Достапни линкови

Јапонија - катастрофални последици


Бројот на настрадани во природната катастрофа во Јапонија најверојатно надминува 10.000 лица, соопштија денеска од полицијата. Портпаролот на полицијата во Мијаги, еден од најпогодените градови од цунамито, изјави дека само во ова населено место бројот на жртвите е поголем од 10.000, што е значајно повеќе од првичните проценки за 900 загинати во целата земја.

Нови проценки за силата на потресот


Освен растот на очекуваните жртви во природната катастрофа, растат и проценките за силата на земјотресот кој ги предизвика цунами брановите. Според Јапонскиот метеролошки институт, земјотресот бил со сила од 9 степени според Рихтеровата скала, а не 8,9 како што претходно се проценуваше. Станува збор за најсилен потрес во земјава во изминатиов век.

Проблеми со нуклеарните реактори

Два реактори во централата во Фукушима се ладат со морска вода, а државната компанија за производство на електрична енергија најави истурање на морска вода и во третиот реактор, со цел да се намали насобраниот притисок. Експертите предупредија дека ваквиот потег е знак на очај. Илјадници жители се без електрична енергија, поради тоа што сите достапни ресурси се користат за работата на системите во нуклеарната централа.

Група кинески експерти денеска треба да пристигне во земјата.

Јапонската агенција за нуклеарна безбедност вчера ја оцени состојбата на централата со четворка, на скала од еден до седум. Единица е најнискиот скор, додека седмица претставува несреќа од типот на Чернобил.

Илјадници луѓе бегаат од северниот дел на земјата, стравувајки од нуклеарно зрачење од оштетена нуклеарна централа. Повеќе од 170.000 луѓе беа евакуирани од регионот.

Јапонски Чернобил?

Експертите предупредуваат на можна нуклеарна криза. Користењето на морска вода за ладење на реакторот е знак на очај, предупреди поранешниот советник на американскиот секретар за енергетика Роберт Алварез. Милиони луѓе се без електрична енергија, бидејки сите струјни резерви се користат за ладење на реакторот.

Тим од кинески експерти најави посета на Јапонија, во услови кога нивоата на зрачење од нуклеарната централа ги надминаа пропишаните вредности. Евентуална експлозија на јадрото на реакторот би можело драстично да ја загади животната средина. Владиниот портпарол вчера предупреди дека нов потрес би можел да предизвика уште една експлозија во нуклеарната централа.

Реакторот во нуклеарката во Фукушима
Власта повикува на единство

Премиерот на Јапонија Наото Кан повика на единство во земјата со цел да се надмине, како што ја нарече, најлошата криза со која е соочена нацијата по Втората светска војна. Во меѓувреме, локалните медиуми јавија дека повеќе од 300,000 луѓе биле евакуирани во засолништа, во повеќето од кои нема струја.

Македонија понуди помош

Владата на Република Македонија изрази подготвеност за укажување помош на Јапонија. Од македонското Министерство за надворешни работи информираат дека доставиле дипломатска нота до Јапонската амбасада во Виена, која е одговорна за Македонија, во која е понудена помошта. Во Јапонија, како што соопшти МНР, има околу 30-тина македонски граѓани и еден економски промотор. Нема информации дека некој од македонските граѓанин е настрадан во земјотресот и цунамито што ја погодија земјата.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG