Достапни линкови

Изборите, политизираноста на медиумите и растечките трошоци за живот во фокусот на печатот минатата недела.


Медиумите за избирачките листи на СДСМ


Главна тема во медиумите - и понатаму: тимот со кој СДСМ ќе излезе на вонредните парламентарни избори. „Старите кадри на СДСМ имаат предност на листите на СДСМ“, коментира Дневник, додавајќи дека е во тек борба на Црвенковски и Шеќеринска за влијание врз идните пратеници. Дневник, исто така пишува и за тоа дека СДСМ ги отворил изборните адути во програмата: оваа партија ветува референдум за името, повисоки плати, пензии, пренамена на проектот Скопје 2014...

Вечер смета дека опозицијата излегла со старо-нови кандидати за пратеници и дека го признала поразот предвреме, цитирајќи го всушност коментарот на партијата на власт во врска со ова. Вечер објавува и нова анкета на Институтот за демократија, според која ВМРО-ДПМНЕ убедливо водел пред СДСМ со 22,6 %, наспрема СДСМ со 10,7% граѓани кои би гласале за нив.

Нова Македонија забележува дека „Дијаспората ни се разочара од изборите“, бидејќи само по 2.000 избирачи би гласале во САД и во Канада, односно во Австралија и Нов Зеланд, со што се изјаловуваат надежите на власта дека дијаспората ќе им обезбеди пратеници кои би биле наклонети кон неа.

И во целиот комплекс информации за предизборни активности и коалицирања, Време прашува кој го финансира партиското патување на владините министри во странство, поточно, дека министерот за образование Тодоров бил на тајно патување во Австралија, а дека од страна на владините служби за информирање имало молк во врска со овие прашања.

Време: „Медиумите во прангите на власта“

Време ја третира болната тема за него: „Медиумите фатени во прангите на власта“, констатира весникот и додава дека слободата на јавниот збор во Македонија е на најниско ниво досега. Во овој контекст, Време, како и Утрински, јавуваат дека згасна еден од најкритичните неделници во земјава, Глобус.

Овие два весника ја објавуваат и ранг листата на Фридом хаус според која Македонија паднала на 96 местото според оценките за слободата на медиумите и е заедно со Коморските Острови, Босна и Херцеговина, Лесото и со Танзанија, поточно спаѓа во делумно слободни земји според слободата на медиумите. „Се тркаламе удолу низ скалата на демократијата“, гласи насловот на Утрински.

И како и обично, додека се пенавиме во политиката и се расправаме за тоа која партија е подобра за народот, народот осиромашува: имено,

Инфлацијата расте

Нова Македонија објавува информација на Заводот за статистика според која инфлацијата и натаму расте. Имено, градинарските прозводи, лебот, месото, млекото, јајцата, рибата само за еден месец поскапеле и до 5%, при што зеленчукот е за цели 20% поскап од пред пет месеци. Истата информација ја објавува и Време, објавувајќи во наслов дека во април трошоците за живот пораснале за 4,8%.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG