Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ да престане да измислува непријатели, порака од Брисел


Јелко Кацин
Јелко Кацин

Искажани серија остри критики за Македонија во расправата во комисијата за надворешна политика на Европскиот Парламент.

Македонија е млада земја со млади политичари, но тие би требало во вториот мандат да се запрашаат зошто веќе 6 години минуваат без датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Ова, како што дознава Радио Слободна Европа, го изјави потпретседателот на делегацијата на Европскиот Парламент за југоисточна Европа, Јелко Кацин, на денешната расправа во Брисел на комисијата за надворешна политика на ЕП за напредокот на Македонија во 2010-та година.

Неопходни се позитивни промени и дијалог, изјави Кацин, додавајки:

„Во последните неколку години, политичката елита изгради непотребен идеолошки ѕид меѓу граѓаните и соседите, ѕид кој се вика Александар Македонски, кој ја труе атмосферата и го спречува реалниот поглед на сегашноста и на иднината на земјата. Време е владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ конечно да се разбуди, да ги запре нападите врз сите и да престане да измислува непријатели. Во Европската Унија сакаме да и помогнеме на таа земја на патот кон Унијата, но потребна ни е нивна соработа и помош“, изјави Јелко Кацин.
И известувачот за Македонија, Зоран Талер, како проблеми ги нагласува недостигот од политички дијалог во Македонија кој доведе до бојкот на Парламентот, независноста на судството и слободата на медиумите. Талер ја нагласи и улогата на евро-амбасадорот Ерван Фуере кој и помага на Македонија да напредува кон ЕУ, но за жал е изложен на напади.
XS
SM
MD
LG