Достапни линкови

Еди Рама не ги признава резултатите од локалните избори


Еди Рама

Еди Рама

Претседателот на опозициската Социјалистичка партија на Албанија Еди Рама изјави дека нема да ги признае резултатите од локалните избори во кои неговиот противник за градоначалник на Тирана Љуљзим Баша победи со 81 глас повеќе. Овие резултати не ја одразуваат слободната волја на граѓаните на Тирана, туку се производ на изборниот канибализам на премиерот Сали Бериша, рече Рама.
Прелиминарните резултати, објавени пред пет дена, потврдија дека во трката за градоначалник на Тирана, победи Рама, кој доби 10 гласови повеќе од кандидатот на владејачката коалиција. Но, овој резултат е променет, поради тоа што наводно некои гласачки ливчиња биле ставени во погрешни гласачки кутии. По повторното пребројување на гласовите победи Баша со 81 глас повеќе.
Лидерот на социјалистите Рама соопшти дека се жалел до надлежното изборно тело и бара гласовите кои се ставени во погрешни кутии да се прогласат за неважечки. Ако ова тело не ја донесе праведната одлука, тогаш народот ќе најде начин да ја воспостави правдата и ние ќе ги предводиме, рече Рама, кој досега бил три пати градоначалник на Тирана.
Премиерот Сали Бериша ги отфрли овие обвинувања и рече дека ова биле „најдемократските избори“ во Албанија.
XS
SM
MD
LG