Достапни линкови

Неделен печат


Изборите, гласањето на дијаспората, можното враќање на визите, дел од темите во неделните печатени изданија.







Фокус: Преродбата не е веќе проект, туку дијагноза!


Веројатно последните случувања со скандалот на, како што го нарекува, вештачкото оплодување на гласови, го предизвикале Фокус, на насловната, со крупни букви да напише: „Преродбата не е веќе проект, туку дијагноза!“ А од мега-интервјуто со адутот на СДСМ за премиер ако евентуално победи на изборите, неделникот ја цитира нејзината изјава дека никој нема да биде поштеден од криминалот, па макар доаѓал и од СДСМ. Пред нејзиниот втор обид за рушење на Груевски, пишува Фокус, Шеќеринска нуди учење на грешките од сите досегашни влади, предлага чесни правила на игра во медиумскиот простор, најавува НУЛА толеранција за криминалот, црвена линија во преговорите со Грција... Како можен премиер, Шеќеринска, во врска со ова вели: „Сега Груевски мора да се изјасни. Не ќе може повеќе да ја држи нацијата во шизофрена состојба - тој да нуди референдум, а самиот да не го кажува ставот за прашањето за кое ќе се гласа! И уште, како можеме да се колнеме во неопходноста од спроведување на народната волја за нашиот спор со Грција, кога скандалот што го откри А1 ТВ покажува дека нема услови за нејзино слободно изразување!“, ја цитира Фокус, Шеќеринска, во својот најнов број.

Форум: Повторно визи

Едиторијалот на неделникот Форум е посветен на една друга тема, која како да поминува без многу возбуда кај нашите граѓани, обземени со партиските политики пред изборите: Визи, повторно, забележува неделникот и вели дека сега, повеќе од кога и да е порано, постои опасност да се изгуби можноста за патување без визи, заеднички проект на Унијата и на Македонија во кој се вложени многу пари, време и енергија, и тоа заради неспособноста на одговорните политичари да спроведат почитување на строгите критериуми кои всушност и го овозможуваат безвизниот режим, пишува покрај другото Форум, во својот едиторијал.

Глобус: Гласањето на дијаспората пред фијаско!

Гласањето на дијаспората пред фијаско!, објавува поширока статија Глобус, кој сепак продолжи да излегува во електронско издание. Гласовите на иселеништвото ќе бидат еквивалентни на еден помал македонски град, односно општина, објавува вџашувачки податоци неделникот во овој текст, додавајќи дека во Македонија настапи вистинска констернација откако во медиумите беше објавено дека во Австралија, на пример, може да се случи на гласање да се појават само 15 гласачи. Последните проценки се дека ќе гласаат околу десет илјади иселеници, што е сепак далеку од очекуваното и од посакуваното, додава Глобус. Останува нејасно зошто повеќе од 90.000 граѓани со право на глас не пројавиле интерес да гласаат?, прашува покрај другото Глобус.

Дали се толку заинтересирани за својата Македонија, прашуваме ние.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG