Достапни линкови

Напади врз Либија?


Совет за Безбедност на ОН

Совет за Безбедност на ОН

Советот за безбедност на Обединетите нации го исчисти патот за меѓународна воена интервенција врз Либија. Советот одобри наметнување зона на забранети летови над Либија - потег чија цел е да се ограничат нападите на силите на Моамер Гадафи врз опозициските сили. Во резолуцијата е наведено дека се одобруваат „сите потребни мерки“ за заштита на цивилите од нападите на силите на Гадафи. Од друга страна, со резолуцијата се отфрла опцијата странски војници да бидат испратени во Либија.

Како што јави нашиот дописник од Њујорк целта на резолуцијата на Обединетите нации е да се ограничи способноста на силите на Моамер Гадафи за напади врз опозициските сили. Десет земји гласаа за воведување зона за забранети летови, пет земји - Русија, Кина, Бразил, Индија, и Германија беа воздржани. Најгласните поддржувачи на резолуцијата беа Британија, Франција, Либан, и Соединетите Американски Држави. Амбасадорот на Велика Британија во ОН Марк Лајл Грант изјави:

„Главната цел на оваа резолуција е јасна, а тоа е да се стави крај на насилството врз цивилите и да му се овозможи на народот во Либија да ја одреди сопствената иднина ослободен од тиранијата на режимот на Гадафи.“

Либискиот заманик министер Калид Каим во Либија вака реагираше на резолуцијата.

„Ние позитивно ќе се справиме со резолуцијата на Обединетите нации. Ние ќе ја реафирмираме нашата намера за заштита на цивилите во земјата. Целта на либиските вооружени сили и на полицијата е заштитата на цивилите.“

Што го чека Гадафи?

Некои дипломати на ОН неофицијално сметаат дека, иако резолуцијата е силна, може и да е задоцнета, со оглед на тоа што силите на Гадафи се во офанзива да ја повратат контролата врз бунтовничките упоришта.

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен смета дека се уште не е доцна.

„Времето е суштинско. Тоа изминува, но не мислам дека е доцна.“

Од Камбера пак, пристигна реакција на министерот за надворешни работи на Австралија. Кевин Руд бара да не се заборават лекциите од минатото и во Либија .

Воените напори се сега критични за да им се излезе во пресрет на хуманитарните потреби на Либијците.
„Дипломатските напори беа измачувачки. Воените напори се сега критични за да им се излезе во пресрет на хуманитарните потреби на Либијците. Ние, како меѓународна заедница, мора да ја научиме лекцијата од историјата, без разлика дали е тоа Руанда, Дарфур или Балканот. Вие не можете само да седите и да навивате за луѓето кои се кренале против Гадафи.“

Белата куќа издаде соопштение во кое се вели дека американскиот претседател Барак Обама телефонски разговарал со лидерите на Велика Британија и Франција и дека се согласиле да ги координираат следните чекори со арапските партнери во врска со либиската криза.
  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG