Достапни линкови

Интервју – Мендух Тачи


Претседателот на ДПА, Мендух Тачи

Претседателот на ДПА, Мендух Тачи

Апсолутно нема да коалицираме ако не успееме да се договoриме за некои работи, на пример компромисот за името што треба да се направи итно и брзо, вели претседателот на ДПА, Мендух Тачи во интервју за Радио Слободна Европа.



Неколку пати досега истакнавте дека состојбата на Албанците во Македонија е лоша. Врз основа на кои аргументи го базирате ова тврдење?
Нас, ние сме единствениот народ во Европа кому му се оспорува идентитетот, и тоа од страна на македонската влада. Се оспорува и нашиот јазик и употребата на симболиките на нашата култура и второ, ние сме народ кој е во најтешка економска позиција од сите народи кои живеат во Европа. Сигурно нема време да се анализираат сите параметри, но ве уверувам дека најблаго речено анализите за невработеност на Албанците во Македонија достигнуваат до 70%. Овие два сегмента е многу важно да се анализираат.

Конкретно во Македонија една третина од населението е невработено и се води како сиромашно. Зошто мислите дека едните во однос на другите живеат полошо?
Затоа што во македонските семејства во нив најмалку се вработени, татко, син, жена и снаа, а во албанските семејства на секој 200 семејства можете да најдете еден човек што е вработен.



Зошто сметате дека е потребен нов политички договор меѓу Македонците и Албанците?
Затоа што концептот на државата Македонија не функционира. Суштински се гледа од сите страни дека овој концепт на функционира. Сакаат со некои флоскули да не убедат дека ова е мултиетничка држава, па некои од меѓународниот фактор велат дека ова е мултиетничко општество, што се смешни работи и трето мислам дека веќе треба да ги оставиме зад нас формулациите - Македонците и другите. Треба јасно и гласно да се каже - Македонците и Албанците. Овие се два народи кои имаат капацитет на државотворност, но и капацитет на растурање на државата. Треба нови сериозни преговори, да се договориме дали оваа држава е заедничка или ние сме слуги кои им служиме на Македонците. Сите економски параметри зборуваат дека ние сме експлоатирани во 21 век. Проектот „Скопје 2014“ со сите тие цркви и крстови, се вон доменот на нашата култура, а сите тие пари се земаат од буџетот на државата во кој ние најмалку учествуваме со над 30% пари што ги даваме од нашите џебови.

Неодамна имавте средби со меѓународни претставници. Како тие гледаат на вашата идеја за нов политички договор, со оглед на тоа дека САД и ЕУ стојат како гаранти за веќе постоечкиот Рамковен договор?

Но, за жал тој не се имплементира веќе десет години. Ако е меѓународниот фактор продолжува вака, прават една недозволива иронија кон Албанците бидејќи десет години тој Договор не е имплементиран. Јас имав проблеми со „етикетирање“ за новиот политички договор, но тој всушност малку се разликува од Охридскиот договор. Главните принципи се оние што се и на Охридскиот договор, значи е некаква негова надоградба. Овде имаме два столбови што ги бараат Албанците, прво консензусот што е договорен излегува дека не е функционален, значи треба сите заедно да седнеме и да видиме дали можеме тој консензус да го направиме функционален и второ оваа економска експлоатација што им се прави на Албанците да се запре со нов закон или нормативен акт кој треба да се промени, бидејќи неможе вие од одредена група, од одредени луѓе, да не кажам, народ, да земате такси во висина од 30%, а да им враќате само 2%, тоа е експлоатација. Овие се тие два важни столбови.

Зошто албанските политички партии кога се во опозиција велат дека меѓуетничките односи се лоши, а кога се на власт велат дека се релаксирани и добри. И вие кога бевте во владата на Љупчо Георгиевски велевте дека меѓуетничките односи се релаксирани?

И беа, но дојдоа некои луѓе од Белград и си направија некој „филм“ на војна, демек ги ослободија Албанците од славомакедонците, но за жал Албанците сега се многу повеќе „заробени“ од 2001 година. Во принцип мислам дека политичките програми и платформи на Албанците, каде спаѓа и мојата партија доживеа фијаско и јас го имам променето тоа. Јас мислам дека сега Албанците со новата платформа треба да стават „бетон“ на политичките и економските барања. Само по тој пат ќе може да ги решиме проблемите, неможеме да ги чекаме Македонците да имаат политичката волја, да стануваат „анѓели“ и да ни дозволуваат да се вработуваме, да ни дозволуваат во ходник да зборуваме наш јазик, а во канцеларија да не зборуваме. И мислам дека основната грешка на албанските политички партии беше тоа дека македонските партии секогаш си имаа платформа или програми на владеење, а ние кај нив одевме со барања. Сега таа партија на Албанците која ќе освои легитимитет, ќе оди со платформа и програма која треба да биде програма на новата влада, заедно со другата партија на Албанците.

Дали мислите дека е полесно да се „ловат“ гласови на национална основа, наместо на сериозна економска програма, зошто е тоа секогаш во втор план?
Зад мојата политичка кариера не стои ниту еден вид на екстремизам, ниту еден убиен човек, тоа се етикети. Јас навистина мислам дека оваа програма на ДПА е превентива на можните нови конфликти, ако сакаат да ги убедат граѓаните дека јас и ДПА ќе бидеме конфликтна партија, јас апелирам до граѓаните и на Македонците и на Албанците, да не им веруваат, ние не сме тоа, ние не сме вчерашни, зад нас се 18 години политичка кариера, ние правиме политика, ние нема да правиме никаков екстремизам и во иднина.

Кого би преферирале за иден коалиционен партнер доколку освоите мнозинство гласови. Дали тоа ќе биде ВМРО ДПМНЕ или СДСМ?

Тој што ќе биде легитимиран од страна на Македонците, немам предрасуди, ниту негативни, ниту позитивни кон никого.

Пред една година изјавивте дека никогаш нема да коалицирате со Никола Груевски?
Апсолутно нема да коалицираме ако не успееме да се договириме за некои работи.

За кои работи?


На пример компромисот за името што треба да се направи итно и брзо, најмалку за три месеци, најмногу за шест месеци. Не сакам да ме сфати некој како романтичар, тоа за Албанците од политички аспект е многу важна работа, а мислам дека и од економски аспект е многу важна работа и за Албанците и за Македонците. Нашето интегрирање во НАТО значи спас од економскиот колапс на нашите семејства и на државата.

Доколку дојдете на власт конкретно околу спорот за името, дали ќе учествувате директно во решавањето на проблемот или ќе притискате од страна за власта побрзо да го реши тој проблем?

Ако јас го добијам легитимитетот на Албанците, нема да се формира влада без да се договорме за две работи-- за предизборната платформа на ДПА и за компромисот за името. Нема да се формира влада без да се договориме за овие две работи.

Зошто на кандидатските листи ја нема Мируше Хоџа која минатиот пат беше претседателски кандидат?
Госпоѓата Мируше Хоџа која е фантастичен политички и интелектуален кадар и господинот Беким Фазлиу секој во одреден момент треба да ја игра улогата што им ја дава историјата. Јас сум уверен дека од нас ќе зависи идната Влада и морав некои кадри да ги чувам за егзекутива. Добро е кога зборувате за платформи и програми, но сепак симболиката на луѓето кои ќе ја егзекутираат таа програма е многу важна.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG