Достапни линкови

Реакции за опозицискиот бојкот на Собранието


Опозицијата најави напуштање на пратеничките клупи
Опозицијата најави напуштање на пратеничките клупи

ЕУ не поддржува никаква форма на бојкот. Американскиот амбасадор вчера изрази загриженост во врска со независноста на медиумите.

Во писмената реакција на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски се вели дека бојкотот не е начин на кој треба да се решаваат проблемите и им штети на националните интереси на државата. Во соопштението е наведно дека в понеделник на координативна средба ќе се разговара за состојбата и се очекува да присутвуваат и претставниците на опозицијата и покрај нивните вчерашни најави за напуштање на Парламентот.

Коалиционата партија на власт ДУИ се уште нема изградено став за бојкотот на Парламентот од опозоциските партии. Потпретседателот на собранието и член на ДУИ Рафиз Алити вели дека јавноста наскоро ќе биде информирана за нивниот став околу случувањата.

„Најверојатно овие денови централното претседалство ќе се состане и ќе се анализира целокупната политичка ситуација во земјата и ДУИ ќе излезе со свој став.“

Алити вели дека интересот на Собранието не е да работи само со партиите на мнозинството.

Од мисијата на ОБСЕ во Скопје велат дека внимателно ја следат ситуацијата со последните политички случувања и дека ги охрабруваат политичките партии да го користат Парламетот како најважен форум за политички дијалог. Во реакција е наведено дека ОБСЕ ја поддржува слободата на медиумите, но исто така и владеењето на правото и независноста на судството.

ЕУ: Местото на пратениците е во парламентот

Европската унија не поддржува никаква форма на бојкот, бидејќи местото на пратениците е во Парламентот затоа што единствено таму можат да обезбедат еден од најважните услови за евроинтеграција а тоа е политичкиот дијалог. Ова е ставот на делегацијата на Европската унија во Скопје откако вчера СДСМ и НСДП го напуштија Парламентот.

Во врска со случувањата со А1 Телевизија, во делегацијата на Европската унија велат дека не можат да коментираат тековни судски случаи но сметат дека на медиумите треба да им биде овозможена непречена работа.

Американскиот амбасадор Филип Рикер

Американскиот амбасадор во Скопје Филип Рикер синоќа изјави дека во моментов има криза во македонскиот парламент и дека институциите треба да се справат со тоа. Тој смета дека криминалците треба да се гонат и доколку има криминал, тој треба да се санкционира, но слободните и независни медиуми не треба да се затвараат.

Рикер додаде дека амбасадата ќе продолжи да ги набљудува случувата во земјава и дека следната недела ќе има голем број работи за пријавување при посетата на Вашингтон.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG