Достапни линкови

Дневен печат


Можните термини за избори, можна загаденост на изворот Рашче, неодговорно трошење на народните пари - дел од темите во дневните печатени медиуми.

Додека „Брзите избори бавно не' трауматизираат“, со непродуктивна нервоза, трауматично исчекување, преголема опседнатост со политика или целосна незаинтересираност за тоа што се случува околу нас, наметнати од Црвенковски и од Груевски, како што насловува Нова Македонија, и „Собранието се распушта до 10 април, избори на 29 мај или на 5 јуни?!“, како што најавува обично добро информираниот од извори на власта Вечер.

„Јапонската радијација стигна до Европа!“ Оваа вест, се разбира, е дури на дното на страниците на Утрински и на Вечер

Дневник ја објавува препораката на еден домашен експерт дека црвеното вино може да ги ублажи последиците од радијација, па предлага македонски вина да се испратат во Јапонија како помош на тамошното население.

И во исто време,Утрински излегува со загрижувачка информација дека „Државната негрижа може да го загади изворот Рашче, поточно поставените мерни места во близина на Силмак покажуваат присуство на тешки метали“, што преведено би значело дека и водата што ја пијат скопјани може да е загадена!


Додека сите сме опседнати со прашањето кој кого ќе надмудри во предолгата партија покер меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, во државава народните пари се трошат неодговорно и до бесвест. Тоа го покажуваат и најновите извештаи на државните ревизори кои обелоденија дека, на пример, сите споменици од проектот „Скопје 2014“ се прават со изигрување на законот, затоа што за сите нив морало да одлучува Собранието, а не општина Центар. Плус, како што објавуваат Утрински и Време, утврдени се и прекршувања на постапките за конкурс и што е најстрашно, хонорарите на авторите на спомениците биле трипати поголеми од нивната вредност! Најголемата одговорност државните ревизори ја лоцираат кај поранешната градоначалничка Аларова и кај актуелниот, Тодоровиќ.

Време коментира дека прошетката на актуелни министри по домовите на социјалци и инвалиди за да им донираат стока запленета од Царинската управа, која, инаку, според законите мора да се уништи, претставува класична злоупотреба на државната функција за партиски цели и дека министрите „добротвори“ ги злоупотребуваат граѓаните.

Утрински,, објавува дека ревизорите исто така обелоденија дека во ресорот локална самоуправа, додека министер бил Муса Џафери од ДУИ, на чудесен начин исчезнале два од шест службени автомобили. Исто така, Утрински анализира дека со сегашното ниво на цената на нафтата, трошоците на компаниите ќе скокнат за 15 милиони евра и дека тоа ќе банкротира голем број фирми и претпријатија.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG