Достапни линкови

Американскиот претседател Барак Обама денеска во Њујорк ќе го посети Граунд Зиро каде што на 11 септември 2001 беа извршени терористичките напади врз Соединетите Држави. До ова доаѓа, откако во неделата, американски специјалци го убија водачот на Ал Каеда, Осама бин Ладен, за кој се смета дека ги организирал нападите. И покрај големиот интерес, Обама вчера реши да не се објавуваат фотографии на убиениот бин Ладен.

Американскиот претседател Барак Обама реши да не се објавуваат слики на убиениот Осама бин Ладен, поради загриженоста дека тие можат да претставуваат ризик за Американците или да бидат искористени како пропаганда.

Во интервју за телевизијата Си Би Ес што треба да биде објавено на 8 мај, Обама изјави дека ДНА тестот не остава никакво сомневање оти човекот кој на 2 овој месец е убиен од американските сили за специјални операции во Аботабад во Пакистан, бил Осама бин Ладен.


Американскиот претседател додава дека тој и неговиот национален тим за безбедност, вклучувајќи ги и државната секретарка Хилари Клинтон и секретарот за одбрана Роберт Гејтс дискутириле дали да бидат објавени сликите со мртвото тело на бин Ладен кој бил погоден во глава.

Притоа било заклучено дека тоа би можело да ја загрози националната безбедност.

„Не ги изнесуваме овие работи како трофеи“, изјави Барак Обама.
Најважен приоритет на претседателот е безбедноста и сигурноста на американските граѓани дома и во странство. Нема потреба од објавување на овие фотографии за да се утврди идентитетот на Осама бин Ладен.

„Најважен приоритет на претседателот е безбедноста и сигурноста на американските граѓани дома и во странство. Нема потреба од објавување на овие фотографии за да се утврди идентитетот на Осама бин Ладен“, изјави Џеј Керни, портпарол на американскиот претседател, на брифингот во Белата куќа.

Уште од соопштувањето на веста за смртта на Бин Ладен, Вашингтон се обидува да најде рамнотежа меѓу прославувањето на успехот на операцијата, а притоа да не ги навредува чувствата кај муслиманскиот свет. Притоа неколку пати е соопштено дека биле почитувани сите исламски обичаи пред неговото тело да биде положено во море.

Слика на еден од убиените при нападот на американските специјалци во засолништето на Осама бин Ладен

„Напорите што беа направени за соодветен погреб на Осама бин Ладен според исламските прописи и традиција, беа значајни. Меѓутоа, јас би додал дека почитта што притоа му е оддадена беше многу поголема од почитта што тој ја покажа за жртвите на неговите напади на 11 септември“, додаде Керни.

Одлуката на Белата куќа да не ги објавува сликите можеби не и крајот на дебатата.

Дел од експертите сметаат дека, според законот, ако некој весник официјално побара од владата да го стори тоа тогаш таа ќе мора и да ги објави.

Но, други додаваат дека тој закон важи само за американските владини агенции, но не и за Белата куќа која не е владина агенција.

Одлуката за необјавување на сликите беше донесена во исто време кога американскиот државен обвинител Ерик Холдер изјави во Конгресот дека убиството на Бин Ладен било легално, односно дека акцијата била оправдана како чин на национална самоодбрана против законска воена цел.

Фотогалерија: Осама бин Ладен: Живот на еден терорист

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG