Достапни линкови

Хосни Мубарак не ги прифаќа барањата на демонстрантите да си поднесе оставка, туку ја распушти владата и најави реформи. Обама бара од него да ги оствари ветувањата.

Египетскиот претседател Хосни Мубарак ја распушти владата, но не најави и сопствена оставка, што е едно од главните барања на масовните демонстрации во Египет, кои продолжуваат и покрај полицискиот час. Во неговото прво телевизиско обраќање од започнувањето на протестите, нешто по полноќ, Мубарак ја правдаше интервенцијата на безбедносните сили против демонстрантите и најави нова влада и спроведување на политички, економски и социјални реформи.

Хосни Мубарак во телевизиското обраќање
„Побарав од владата да си даде оставка денеска. Ќе ја бранам безбедноста на Египет и на сите египетски граѓани.“

Мубарак, уличните демонстрации ги оквалификува како хаос, а претходно и издаде наредба на армијата да излезе на улиците и да спроведе полициски час од 6 часот поладне до 7 претпадне. Но, и покрај тоа илјадници луѓе останаа на улиците на Каиро и во текот на ноќта палеа одредени објекти.

Досега во судирите во Египет загинале повеќе од 20 луѓе, а стотици се повредени.

Американскиот претседател Барак Обама ги повика египетските власти на воздржаност, оценувајки дека жителите на Египет имаат право на мирни протести. Обама соопшти и дека телефонски разговарал со Мубарак.

„Кога претседателот Мубарак му се обрати на египетскиот народ, вети подобра демократија и поголеми економски можности. Штотуку разговарав со него и му реков дека мора да преземе конкретни чекори и да го спроведе тоа што го вети.“
Мубарак и Обама разговарале по телефон

Но, демонстрантите во Египет не бараат ветувања за реформи, туку промена на режимот. Ситуацијата во Египет и натаму е многу тензична, а американската дипломатија е во незгодна позиција поради долгогодишното сојузништво со Мубарак. Сепак, вчера американскиот државен секретар Хилари Клинтон изјави:

„Овие протести покажуваат дека постојат големи проблеми во египетското општество, а египетските власти мора да разберат дека насилството нема да ги отстрани тие проблеми.“

Во меѓувреме, Белата куќа соопшти дека годишната американска помош за Египет од 1,5 милијарди долари, ќе зависи од тоа како Мубарак ќе се справи со актуелната криза.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG