Достапни линкови

Интервју - Дарко Алексов


Будно ќе следиме дали МВР ќе ги адресира овие појави, и ако веќе ги квалификуваме како инциденти, во исто време дали ќе ги разреши, се со цел мирна кампања, вели извршниот директор на Граѓанската асоцијација „Мост“, Дарко Алексов, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.





Новина на овие избори е гласањето на дијаспората. Со колку набљудувачи „Мост“ ќе биде присутен во конзуларните претставништва?
Граѓанската асоцијација „Мост“ на овие избори согласно новината - гласање на дијаспората, ќе биде присутна во најмногу 20 дипломатско конзуларни претставништва каде што ќе се спроведува гласањето. Се надеваме дека ќе ја постигнеме оваа бројка и ќе успееме да најдеме набљудувачи коишто ќе дојдат од рамките на оној кампус на набљудувачи коишто поминале низ нашата организација во изминатите години, а истовремено, сега живеат надвор и претстојуваат надвор од државата.

Дали во согласност со бројот на набљудувачи сметате дека може да се има увид во состојбите во дијаспората и гласањето?

Па, тоа е и целта на набљудувањето. Нашите набљудувачи, исто како и набљудувачите кои ќе бидат распоредени во Република Македонија ќе имаат задача да го следат квалитетот на спроведување на процедурата за гласање, како и квалитетот на спроведување на прибирање на изборните материјали.
Што е со изборните правила според кои ќе се гласа во земјава? Гарантираат ли тие фер и демократски избори?
Ова е прашање што се поставува секој изборен циклус во земјава, а опозицијата овој пат имаше забелешки дека се донесени без консензус.
Ова е многу често прашање и во минатото, а актуелно и сега. Законската регулатива е жива материја и таа се менува од година в година. Тоа што секогаш е битно е да се напомене дека и најдобро напишаниот закон, ако не се имплементира адекватно - не чини. Тоа значи дека без разлика на тоа во оваа фаза какви се изборните правила и каков е начинот на којшто се донесени, тоа што е клучно е институциите надлежни за спроведување на изборниот процес, максимално коректно да ги почитуваат законските одредби и да ги спроведуваат изборите согласно законот. Тоа не е ексклузива само на институциите, туку обврска на сите актери во изборниот процес без разлика дали се учесници кои ја бараат довербата на граѓаните или институции коишто го спроведуваат тој процес.

Пред официјалниот почеток на кампањата имаше примери на неколку искршени изборни штабови. Дали ова ќе влезе во вашите извештаи и дали е показател за текот на кампањата понатаму?
Апсолутно, „Мост“ го набљудува процесот од денот на распишување на изборите. Така што, се што се случува од денот на распишување на изборите, па се до денот на завршување на процесот на жалби и поплаки, тоа е пост-изборниот период и официјализирање на резултатите е предмет на наше набљудување. Тоа што до сега можеме да го заклучиме е дека овие настани имаат изолиран карактер и многу будно ќе следиме дали институциите, поточно МВР, ќе ги адресира овие појави и ако веќе ги квалификуваме како инциденти, во исто време ќе ги разреши се со цел ваквиот ефикасен пристап да ни донесе мирна кампања од денот на нејзиното официјално почнување.

Постојано се нагласува и важноста од тоа да имаме ажуриран избирачки список. Има ли време да се поправат неправилностите доколку истите ги има?
Можеме да констатираме дека прашањето на избирачкиот список од денешен аспект е веќе завршено, затоа што проверката на избирачкиот список заврши на 4 мај во средата. Граѓанската асоцијација МОСТ многу конструктивно му пристапи на ова прашање, организиравме акции во 84 општини во државата преку нашите канцеларии и се обидовме да мобилизираме што поголем број на граѓани да ја направат проверката на сопствените податоци во избирачкиот список и доколку имаше потреба ги упатувавме во подрачните единици на ДИК таму да побараат промена, бришење или утврдување на избирачките податоци. Тоа што е клучно за избирачкиот список е што ова прашање секогаш се актуелизира во предизборниот период и за квалитетот таков каков што е во избирачкиот список, одговорноста ја носат сите политички елити во Македонија. Значи ова е една дебата која што се води традиционално и исклучително само пред избори кога ја гледаме опозицијата како реагира на неточноста на податоците во избирачкиот список и тоа стана еден вид традиција во Македонија, па ако ништо друго во последните три или четири изборни циклуси, а во тие изборни циклуси тогашната опозиција беше власт, сегашната опозиција беше тогашна власт итн, итн. Значи, генерално ова прашање се решава исклучително со политичка волја од страна на сите актери на политичката сцена и само тогаш може да се затвори и повеќе да не биде предмет на расправа во предизборието.

Добивме обврска од ОБСЕ да се подобри капацитетот на администрацијата до наредниот изборен циклус, имаше различни мислења за составот на избирачките одобори. Каков е според вас капацитетот на администрацијата задолжена да ги спроведе изборите?

Капацитетот на администрацијата зависи од повеќе фактори. Клучно на еден ваков тип на избори е комплетно и без исклучок сите членови на избирачките одбори без разлика дали доаѓаат од редовите на државната и јавната администрација или доаѓаат од редовите на политичките партии кои имаат законско право да номинираат членови во избирачките одбори, без исклучок значи да бидат присутни на обуката којашто ќе биде спроведена од страна на општинските изборни комисии со учество и поддршка на ДИК и таму во целост да се запознаат со обврските и одговорностите на функцијата што им е доделена за изборниот ден. Значи само со еден таков пристап и со квалитетна едукација на избирачките одбори можеме да очекуваме добра испорака изборниот ден и отстранување на сите овие аномалии за кои зборувавме претходно.

Дали освен покрупните активности на партиите како што се митинзите, ќе ги следите и нивните други агитирања меѓу граѓаните?
Во текот на изборната кампања граѓанската асоцијација МОСТ ги следи и големите и малите настани, во зависност од капацитетот и ресурсите што ни се на располагање ги следиме и оние непосредни средби на политичарите со група на граѓани итн. Агитирањето како концепт се аплицира во секоја изборна кампања меѓутоа како агитирање конкретно не може да го следиме бидејќи истото претпоставувам има повеќе форми и она на кое што ние се концентрираме во овој период се оние официјални настани каде што политичките партии ги испраќаат своите пораки и ја бараат поддршката, а и оние помали настани на локално ниво коишто ги организираат.

На секој изборен циклус МОСТ потоа излегува со извештај во кој се констатираат одредени неправилности, како да речеме групно гласање итн. Колку извештаите на МОСТ допринесуваат да се подобри изборниот процес во Македонија и има ли епилог во однос на констатираните неправилности?
Граѓанската асоцијација МОСТ во изминатите девет години продуцира извештај после секои избори. Во рамките на тој извештај се даваат оценки и проценки за сите оние елементи од изборниот процес кој што го набљудуваме и кој што се спроведуваат. На база на таквите наши извештаи, да речеме во 2005 година МОСТ заедно со ОБСЕ и со Министерството за правда отпочна процедура за унифицирање и кодифицирање на изборното законодавство што на крајот резултираше со изборниот законик каде што сите оние закони кои што ги регулираа различните типови на изборните активности беа синхронизирани во еден закон и според тој закон се спроведуваат изборите од 2006 година. Препораките за подобрување на изборното законодавство повторно наоѓаат место во измените и дополнувањата на изборниот законик кои што се прават, што значи дека во периодот помеѓу изборите кога немаме избори, МОСТ активно работи на подобрување на изборното законодавство и активно придонесува и на ниво на работни групи организирани од страна на министерството или надлежните институции со што би дале што поголем придонес како граѓанска асоцијација и граѓанско општество во подоборување на овие состојби.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG