Достапни линкови

Неделен печат


Весници, магазини, неделници, печат

Весници, магазини, неделници, печат

Посетата на Груевски на Вашингтон, партиските „надмудрувања“ околу можните предвремени избори - дел од темите во неделните печатени изданија.

„Вашингтонско кроше за Груевски“, е насловена главната тема во неделникот Глобус, каде што се анализира посетата на премиерот Груевски на Вашингтон, средбите со Бајден и со Хилари Клинтон и пораките на американската администрација кои премиерот во изјавата по разговорите некако ги одбегна ставајќи го акцентот на курентната тема: името. По разговорите со Бајден и со Клинтон, забележува неделникот, сосема е јасно дека не е во прашање дали, туку каде заталка Македонија, затоа што за сите црни точки на македонската реалност Вашингтон изразил сериозна загриженост, а вакви лоши пораки и оценки од Белата куќа не сме добиле во последните десет години, што сите треба да нè загрижи, ги пренесува Глобус, оценките на домашните експерти. Американците испратија порака дека името не е нашиот најголем проблем. Напротив, ние имаме проблем со демократијата во државата, што е уште пострашно, сметаат консултираните експерти во Глобус, кои мислат дека Груевски преку ноќ нема да ја смени сопствената политика, но дека жолтиот картон што го доби во Вашингтон му виси над глава како Дамоклов меч.

Форум, во уводникот ги анализира причните за политичкото однесување на Црвенковски кој, според мислењето на уводничарот, како да се повлекол, откако Груевски ја прифати фрлената ракавица за вонредни парламентарни избори со прифаќање на некои од условите на опозициониот лидер. Единственото рационално објаснување за неделникот е дека станува збор за пресметан политички блеф дека поради пописот закажан во април, и времето кое и' е потребно на администрацијата да го прочисти избирачкиот список, невозможно е да се закажат избори во текот на оваа година, време за кое Црвенковски имаше надеж да го намали јазот во популарноста помеѓу двете најголеми партии, заедно со заморот кај граѓаните од владеењето на иста политичка гарнитура и природното тежнеење кон промени. Во покерски жаргон, заклучува Форум, Бранко одигра „ол ин“ и сега ќе мора да ги отвори картите и да видиме дали навистина имал силни карти или станува збор за тежок блеф. За Црвенковски враќање назад нема.


Фокус објавува интервју со Теута Арифи од ДУИ, коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ во власта. Арифи, покрај другото смета дека проблемот во коалицирањето се однесува на невоспоставениот дијалог во однос на тоа како двата владини партнера гледаат на државните приоритети и дали ќе се најдат на некаква средина во нивните различни политички концепции, а тоа кулминираше со последниот случај на Калето, вели Теута Арифи. За проектот „Скопје 2014“, Арифи вели дека тој ја покажува искомплексираноста на една политика, која има потреба да се покаже поголема отколку што е во реалноста и која кога не може да направи големи нешта за граѓаните на својата земја, тогаш има потреба да гради големи споменици за себе!
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG