Достапни линкови

Подобрени условите во домот за стари во Прилеп


Домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“ во Прилеп

Домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“ во Прилеп

Штитениците во домот за стари лица во Прилеп „Киро Крстески Платник“ задоволни од условите што им се нудат во институцијата.

Седумдесет и петгодишната Велика Буџакова е сместена во домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“ во Прилеп, откако донела одлука да го напушти семејството во Охрид. Таа боледува од повеќе болести, но вели во домот има постојана лекарска нега, па иако е далеку од огништето, се чувствува безбедно покрај новостекнатите пријатели, нејзини врсници.
Се изврши комплетна реконструкција, како замена на канализационата и водовната мрежа, поставување на нови плочки, санитарии и промена на дограмата. За таа цел беа потрошени околу 2,5 милиона
денари.


„Со се сум обезбедена и со грејалица и со парно и со вентилатор оти јас не можам во лето да издржам. Сестрите што ќе речам тоа ќе ми направат, одма трчаат оти јас сум болна, ми даваат лекови. За мене се достига чедо“, вели Буџакова.

Многу е задоволна од сместувањето во Домот и прилепчанката Ленче Ѓорѓиоска. Таа има 73 години, а веќе полни седум години е згрижена во оваа институција. Нејзиното здравје е добро, затоа и денот и е исполнет со многу активности. Вели не може да се замисли себе си без да работи и да помага секаде каде што може.

Ленче Ѓорѓиоска

„Во кујна помагам, овде и по стариве помагам и по цвеќињата ги одржувам, задоволна сум и од јадењето е добро, што да биде подобро. Овде имаат каснато што во животот немаат видено, ни банана, ни мандарина, ни портокал, ни кечап... што не, немам зборови значи, немам што да се пожалам“, истакнува Ѓорѓиоска.

Во моментов е искористен речиси целиот капацитет на домот кој што располага со 150 соби. Корисниците, претежно пензионери, тука го наоѓаат својот мир, во доцните години од животот. А, според раководството, постојано се подобруваат и условите за живот. Лани биле реализирани неколку градежни зафати на првиот кат од овој објект.

„Се изврши комплетна реконструкција, како замена на канализационата и водовната мрежа, поставување на нови плочки, санитарии и промена на дограмата. За таа цел беа потрошени околу 2,5 милиона денари. Се изгради и фонтана за која се издвоија 90.000 денари, а се сменети и подните плочки во приемното одделение и во летниковецот“, вели директорот Дарко Рибароски.

Сите градежни зафати се реализираат делумно со сопствени средства, дел со пари од Министерството за труд и социјална политика, но и од прилепската Општина, затоа што домот за стари лица со децентрализацијата е под локална капа.

„Оваа година не очекуваат поголеми инвестиции во Домот, некаде во вредност од околу 5 милиони денари, можеби и повеќе доколку успее да се реализира проектот за реконструкција на собите и изградба на санитарни јазли, така да Домот од година во година добива се подобри услови за сместување на старите лица“, најави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Тој додава дека во план е и проширување на капацитетот на оваа институција, но првин како што рече, ќе треба да се изработат проектите кои мора да се усогласат со деталните урбанистички планови, кои што општинскиот Совет според најавите ќе ги усвои годинава.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG