Достапни линкови

Неделен печат



Тиранско сценарио

„Груевски - среќлијата и Бериша - малерозниот“, е насловена колумната во најновиот Глобус, во која авторот, инспириран од неодамнешните крвави протести во Тирана против корумпираната влада, ги споредува Груевски и Бериша и нивното владеење и пишува за големата заблуда на секој кој мисли дека албанскиот премиер е на тенок мраз, а неговиот македонски колега здраво чекори врз цврстата земја.
Глобус смета дека кај нас не можело да се случи Тиранското сценарио, пред се', поради тоа што нашата опозиција, односно СДСМ, не е приврзаник на ескалација на состојбите или насилно уривање на власта. Сведоци сме на игра на нерви меѓу двата политички блока. Кој прв ќе нападне? Кој прв ќе погреши? Чија тактика ќе се покаже како подобра?, прашува Глобус и смета дека провокациите за предвремени немири, политиката на перење на мозоци и дополнителните притисоци врз потенцијалните незадоволници ќе бидат во функција на обединување на моќта на оние кои посакуваат Македонија да заличи на нормална држава.

Tирана - судири меѓу опозицијата и полицијата

Каде се цигарите на Бајруш?

Фокус, уште на насловната поставува интригирачко прашање: „Каде завршија седумте тони цигари, запленети во полициската акција против Бајруш Сејдиу?“, за во текстот да напише дека додека тутунскиот бос е во затвор, валканиците околу случајот Пепел излегуваат на виделина. Имено, додека траела постапката во случајот Пепел, мистериозно исчезнале седум и пол тони цигари, кои при апсењата на Сејдиу и триесетина негови соработници биле одземени од магацините на фирмата Попецо табак-Струмица! Сега сите креваат раце и никој не знае каде завршиле цигарите!?

Фокус заклучува дека Пепелот уште долго може да ни го заматува видикот доколку останат вакви прашања, како цигарите што ги нема, оти гонејќи го Сејдиу, да не излезе дека се штитат други. Дотолку повеќе што и за Бајруш велат дека немало да биде чепнат ако политички не се судрел со албанскиот коалиционен партнер во Владата.

Данокот на синот на Амди - Шабан Бајрам

Форум, на насловната ја најавува својата носечка тема: „Гаранција жими мајка“, со фотографијата на Амди Бајрам. Поточно, за скандалите на семејството на пратеникот Амди Бајрам. Имено, вториот син на пратеникот, Шабан Бајрам, во 2001 ја оштетил државата притајувајќи данок за над 5 и пол милиони денари, а кога почнале судските рочишта во 2003 заминал за Суботица, од каде се вратил лани.
Судот му одредил притвор и по него била распишана потерница, која пред околу еден месец била укината, откако судот ја прифатил гаранцијата понудена од него. Форум ги наведува мислењата на судските експерти дека тоа е несекојдневна практика во третата власт.

И против првиот син на Амди Бајрам, Елвис, инаку градоначалник на Шуто Оризари, Антикорипциска неодамна побара кривична одговорност под сомнение дека го изградил плоштадот во општината, а тендерот се уште не бил завршен. Комисијата побара и преиспитување на имотот на Амди Бајрам и на неговиот син Елвис, затоа што не го пријавиле сиот свој имот во анкетниот лист, пишува Форум.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG