Достапни линкови

Дневен печат


Весници, неделници, печат...

Весници, неделници, печат...

Средбата Груевски-Црвенковски, јапонската радијација, поскапувањaтa - дел од темите во дневните печатени медиуми.

Од каде да го почнеме прегледов на пишувањето на медиумите? Од политиката или од животот? И двете се важни, особено кај нас, иако и покачувањето на цената на нафтата и дали јапонската радијација ќе стигне до нас не се помалку важни за нашето преживување. Но, овие вести како да поминаа во сенка на средбата Груевски-Црвенковски, која најнакрај, сепак се случи.

Утрински најмногу го интересираше дали им претстојат мачни преговори, а според неговите информации во првиот дел на средбата поконкретна расправа се отворила само за Изборниот законик. Дневник пишува дека „Груевски и Црвенковски го скршија мразот“, но и дека средбата завршила без договор, а Нова Македонија насловува дека „Тешко оди договорот меѓу Груевски и Црвенковски“, пренесувајќи сознанија од обата тима дека во разговорите ставовите не биле поместени ниту за милиметар. Покрај веста дека се сретнале двајцата лидери, Вечер објавува интересна информација дека Црвенковски побарал се' што ќе биде договорено да биде ставено на хартија и договорот да биде потпишан од двете страни. Време оди со констатацијата дека изборните карти се ставени на маса, но дека договорот виси.

„Јапонската радијација нема да стигне до Македонија“, објавува Утрински, мислења на здравствени експерти и на метеоролози од земјава, но Време објави дека „Во Македонија нема радијација, ама нема ни инструменти за нејзино мерење“. Во врска со ова, значи, ни останува само да му се молиме на Бога.


Новото поскапување на нафтата и на бензинот предизвика бран реакции во медиумите кои ја пренесуваат загриженоста и речиси паниката кај граѓаните за тоа како ќе излегуваат на крај и со другите поскапувања што се очекуваат како верижна реакција. Медиумите потсетуваат на она што сите и го знаеме - дека „Алчноста на Владата ги држи горивата скапи“. Поточно, таа не сака да се откаже од речиси половината од цената за секој продаден литар бензин, пишува Дневник. Утрински обелоденува дека „Бензинот наточи екстра 23 милиони евра во буџетот“, а Време, со загриженост пишува дека по бензинот, ќе поскапи храната, облеката, а и дека ќе има намалување на платите и отпуштање на работници...

Само некои медиуми објавија дека осудените од случајот Изгрев побараа изземање на обвинителката Гешкоска од случајот, наводно поради нејзина поврзаност во коруптивен синџир со службеници во полицијата заради остварување материјална корист и напредување во кариерата. Време и А1ТВ ја објавија изјавата на обвинителот Шврговски кој призна дека во пресметките на висината на затаениот данок во случајот „Перо Наков“, истата обвинителка направила грешки.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG