Достапни линкови

Туниско сценарио во Албанија?


Европската унија, ОБСЕ и Соединетите Држави заеднички побараа смирување на ситуацијата во Албанија по загинувањето на тројца цивили и ранувањето на десетина други за време на судирите меѓу полицијата и демонстрантите кои протестираа против владата во Тирана.

Во заедничката изјава на ЕУ, ОБСЕ и амбасадата на САД во Тирана се изразува длабоко жалење за жртвите и воздржаност на сите страни од провокации.

„Албанија е демократска држава и затоа го повторуваме повикот за постигнување компромис за решавање на политичките разлики“, се наведува во изјавата.


Повик за смирување на ситуацијата упати и американскиот Стејт департмент. Портпаролот Филип Кроули изјави дека граѓаните на Албанија заслужуваат повеќе од провокативна реторика.

До насилствата дојде откако вчера илјадници приврзаници на опозиционата Социјалистичка партија протестираа во Тирана со барање за оставка на владата.

Албанија не е во вонредна состојба и нема да воведе вонредна состојба. Но, нема да се толерираат никакви сценарија за
насилство.
Опозицијата ја обвинува владата за корупција, злоупотреба на власта и за фалсификување на резултатите од последните парламентарни избори во 2009 година на кој убедливо победи Демократската партија на премиерот Сали Бериша.

Новинските агенции јавија дека демонстрантите фрлале камења и други предмети врз безбедносните сили, по што полицијата одговорила со солзавец и со водени топови.

Многу автомобили, вклучувајќи и полициски, биле запалени. Се уште не е познато дали жртвите биле погодени од полициски куршуми.

Алфред Гега, заменик директор на Воената болница во Тирана, изјави дека еден од загинатите бил со прострелна рана во главата, а другите двајца со рани на градите од куршуми истрелани од непосредна близина.

„Еден цивил и еден полицаец се во критична состојба“, додаде Гега.

Во судирите имало повредени 30-тина демонстранти и 17 полицајци.


„Изроди на сопствени албански Бен-алиевци почнаа туниски сценарија во Албанија“, оцени Бериша, споредувајќи ги неговите социјалистички опоненти со соборениот претседател на Тунис Бен Али.

Лидерот на Социјалистичката партија Еди Рама, пак, оцени дека толпата била испровоцирана од полицијата која се однесувала непрофесионално.

Ова насилство беше најголемо во земјата која е кандидат за членка на Европската унија од она во 1998 година кога демонстрантите влегоа во зградата на парламентот, по смртта на еден пратеник.

„Албанија не е во вонредна состојба и нема да воведе вонредна состојба. Но, нема да се толерираат никакви сценарија за насилство“, рече Бериша.

Претседателот на Албанија Бамир Топи побара од ривалските политички лидери веднаш да започнат дијалог за надминување на тензиите.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG