Достапни линкови

Хосни Мубарак веќе не е Претседател на Египет. Власта ја презеде армијата, која денеска започна да ги отстранува барикадите.

Египетската армија започнала да ги отстранува барикадите околу плоштадот Тахрир во Каиро, кој беше центарот на протестите за соборување на претседателот Хосни Мубарак. На војниците им помагале и доброволци за расчистување на металните бариери и изгорените автомобили. Изминатата ноќ, Египќаните ја прославуваа оставката на Мубарак, кој по 18-дневните демонстрации, власта и ја предаде на армијата.

Од светот се испраќаат честитки до египетскиот народ. Американскиот претседател Барак Обама оцени дека гласот на египетскиот народ беше слушнат и оти Египет веќе нема да биде ист. Генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки Мун им оддаде признание на Египќаните за мирното и легитимно искажување на револтот и ги повика сите страни да продолжат со транзицијата во истиот дух. Но, по прославите, сега се поставува прашањето дали армијата е подготвена за демократизација на земјата. Многумина Египќани велат дека оставката на Мубарак беше само едно од барањата, сега се потребни целосни измени на досегашниот систем.

Инаку, синоќа иладници луѓе извикуваа „Египет е слободен – Египет е слободен“ славејќи ја веста дека претседателот Хосни Мубарак поднесе оставка.

Тоа синоќа беше соопштено преку државната телевизија. Веста на народот му ја соопшти потпретседателот Омар Сулејман.

„Мои почитувани сограѓани. Во ова тешко време низ кое минува земјата претседателот Хосни Мубарак реши да поднесе оставка на функцијата и му даде задача на Високиот совет на војската да ја преземе контролата врз државните работи. Господ нека ни е напомош.“



Се јавува дека Претседателот Хосни Мубарак го напуштил главниот град. Според Ал Арабија, Мубарак заминал за Шарм ел Шеик. Илјадници демонстранти во Каиро инаку денеска ја опколија претседателската палата и државната телевизија незадоволни што Мубарак не поднесе оставка синоќа како што се очекуваше.

Реакции на Меѓународната заедница

Американскиот Потпретседател Џо Бајден изјави дека овој ден е историски ден за Египет.

„Заминувањето на Мубарак мора да води кон демократија“, изјави Бајден.

Во својата првична реакција високиот преставник на ЕУ за надворешна политика Катрин Ештон ја поздрави одлуката на Мубарак да поднесе оставка. Оставката на Мубарак ја поздравија и германската канцеларка Ангела Меркел, како и Претседавачот на Арапската лига Амр Муса.


Египетската армија инаку претходно го поддржа планот на претседателот Хосни Мубарак за трансфер на власта.

Во соопштението на Високиот совет на војската се наведуваше дека таа го одобрува трансферот на овластувањата од Мубарак кон потпретседателот Омар Сулејман.
Војската, исто така, вети слободни и фер избори оваа година, но не е соопштен датум. Армијата исто така ветува дека ке спречи изборен фалсификат.

Војската, во соопштението, предупреди дека ке реагира доколку има закана за националната безбедност и повика на враќање на нормалниот живот во земјата.

Инаку оставката на египетскиот претседател Хосни Мубарак се очекуваше синоќа на неговото обраќање на државната телевизија.
Наместо тоа вчера го реафирмира своето поранешно ветување дека нема да бара реизбор кога неговиот мандат ќе истече во септември. Велејќи дека зборува од срцето, „како татко на своите деца“, Мубарак изрази жалење за стотиците Египќани кои загинаа во протестите во последниве 17 дена против неговото 30 годишно владеење.

Но, Мубарак рече дека дал заклетва на функцијата претседател пред Бога да и служи на земјата како претседател и дека нема да прифати „странски упатства“. Тоа уште повеке ги разлути демонстрантите кои во огромен број останаа и ноќта на Тахрир.
  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG