Достапни линкови

Марти: Не тврдам дека Тачи тргувал со органи


 Дик Марти
Дик Марти

На зимското пленарно заседание на Парламентарното собрание на Советот на Европа што ќе се одржи идната недела, една од главните теми ќе биде извештајот на Дик Марти за илегалната трговија со органи на Косово. Тој синоќа прецизира дека во својот извештај не тврди оти во тоа учествувал и премиерот на Косово Хашим Тачи.

„Доколку внимателно го прочитате извештајот, никаде децидно не велам дека господин Тачи директно учествувал во трговијата со човечки органи, туку велам дека во тоа учествувале луѓе многу блиски до него. Тешко е да се поверува дека тој никогаш не чул за тоа“, изјави известувачот на Советот на Европа Дик Марти во интервју за Радио Телевизија Косово.

Според него, досега никогаш немало вистинска истрага за наводите за трговија со човечки органи во текот на војната на Косово во 1999 година.

Хашим Тачи


За неговиот извештај, идната недела ќе расправа Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Се очекува, на седницата да зборуваат претседателите на Турција, Србија и Романија, како и премиерот на Албанија.

Членот на претседателството на Собранието на Косово Џавит Халити, инаку еден од спомнатите во извештајот на Дик Марти вели дека Тирана и Приштина ги координираат активностите во врска со заседанието:

„И албанската и косовската страна се заинтересирани да се спроведе истрага, но важно е аргументите во врска со обвиненијата да им се предадат на претставници на Еулекс кои би покренеле дополнителна истрага со цел овој случај да биде завршен еднаш засекогаш“, вели Халити.

Доколку внимателно го прочитате извештајот, никаде децидно не велам дека господин Тачи директно учествувал во трговијата со човечки органи, туку велам дека во тоа учествувале луѓе многу блиски
до него.


Во меѓувреме, портпаролот на Еулекс Кристина Херодес потврди дека Приштина и Тирана веќе разговарале за идните чекори во врска со наводите во извештајот.

„Делегација на специјалното обвинителство на Косово одржа состанок со главниот обвинител на Албанија на кој беа разгледани можните чекори поврзани со извештајот на Дик Марти. И Еулекс му испрати писмо на Марти со неколку прашања.“

Во извештајот, Дик Марти обвинува дека дел од Ослободителната војска на Косово во текот на 1999 година организирал грабежи на луѓе на кои потоа во Албанија им биле вадени органи кои биле продавани.

Контровезрната „жолта куќа“ во Албанија, што наводно се користела во трговијата со органи


Ваквите наводи, владата на премиерот во оставка Хашим Тачи ги отфрли, оценувајќи ги за неосновани и побара сите докази што ги поседува Марти да им ги предаде на правосудните органи за да се овозможи истражна постапка.

Тоа всушност го бара и самиот Марти кој во синоќешното интервју изјави дека Албанија ја оневозможувала истрагата. Имено, според него, Тирана сметала оти нема причина да се отвори истрага за евентулани настани на нејзина територија бидејќи не била дел од судирите во поранешна Југолсавија.

Тој исто така ги отфрли некои тврдења дека неговиот извештај бил направен врз основа на информации добиени од обвинителството на Србија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG