благодарение на подмитливи политичари, болна етничка поделба и горчлив спор околу името на државата со Грција, владата во Скопје тивко и интензивно разговара со Атина за кршење на ќорсокакот, без посредство ни од ЕУ ни од САД. Микроменаџментот, дали од САД на Косово или од Европската унија во Босна, е контра-продуктивен. Наместо тоа, вистински стимулативни мерки за добро управување ќе го движат регионот кон неопходните реформи, наведува експертот за Балканот, Миша Глени, во текстот објавен во Фајненшал тајмс.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG