Достапни линкови

logo-print

Неделен печат


Весници, неделници, печат...

Весници, неделници, печат...

Политичката ситуација во земјава, по излегувањето на опозицијата освен ЛДП, од Собранието, разбирливо, е темата број еден во неделниците.


Глобус - Диктатурата не може да се победи институционално


„Диктатурата не може да се победи институционално“, констатира Глобус преку перото на својот заменик на главниот и одговорен уредник, став кој од некои пишани медиуми веќе е одбележан како „навивање“ за „туниско сценарио“, како разврска на домашнава политичко-социјална криза. Вистинското прашање, продолжува неделникот, е - што Македонија добива од оваа политичка криза, а не што губи со неа, а социјалдемократите веројатно сфатија колку се доведоа во незавидна позиција поради тоа што предолго беа пасивен набљудувач на една власт која незаситно ја акумулираше моќта. Каква ќе биде борбата и кои средства ќе се употребат, пред се' зависи од однесувањето на власта, а СДСМ како и секоја опозиција, мора да ги има предвид сите ризици, но и да има одговор на сите предизвици, заклучува Глобус.

Форум - Наликуваме на растурена сарма!

Форум, во анализата за сегашнава политичка криза го цитира социологот Ѓорѓи Тоновски, кој употребува кулинарски речник за да ја опише сегашната политичка состојба. „Наликуваме на растурена сарма!“, смета Тоновски. Инаку, излегувањето на опозицијата од Собранието ја исправи Македонија пред уште една парламентарна криза. Можни се два начина за излез од неа: враќање на опозицијата во собраниските клупи или предвремени избори, заклучува неделникот, наведувајќи дека токму недостигот на политичка дебата е огништето на проблемите со кои се соочува земјата. И власта и опозицијата мораат да седнат, да се договорат и да одговорат на прашањето: Каде оди Македонија и како понатаму?, сугерира Форум.

Фокус - Вашингтон го пали црвеното светло

„Вашингтон го пали црвеното светло“, констатира главниот колумнист на Фокус, откако американскиот амбасадор, Рикер, по свое барање, ги посети премиерот Груевски и првиот разузнавач Мијалков на Илинденска бб. На сите досегашни протести, власта одговараше со контра-протести, продолжува колумнистот.


Само новинарите на А1 беа удостоени со присуството на Груевски, кој самиот им побара интервју. Затоа што допрва проработело нешто демократско во него?! Како да не, извикува колумнистот. Пастирот доби тешки заушки од Рикер, па сега ни самиот не знае како да излезе од кашата што самиот си ја надроби. Судиите му ја надробиле?! О, па ете го решението. Тие ќе си го окркаат, оти кој што дробел, тоа и ќе си срка. Скраја било, премиерот да им се меша во менито! - извикува со иронија колумнистот на Фокус, за да забележи дека претседателката на судот Неделкова веќе почнала да се фемка во врска со жалбата на адвокатите на 'смрзнатата' телевизија, затоа што Груевски всушност го најавил бербатењето на судиите, кои, нели работеле самостојно и без негово мешање донесле одлука за замрзнување на сметката на А1. По истиот принцип тие сега ќе го сркаат она што божем сами си го надробиле, заклучува Фокус.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG