Достапни линкови

Преглед на печатот


Весници, магазини, неделници, печат

Весници, магазини, неделници, печат

Протестите на професорите и студентите, можноста за туниско или албанско сценарио во Македонија, состојбите во судството... главни теми во печатените медиуми.

Опозициски настроените весници во земјава два дена ги следат најавите за протестот на професорите на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, во Скопје поради предложените законски измени од страна на Владата со кои се посега во автономијата на Универзитетот. „По 14 години професорите на протест“, пишува Утрински. „Студенти и професори на различна страна“, насловува Дневник, кој наведува дека во интервал од само час и половина во универзитетскиот кампус група студенти со собир ќе ја искажат својата поддршка за измените на Законот и на Владата.

Истите весници и некои телевизии информираа за протестот на стоматолозите, првиот од повеќето најавени на здравствените работници, кои се незадоволни од новиот начин на исплаќање плати по учинок и вбројувањето на лекарите во јавни службеници. „Протести ќе го тресат здравството“, пишува Дневник, кој истовремено ја објавува одлуката на Владата дека јавното здравство ќе прими 280 медицински лица.

Време прави анализа на зголемениот број протести на разни социјални групи во земјава, консултирајќи експерти, што го наведува да наслови дека „Гори социјалниот фитиљ“ и дека „Незадоволството на народот од власта се излева на улица“.

А1 телевизија и Време го објавуваат ексклузивното интервју на американскиот амбасадор во Македонија, Филип Рикер, кој заминува на нова должност, во кое амбасадорот многу отворено ги повтори забелешките на состојбите во земјава со слободата на говорот и особено во судската власт: „Мешањето на политиката во судството е загрижувачка“, го цитира амбасадорот Рикер, Време.

Интересирањето за состојбите со откупот на тутунот кај другите медиуми полека спласнува, но Време и понатаму информира за ситуацијата на теренот: јавува дека цената, освен во државниот Тутунски комбинат во Прилеп, кој во меѓувреме доби пари на заем од ЕЛЕМ, МЕПСО и од Тутунска банка, едвај достигнува просек од 120 денари по килограм и дека додека решаваат дали да протестираат или тутунот да го продаваат по срамно ниски цени - всушност нижат загуби. Време исто така пишува дека на тројца членови на штрајкувачкиот одбор им биле понудени големи суми пари за да ги прекинат протестите.


Нова Македонија и Време, поттикнати од антивладините протести, во Тирана, ја обработуваат темата дали е можно прелевање на немирите во Скопје: „Рејтингот го штити Груевски од тиранското сценарио, но државата не е сосема безбедна од прелевање на кризата“, насловува Нова Македонија, наведувајќи го предупредувањето на американскиот институт за разузнавање и анализа Стратфор на такво нешто. Време во насловот прашува дали албанско сценарио и' се пишува на Македонија, наведувајќи мислења на експерти и на опозицијата. Во истовреме, весникот го објавува и ставот на премиерот Груевски дека такво нешто не е можно кај нас.

По лидерската средба кај претседателот Иванов, Утрински излезе дури со малку подбивно-ироничен наслов дека консензус бил постигнат само за гулашот од муфлони и за супата од фазан.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG