Достапни линкови

Либија - битка за Бенгази, Франција најави интервенција


Снимки од паѓањето на воениот авион над Бенгази

Снимки од паѓањето на воениот авион над Бенгази

Жестоки бомбардирања биле забележани денеска југозападно од Бенгази, главното упориште на бунтовниците против либискиот режим на Моамер Гадафи.

Либија денеска ги отфрли обвинувањата дека го прекршила прекинот на огнот која таа самата го прогласи.

Либиската официјална новинска агенција Џана објави дека либиските војници во самоодбрана биле принудени да се борат во упориштето на бунтовниците во Бенгази.

Претходно, агенциите јавија за жестоки бомбардирања во Бенгази. Агенцијата Асошиетед прес јави дека над овој град бил соборен авион на силите на Гадафи.

Во близина на центарот на градот одекнале четири експлозии и црни облаци од чад се надвивале над еден станбен кварт.
Либиските бунтовници кои под своја контрола го држат Бенгази од почетокот на протестите против Гадафи на 15 февруари соопштија дека биле принудени да се повлечат поради жестоките напади на силите лојални на Гадафи кои веќе влегле во западните предградија на Бенгази.


Телевизијата Ал Џезира јави дека во текот на нападот бил бомбардиран патот што води до аеродромот.

Либиските бунтовници, кои под своја контрола го држат Бенгази од почетокот на протестите против Гадафи на 15 февруари, соопштија дека биле принудени да се повлечат поради жестоките напади на силите лојални на Гадафи кои веќе влегле во западните предградија на Бенгази.

Американски официјални претставници го обвинија либискиот лидер Моамер Гадафи за кршење на новата резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот во Либија.

Тоа го потврди американскиот амбасадор во светската организација Сузан Рајс, а претставник на американската национална безбедност за Ројтерс изјави дека постојат повеќе индикации оти силите на Гадафи продолжуваат да напредуваат кон упориштето на бунтовниците во Бенгази.


Претседателот Барак Обама вчера го предупреди Гадафи дека се соочува со меѓународна воена акција доколку не ја почитува резолуцијата на Обединетите нации и доколку неговите сили не се повлечат од Бенгази и од другите градови.

„Моамер Гадафи има избор. Резолуцијата која беше усвоена има многу јасни услови кои мора да бидат исполнети. САД, Британија, Франција и арапските држави се согласија на итен прекин на огнот. Тоа значи дека сите напади против цивилите мора да запрат“, изјави Обама.

Владата во Триполи соопшти дека го почитува прекинот на огнот и покани меѓународни посматрачи за да го потврдат тоа.

Претставник на владата денеска соопшти дека биле упатени писма до Обама и до Обединетите нации во кои се наведува дека резолуцијата претставува мешање во внатрешните работи на Либија.

Ситуацијата во Либија ќе биде единствена тема на денешниот состанок во Париз на кој ќе учествуваат претставници на Европската унија, на Арапската лига, на Африканската унија, како и американската државна секретарка Хилари Клинтон и генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун. Според некои најави, нападите врз силите на Гадафи би можело да се случат само неколку часа по завршувањето на состанокот во Париз.

Франција најави интервенција

Франција ќе испрати воени авиони кон Либија, со цел да ги спречат воздушните напади на силите лојални на либијскиот лидер Муамар Гадафи врз жителите на Бенгази, потврди денеска францускиот претседател Николас Саркози по средбата со лидерите во Версајскиот замок близу Париз. Француските авиони се подготвени да ги спречат и тенковите на теренот околу градот во истокот на Либија, каде бунтовниците се судрија со следбениците на Гадафи. Францускиот претседател дополни дека дипломатските врати со северноафриканската земја „може повторно да бидат отворени“, доколку Гадафи се согласи на барањата на меѓународната заедница.
Дански и американски летала пристигнале во базите во Италија, јавија медиумите повикувајки се на воени извори.

Америка подготвена да реагира

„Луѓето на Либија мора да бидат заштитени. Имајки предевид дека нема прекин на насилството, нашата коалиција е подготвена да дејствува - да реагира веднаш“, изјави денеска американскиот претседател Барак обама за време на посетата на Бразил.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG