Достапни линкови

Условно прифатени две барања на СДСМ, кој и натаму ќе го бојкотира Парламентот додека не бидат исполнети сите барања.

Лидерската средба кај претседателот Ѓорге Иванов заврши без договор, но лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ДУИ Али Ахмети и на Нова демократија Имер Селмани оценија дека бил постигнат напредок. Нова лидерска средба е закажана за вторник попладне.

Груевски вели дека во фокусот на разговорите биле четирите барања на СДСМ.

„Прифативме две барања условно, што значи доколку не оди на избори нема да ги прифатиме и тие, затоа што имаме сериозни аргументи против. А тоа се барањето на СДСМ изборните одбори да имаат од вкупно пет, четири партиски членови, и да добијат триесет дена рок за контрола на пречистениот Избирачки список“, изјави Груевски.

Никола Груевски

Груевски вели дека не можел да го прифати барањето за деблокирање на сметката на фирмите од Перо Наков и законот за медиуми. Според него, кај Црвенковски нема волја за договор.

„Очигледно е дека Црвенковски прави се што може за да не се случат избори, или ако се случат да ги бојкотира. Но со условните прифаќања му ги сузбиваме сите алибија и излегува на површина многу појасно, и за оние на кои не им било можеби до крај јасно, неговата намера да бојкотира избори и да не се враќа во Парламентот“, изјави Груевски.

Според Црвенковски, иако е направен напредок, партијата нема да се врати во Парламентот и останува отворена можноста за бојкот на евентуалните предвремени избори, ако не бидат исполнети сите нивни барања. Црвенковски вели дека СДСМ се откажал од барањето за загарантирани квоти за помалите етнички заедници.

„Постигната е и согласност за ревидирање на границите на шестата изборна единица, на барање на Селмани, поради поголемиот број избирачи од законски дозволениот, како и за контрола на Избирачкиот список. Контролата треба да се направи за триесет дена, откако СДСМ ќе се врати во Собранието“, изјави Црвенковски.

Бранко Црвенковски

За Ахмети средбата беше конструктивна.

„Има доближување на позициите меѓу страните и затоа претседателот свика продолжение на средбата за вторник. Никој не може да го прејудицира текот на разговорите, но се надеваме дека оваа позитивна атмосфера ќе продолжи“, изјави Ахмети.

Барањата на Нова демократија, според Селмани, биле за да се направи добар закон за фер и демократски избори.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG