Достапни линкови

logo-print

Слободата на медиумите во Македонија е загрозена, тврдат организациите


Слободата на медиумите во Македонија е сериозно загрозена, констатираа претставниците на Здружението на новинари на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Македонскиот институт за медиуми, на прес-конференцијата која се одржа по повод 3 Мај - Светскиот ден на слободата на медиумите. Трите организации излегоа со заедничка изјава со која се укажува на поразителни состојби во медиумската сфера и демонстративно се бара од институциите, политичките центри и медиумските сопственици да овозможат неселективна примена на регулативата и слободно функционирање на медиумите без какви било притисоци. “Македонското новинарство никогаш досега не го одбележувало Денот на слободата на медиумите во полоша состојба. Од моментот на основање на Синдикатот, десетици новинари загубија работа, на многу не им е продолжен договорот, а многумина се избркани од работа. Ниту еден од нив не проговори јавно за тоа“ изјави Тамара Чаусидис, претседател на Синдикатот. Билјана Петковска, извршниот директор на МИМ се осврна на селективната примена на регулативата што, според неа, ги става медиумите во нееднаква позиција на пазарот и додаде дека во Македонија се инвестира во медиумите, не за профит, туку за остварување на политички и на економски интереси на медиумските сопственици.
XS
SM
MD
LG