Достапни линкови

Ерик Браун – Имате многу медиуми


Ерик Браун, медиумски консултант, потпретседател и Управен директор за Меѓународна телевизија на новинската агенција Асошиејтед прес

Ерик Браун, медиумски консултант, потпретседател и Управен директор за Меѓународна телевизија на новинската агенција Асошиејтед прес

Добро е што имате голем број медиуми, кои пак имаат огромна работа пред себе за етаблирање на својот кредибилитет, вели Ерик Браун, медиумски консултант од САД, во разговор за Радио Слободна Европа.



Каков е вашиот впечаток за македонските медиуми во однос на предизвиците со кои се соочуваат во современото новинарство?
Секогаш за мене претставува откровение да посетам млада земја како Македонија, каде што медиумите имаат огромна работа пред себе во етаблирање на својот кредибилитет, подигање на нова генерација на новинари и мислам дека е добро за граѓаните тоа што за релативно мала земја имате голем број медиуми. Извонредно е тоа што имате канал со 24 часа вести и новинарството е развиено во сите видови на медиуми. Тоа ќе и помогне на земјата брзо да се развие и е добар начин за слободно изразување на идеите и на креативноста, и токму креативноста ја прави некоја нација успешна.

Како новите интернет медиуми имаат влијание врз функционирањето на традиционалните медиуми?
Сите медиуми на некој начин се нови медиуми. Во центарот на вниманието сега е интернетот, социјалните медиуми, дигиталните медиуми на мобилните телефони и сите нови начини за пренос на информации. Но, без разлика дали зборуваме за последната дигитална технологија или за новинарски текст напишан на парче хартија, остануваат истите принципи. Мора да бидете искрени, интересни, добро да го познавате новинарството и на брз начин информацијата да стигне до луѓето. Новите медиуми ни дозволуваат да создаваме стории на терен и тие да и бидат пренесени на јавноста побрзо од порано. Кога бев млад, за да се подготви еден телевизиски прилог ни требаше најмалку еден час, а сега може од било каде да известуваме во живо и за неколку минути да направиме прилог на лап топ. Единствената разлика што ја гледам е дека е побрзо и во таа смисла можеби е попогодно за повеќето луѓе. Во секој случај во иднина ќе има понови медиуми и тоа што сега се случува со интернетот и дигиталната технологија ќе биде застарено, но улогата на новинарството останува иста.

Како традиционалните медиуми во Македонија се адаптирааат на новите услови на работа?
Секогаш постои сомнеж и тенденција работите да се одвиваат бавно, посебно кога некој медиум е успешен и без разлика дали е тоа Македонија или САД, мислам дека луѓето кои вложиле милиони во одреден медиум сакаат да ја заштитат нивната инвестиција и секогаш ќе има отпор тие да се пренасочат во новите медиуми. Македонија не заостанува во адаптацијата, но мислам дека предизвикот за традиционалните медиуми или оние кои започнуваат он лајн медиум е да ја пронајдат вистинската комбинација меѓу содржината и публиката и некаков вид на финансиска помош. Многу е деликатно на почетокот да се пронајде вистинската форма на која ќе се работи и со која подоцна ќе и се наметнеш на публиката.

Како он лајн новинарството ќе ја промени комуникацијата и начинот на информирање во медиумите?

Мислам дека на новинарите кои неколку години работат во телевизија, радио или весник, новите медиуми им даваат можност да ја прошират нивната работа на поголема публика. Кога ќе поставите некоја сторија на интернет, таа е достапна на јавноста ширум светот за разлика од претходно кога можела да се слушне или види само во Македонија. Посебно ако се занимавате со некој специјализиран вид на новинарство, може да најдете публика и надвор од границите на земјата. Мислам дека новинарите кои работат на традиционален начин сега имаат можност нивниот талент и работа да биде виден и ценет и во други земји.

Kолку социјалните мрежи влијаат и го менуваат начинот на информирање?

Јас мислам дека сите медиуми се социјални медиуми. Кога имаше само весници и се се сведуваше на печатено новинарство, социјалниот аспект беше одреден текст да му го посочиш на пријателот за тој да го прочита. Сега со дигиталните социјални медиуми, со Фејсбук, блоговите или други форми на новинарство произлезени од граѓаните имаме побрз и поширок начин на размена на мислења. Сега можам да споделам некое видео со кого било ширум светот. Идеите се шират многу брзо, како што беше примерот во арапските земји. Тоа е прилично фасцинатно, бидејќи порано најбрзата форма на комуникација беше телефонот или телеграмата.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG