Достапни линкови

logo-print

Манифестот на ВМРО-ДПМНЕ, безбедноста на изборите, нови афери во редовите на власта - дел од темите во неделните печатени изданија.

Електронското издание на Глобус, покрај другото се занимава и со предизборниот Манифест на владејачката партија, при што авторот на рубриката Ѕвездариум смета дека нарекување на предизборна програма на ВМРО-ДПМНЕ како Манифест не мораше да биде навреда на Манифестот на Крушевската Република или на Манифестот на АСНОМ, само ако беше токму тоа - манифест. Ако ги содржеше општите начела на развојот на државата, ако во себе, на пример, ја содржеше визијата за целосното остварување на човековите права во државата, ако ги имаше основните насоки за унапредување на меѓучовечките, меѓуконфесионалните и меѓуетничките односи, ако имаше барем една логична реченица за неопходноста од егзистирањето на проектот наречен Република Македонија. Во Манифестот на ВМРО-ДПМНЕ нема живи идеи. Има бројки.Таму не се пресметани несреќните работници што загинаа на објектите на проектот Скопје 2014, потенцира Глобус. Таму не пишува дали ќе им бидат поставени восочни фигури во Музејот на ВМРО. Веројатно нема, затоа што тие не се жртви на комунизмот, туку жртви на Преродбата, завршува неделникот.

Уводникот на Форум е посветен на празникот на демократијата, како што го нарекува чинот на гласањето, кога секој граѓанин го искористува своето право на глас. Ама, авторот на едиторијалот во исто време забележува: на денот на гласањето речиси 7.000 полицајци ќе се грижат за безбедноста. Ако сме толку сигурни во демократската зрелост на партиите и на нивните приврзаници, чуму толку полиција? - прашува Форум.

Фокус доследен на себе, и во најновиот број открива валкани афери на луѓето од актуелната власт. „Девет милиони евра за комшиите од златна Прага на Сашо Мијалков“, ја најавува уште на насловната страница, приказната за далаверата со печатењето на 1000 стручни книги што го финансира Владата на Груевски. Имено, наведува Фокус, релативно анонимната издавачка куќа Арс ламина со четири министерства склучила договор од над 9 милиони евра. Еден од сопствениците на оваа фирма има браќа кои се дел од чешка фирма, која се наоѓа во истата општина во Прага каде што е седиштето на фирмата Ефишенси на Сашо Мијалков. Другиот, пак, газда има маркетинг агенција која со државни пари ги работела кампањите за абортус и за салата Борис Трајковски! Од Арс ламина тврдат, пишува Фокус, дека тие се само носители на проектот, и дека во него учествуваат преку 800 луѓе и други фирми.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG