Достапни линкови

logo-print

Недоволнo развиена инфраструктура, замрено земјоделие, голема невработеност и беспарица - дел од проблемите кои го oтежнуваат животот во Липково.

Една од поголемите новоформирани општини, без миграции и емиграции, без инфраструктура, со нехигиена по улиците, без пари и работа, замрено земјоделие, со новоизградени џамии и споменици на борците од конфликтот во 2001-та, но со голема носталгија кон минатото, живеат околу 30 илјади жители во Општината Липково.

Како се живее во Липково?

„Фала на Богу што дојдовте да прашате. Тежок е животот.“

Што немате?

„Немаме пари, а тие се главни. Улогата се игра со пари. Никој не работи. Живееме од пензија, само јас добивам и нема ни сто евра. Земја имам многу малку. Што да произведувам, беше кумановскиот тутунски комбинат пред 2000-та година. Сега нема ништо“, раскажува 68-годишниот Реџеп Мемети, кој живее со неговото шестчлено семејство.
Немаме пари, а тие се главни. Никој не работи. Живееме од пензија, само јас добивам и нема ни сто евра. Земја имам многу малку. Што да произведувам, беше кумановскиот тутунски комбинат пред 2000-та година. Сега нема
ништо.

Кога живеевте подобро?

„Пред 2000-та година. Сега само жив сум како што ме гледате. Но, треба да се јаде, а леб и сол не се јаде, или компири или грав. Што да садам?“

Верувате ли во подобро?

„И ние го чекаме тоа. Но, не се знае“, вели Мемети.

Слична е приказната и на 63-годишниот Зулфија Мустафа.

Враќање на македонските азиланти од Брисел. Најголем дел од македонските баратели на азил во Западна Европа беа од општина Липково.

„Давав малку млеко, имав социјална помош и тоа сега нема. Тешко се живее. Петчлено семесјтво, два сина имам никој не работи. Еден 23, еден 21 година. Не работат. Дома се.“

Мустафа и додава дека нема ниту ниви, а животот го живеат со тешкотија.

Живеевте ли некогаш подобро?

„Подобро беше во Југославија, отколку сега.“

Не се разликува ниту приказната на 60-годишниот наставник Баким Алиќи. За животот во Липково, тој вели дека не е како што треба, но мора некако да се живее.
Подобро беше во Југославија, отколку
сега.


Што недостасува?

„Инфраструктура, нема водовод, канализација, немаме место каде можеме да се собираме, има некои чајџилници, како клуб, некој организиран живот.“

Од локалната самоуправа делумно се задоволни.

„Барем да е почисто. Тоа што можеме, а за тоа што треба финансисии, тоа е нешто друго. Да се чистат улиците, ние самите можеме да работиме само некој треба да не организира. Видите и сами каква нечистотија е по патот.“
Барем да е почисто. Тоа што можеме, а за тоа што треба финансисии, тоа е нешто друго. Да се чистат улиците, ние самите можеме да работиме само некој треба да не организира. Видите и сами каква нечистотија е по патот.


Дали некогаш сте живееле подобро?

„Па, јас сум човек во години и кај мене има некоја носталгија, мислам дека порано поарно се живееше, по распадот на Југославија немавме баш како што треба живот, а последните десет години се мизерни, невработеноста е голема. Јас сам работам, а живееме заедно со син ми и со неговото семејство во една куќа. Син ми три години е дипломиран правник-невработен. Само јас работам како наставник во Липково“, вели Алиќи.

Неџади Османи, секретар на Општината Липково вели дека работата за подобрување на условите за животот оди многу бавно и тешко. Но, мора да се истрае.

„Од пописот од 2002 година има 27 илјади и 58 жители. Кога почнавме да работиме како општина, инфраструктурата ни беше на нула. Сега е нешто подобро. Се уште треба многу да се работи.“

За децентрализацијата, од која сите општини очекуваат придобивки, Османи вели:

„Децентрализцаијата, воопшто во Македонија оди бавно, треба да се забрза малку. Моментално децентрализацијата е извршена во образованието и урбанизмот, а во другите сфери се уште сме зависни од централната власт.“

Дали населението во Општината Липково живее подобро последните години?
И кога бевме со нашите сограѓани, браќа Срби, Македонци, Роми, не сме имале проблеми, па и сега ако се вратат нема да имаме проблеми. Според тоа не живееме сега поспокојно. Животот продолжува.

„Не, ние мислиме дека сега животот е тежок, голем број невработени, земјоделието е на нула... вообичаено.“

Дали се живее порелаксирнао затоа што сега Општината е етнички чиста?

Општина Липково

„Не. Прво, не сме чиста општина. Според пописот од 2002 година, 96 отсто се Албанци, другите се Срби, Роми и Македонци. Тие се водат како внатрешно раселени, но тие кога сакаат можат да се вратат, во Опае, Матејче и во други родни места. И кога бевме со нашите сограѓани, браќа Срби, Македонци, Роми, не сме имале проблеми, па и сега ако се вратат нема да имаме проблеми. Според тоа ние не живееме сега поспокојно. Животот продолжува.“
Има дисперзирани канцеларии за труд социјални работи, агенција за развој на земјоделието, и канцеларијата за јавни приходи на кој начин Владата на РМ се доближува до своите граѓани со своите подрачни единици.


Градоначалникот Садула Дураку е задоволен од соработката со Владата.

„Има дисперзирани канцеларии за труд социјални работи, агенција за развој на земјоделието, и канцеларијата за јавни приходи на кој начин Владата на РМ се доближува до своите граѓани со своите подрачни единици.“

Една деценија по конфликтот во Општината Липково, освен изградени џамии и споменици, секако и по некоја огромна и модерна куќа веројатно на гастарбајтерите, ништо не е сменето. Има по некое партиско вработување, раскажуваат тие, но општина без ниту еден стопански објект, со земјоделство вратено многу години назад, уште повеќе им ги буди спомените од минатото, кога како што велат подобро живееле.

Конфликтот од 2001-та нерадо се споменува. Тоа време лебди во воздухот. На него најмногу се сеќаваат оние кои останале без нивните најблиски. За конфликтот сведочат и урнатините од некогашните вековни огништа на сега внатрешно раселените Македонци и Срби од Матејче. Времето ги лекува раните, но лузните остануваат кај сите, без оглед дали се зборува за нив или се молчи.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG