Достапни линкови

Ваши коментари


Проблемот со тутунарите најкоментарна тема на нашата веб страница

Проблемот со тутунарите најкоментарна тема на нашата веб страница

Колку длабоко е поделено македонското општество се отсликува и во пораките на нашите слушатели кои во врска со тутунарскиот проблем отвориле цела дебата на нашата веб-страница.

„Долината на волците“ влезе и во електронските пораки на веб-страницата на Радио Слободна Европа. Некој наш слушател потпишан со името на ликот од популарната турска ТВ-серија, Мемати од Истанбул, и' реплицира на Билјана од Скопје, која смета дека може да се крши нешто што е лична сопственост, а не нешто што му припаѓа на цел народ, дека на тутунарите кои протестираа речиси четири недели им е дојдено преку нос и дека тие што протестираат се всушност државата. Мемати ги повикува тутунарите, лозарите, млекарите, градинарите и другите да ја скршат, како што пишува, оваа власт.

Проблемот со ниските цени на откупот на тутунот, практично, покажува колку се подели нашиот народ по партиска линија. Таа поделеност
се отсликува и во пораките на нашите слушатели кои во врска со тутунарскиот проблем отвориле цела дебата на нашата веб-страница. Едни сметаат дека тутунопроизводителите и нивниот лидер Кире Неделковски се партиски членови на СДСМ - и ги кудат, други ги поддржуваат, трети го објаснуваат проблемот со неисплатата на субвенциите.

Т.М. од Охрид пишува дека субвенциите се заминати во погрешни раце и дека не повеќе од 50 отсто од земјоделците имаат земено субвенции. Т.М. од Охрид додава дека не станува збор ни за едната ни за другата партија, туку за народот, а народот е државата, не е ниту Груевски или Црвенковски.

Слушател потпишан како Тутунар од Штип им одговара на Билјана и на Ливерпул, кој ги обвинува тутунарите дека се партиски инструирани, дека него и неговите колеги не ги интересира политиката, ниту сме за ВМРО, ниту за СДСМ, а вие, вели, браните една страна. Чесно изработеното сакаме коректно да ни се наплати, што било во минатото е историја, факт е дека сега не е добро, порачува Тутунарот од Штип.

Меѓу пораките има и онакви што сметаат дека оваа Влада треба да оди зад решетки, дека Груевски ја ора Македонија како сопствена нива, но и такви кои сметаат дека сите пораки контра Владата се од приврзаници на транзиционерот Б.Ц, како што пишува Мартин од Скопје.

Петко од Прилеп, пак, предлага премиерот и министрите само еден ден да станат во 3 часот наутро за да наберат или да насадат тутун.

Во нашиот Хајд парк, на прашањето дали кај нас има или нема корупција, има една интересна порака која вреди да се препрочита за оние кои не ја отвориле веб-страницата на Радио Слободна Европа. Владо од Битола пишува дека оваа власт се бори против корупцијата на ситно. Значи, можеш да завршиш во затвор за 100 евра, арно ама, ако си вмешан во корупција на големо, за 100 илјади евра и нагоре, тогаш тоа не е корупција, тогаш си власт, тоа е стил на владеење, смета Владо од Битола.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG