Достапни линкови

Интервју - Али Ахмети


Лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети

Лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети

Доколку политичките партии сериозно мислат дека е потребен еден нов политички договор во Македонија, тогаш јас мислам дека оваа игра е премногу ризична и лоша игра, вели лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети, во интервју за Радио Слободна Европа.




Господине Ахмети, опозицијата до сега ја критукуваше ДУИ дека има пасивна улога во владата - дека не реализирала голем дел од проектите, дека не ги застапува доволно албанските интреси во земјава, ниту во проектот Скопје 2014-та. Колку имавте простор да ја реализирате вашата програма во досегашната влада?

Па сега сосема е природно опозицијата да ја критикува власта и со тоа да изразува незадоволство. ДУИ влезе во Владата со јасна програма за да ја водат државата со ВМРО-ДПМНЕ. Се работи за многу транспарентна програма, почнувајќи од најважните прашања за Албанците, се однесуваат на барањата кои произлегуваат од рамковниот договор, се до поделбата на буџетот на државата. Јас ќе земам само еден пример, бидејќи ни се случува често пати да слушам од моите политички опоненти дека материјалните средства не се распределуваат подеднакво меѓу Албанците и Македонците и јас во оваа насока мислам дека има простор за разговор, има простор за дискусија, но воопшто не се согласувам дека нема никави инвестиции во делот каде што мнозинството се Албанци.
На пример, ќе земам два моменти кои се многу значајни за Албанците. Се работи за инвестиции кои се направени во Универзитетската клиника во Тетово, се работи за инвестиција која е 10 милиони евра во склоп на Државниот тетовски универзитет и други 10 милиони евра кои минатата година се инвестирани за изградба на неколку училишта.
Што се однесува на вашето конкретно прашање и инвестициите што се поврзани со Скопје 2014 - овој проблем го наследивме од минатата власт и ние со нашите можности се стремевме да го промениме концептот, на овој проект кој што го наследивме. За поздравување е одлуката на општина Центар да се постават уште три споменици на тројца видни албански дејци како што Пјетр Богдани, Јосиф Багери, и Неџат Аголи, како и проектот за изградба на плоштадот Скендер бег, кој што е многу добар проект. Се работи за проекти кои се опфатени во програмата на ДУИ. Е сега ако ме прашувате дали сум задоволен, нормално, останува уште многу работи да се направат, не може да претендираме дека се’ се реализира, и дека сите работи се завршени, бидејќи има уште многу работи кои што чекаат да се завршат, но сепак јас ќе заклучам дека работатите се движеле во позитивна насока, но не до одлична точка.



Како гледате на барањата на опозициските партии да се редефенира Рамковниот договор или да се замени со друг политички договор?

Јас сепак мислам дека се работи за еден политички маркетинг. Доколку политичките партии сериозно мислат дека е потребен еден нов политички договор или нарекувајте ја нова спогодба во Македонија, тогаш јас мислам дека оваа игра е премногу ризична и лоша игра. Охридскиот рамковен договор оваа година одбележува 10 години, јубилејна година и токму заради ова, сите политички партии треба да се концетрираат, да се направи една суштинска и реална експертиза, за тоа што е направено, што е исполнето од овој договор и што останува неисполнето, со тоа што сите ние ќе ја преземеме одговорноста за целосна имплеменатација на овој договор.
Дел од постигнувањата се документите за лична идентификација кои се издаваат на двата јазика, употребата на албанскиот јазик во Собранието, каде што секој секој документ, закон, амандман, се носи и на албански јазик. Иако, овој закон не ги исполнува сите барања на Албанците, не ги исполнува сите потреби на Албанците и не е тоа што го претствавува духот на Охридскиот договор, останува, со текот на времето, ова да се доизгради.
Исто така ќе го нагласам и фактот дека се оди во добра насока, што се однесува на правичната застапеност на Албанците во институциите, во полицијата, АРМ, и администрацијата. Постигната е бројка од над 20 илјади Албанци и јас мислам дека оваа бројка не е мало достигнување за Албанците во Македонија. Сигурно се уште има простор да се разговара и работи во оваа насока, но пред се треба сите сериозно да ја сфатиме суштината на рамковниот договор. Не еднаш е истакнато дека патот на евроитеграцијата поминува преку Охрид и токму заради тоа не може да се заобиколува еден таков договор, кој што претставува успешен модел и за целиот регион за тоа што претставува мултиетничка држава.

Велите Рамковниот договор функционира, 20 илјади Албанци се вработени во државната администрацијата, но според сведочењата на вработените, дел од нив земаат плата, но не одат на работа. Дали е тоа фиктивен начин за решавање на проблемот?

Сите тие што се вработиле, вистина е дел од нив се уште не почнале да работат, но се системизираат според приоритетите и така како што се одвивале конкурсите. Прво се вработија 600, па 500 адмнистративци-Албанци, па 400, не можам сега да продолжам со конкретни бројки, но знам дека се систематизирани првиот контигент, и вториот и сега се одвива систематизацијата на третиот. Останале несистематизирани една сосема мала симболична бројка, која што сигурно ќе бидат систематизирани.

Досега во вашето политичко искуство сте биле во коалиција со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ. Која партија ја преферирате сега?

Јас немам стратешки партнер. Не преферирам некого конкретно. Јас ќе ја почитувам волјата на мнозинството на македонскиот народ, бидејќи ова е реалноста во Македонија. Ние сме организирани политички по етничка основа и електоратот гласа по етничка линија и нам ни останува да ја испочитуваме волјата на македонскиот народ.

Велите дека не преферирате ниту една, ниту друга партија. Неодама во вашиот говор на еден од митинзите изјавивте дека присилно сте влегле во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Зошто сте влегле присилно?

Не знам дека сум изјавил баш така, дека во коалиција сме влезени со сила. Јас во тоа време, во 2006 година изјавував дека ВМРО-ДПМНЕ не го направи вистинскиот потег, не донесе правилна одлука со тоа што згреши што за партнер во владата ја избра ДПА на господинот Тачи, која што немаше легитимитет и ја немаше поддршката на албанскиот народ. Тоа решение се покажа погрешно од страна на господинот Груевски со тоа што земјата беше принудена да оди на предвремение избори после 15 месеци. Јас мислам дека такви грешки не треба да ни се повторуваат и токму ова е тоа што сум го кажал тогаш и го истакнувам и сега.

На еден од митинзите изјавивте дека албанскиот народ не треба да биде пасивен набљудувач на решавањето на спорот со името. Дали имате механизми да влијаете врз коалицискио партнер за побрзо да се реши проблемот?


Вистина е дека јас не сум од тие што еднострано се однесуваат, или пак е незаинтересиран кон тоа што се случува со мојата земја, со мојата држава. Прашањето за името е многу значајно бидејќи се поврзува со интеграцијата на Македонија во НАТО, а интеграцијата на Македонија во НАТО значи стабилност и сигурност за сите граѓани во Македонија, како за Албанците, така и за Македонците.
Досега дирекно во овој процес беше ангажиран заменик-премиерот Абудулаќим Адеми и ние и понатаму ќе инсистираме што побрзо да се реши ова прашање.

Што конкретно ќе преземете вие како партија да се реши овој спор, доколку повторно станете дел од Владата?

Значи нашата понуда е јасна, преговорите мора да продолжат, компромис мора да се најде, сите страни треба да ги смират страстите, што е можно повеќе да ги заобиколуваат провокациите, што значи дека сите ние треба серизоно да сфатиме дека ова прашање бездруго треба да се реши и земјата да се нареди до земјите членки на НАТО и на ЕУ со тоа што ќе се обезбеди стабилност на земјата и подобра иднина на граѓаните на РМ.

Колку е реална можноста, албанскиот политички фактор во земјава да се окрупни, односно да влезете во коалиција со дел од албанските опозициски партии?

Што се однесува до коалициите мислам дека овие работи ќе се отвораат по 5-ти јуни. Значи во доцните часови на 5-ти јуни, приближно ќе се знае како ќе бидат наредени бројките на освоените гласови, значи ќе се знае кој ќе биде победник и кој ќе ја води државата следниве 4 години, но сега не можам хипотетички да одговорам на вашето прашање, бидејќи ова ќе зависи од резултатите на 5-ти јуни.

Албанската опозиција бара распределба на буџетот по паритетна основа или пак за буџетот да се гласа по Бадентер. Како ги коментирате овие барања на опозицијата?

Па барањата на опозицијата никогаш немаат крај. Јас сепак велам дека ова прашање треба да се разгледа на експертско ниво, иако кога се носеше Рамковниот договор, една од дискусиите беше и прашањето за буџетот, дали треба да се стави кај законите кои што се гласат со бандетер и сите економски експерти во тоа време решија дека ова прашање не треба да влезе во законите кои треба да се гласаат со бандетер, но сепак мислам дека експертите уште еднаш треба да се навратат на ова прашање. Да разгледаат каде и како завршуваат финасиските средства за инвестициите. Јас се залагам за тоа, да не се нанесе штета никому, на ниту една општина, на ниту еден регион, независно кој живее таму - Албанци или Македонци, Турци или Роми. Но важно е рапсределбата на буџетските средства да биде правична, бидејќи сите граѓани партиципираат подеднакво во буџетот. Ова останува уште еднаш да се разгледа, но јас не велам дека се е добро во моментов, има работи кои треба уште еднаш да се анализираат, дали буџетот се распределува правично или пак постои простор да биде поинаку.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG