Достапни линкови

Тутун и политика


Тутунарите го палат тутунот пред Собрание во знак на протест против ниските откупни цени
Тутунарите го палат тутунот пред Собрание во знак на протест против ниските откупни цени

Собранието не ги изгласа заклучоците на опозицијата. Тутунарите го чекаат исходот од седницата на протест пред Парламентот.

Пратениците денеска не ги изгласаа предлог заклучоците на опозицијата за решавање на проблемите на тутунарите. Тие на неколку часовна седница расправаа по Информацијата за состојбата со откупот на тутунот. По завршувањето на собраниската седница тутунопроиводителите го завршија речиси девет часовниот протест. Тие најавија нови порадикални протести од четврток.

Што се случуваше?

И ние работиме за парче леб, Го исекоа народот, Го береме во поле, го диплиме, но не се исплаќа...со вакви транспаренти, тутунарите од цела Македонија се обединија пред македонското собрание. До Скопје, не стигнале шест автобуси. Полицијата ги запрела, со објаснување дека истите не се исправни. Гневни од тоа што им се случува годинава, своите маки ги споделија Хамза Рушид и Драган Чагароски.

„Што да правам? Гладни сме. Верувате дека сме гладни? Дваесет и еден ден сум на протести и измрзнав. Верувате дека немаме денар во џеб. Кај овие луѓе да пробркате по џебовите, нема ни илјада денари да соберете“


„Маслото отиде на сто денари а тутунот е на четириесет денари. Со толку пари не се гледа шестчлено семејство – со две илјади евра да земеш годишно. Дали Вие тоа би го преживеале? Децата наши не знаат што е одмор, не знаат каде е Охрид. До три часот се на нива, а после во кревет. Срамота за државата“

Денеска пред Собранието - Скопје е блокиран

За опозицијата, ситуацијата со тутунарите е алармантна. За власта, нивните протести се инструирани и полизтизирани. Ги прашавме претставниците на двете страни како да се решат проблемите на тутунарите?

Горан Сугаревски од Социјалдемократскиот сојуз вели дека најголем проблем е нереалната проценка на цената на тутунот. Опозицијата ги поддржува барањата на тутунарите, а еве како предлага да се стави крај на тутунарската мака.„Владата да досубвенционира до 192 денари, да се направи итен ребаланс на буџетот и третото е под итно, по скратена итна постапка да се донесат измени и дополнувања на законот за тутун, каде што тутунот ќе се цени во три класи“, изјави Сугаревски.



Власта признава дека постои реален проблем. Проблемот е тоа што откупувачите нереално го проценуваат квалитетот на тутунот, но истиот се злоупотребува во политички цели, вели Панче Дамески од ВМРО-ДПМНЕ.

„Решението на проблемот не е ниту со блокади на улици, ниту со блокади на железници, а уште помалку со блокади на гранични премини. Решението на проблемот треба да го бараме во рамките на Законот за тутун и тутунски производи, што овозможува заштита на тутунопроизводителите која може да се оствари преку нивните повереници кои се на вагите. Тие повереници добиваат надомест од страна на тутунопроизводителите и тие се таму кои треба да ги штитат интересите на тутунарите.“

Протест на тутунарите пред Собранието на РМ
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:02 0:00


Според земјоделските експерти, проблемот настанал лани, кога откупната цена на тутунот била преценета. Според професорот Борис Јанакиев, моменталната цена на тутунот ја диктира пазарот, а во тој контекст цената што во моментот ја бараат тутунарите е нереална и висока. Од друга страна Јанакиев посочува дека денешниот проблем е последица на погрешните владини политики.

„Лани се направи хаос и се формира таа висока цена. Земјоделците помислија тука е сега ќарот, идната година ќе насадиме многу тутун и се насади многу тутун. Владата, пак, не постапи правилно. Сега останаа многу луѓе кои не склучиле договор, а според законот, ако немаш договор нема да насадиш. Сега и тие луѓе кои немаат договор, притискаат.“

Како да се реши проблемот на околу 100.000 луѓе кои живеат од производство на тутун? Еве го предлогот на професорот Јанакиев:

„Владата ќе биде во состојба ако даде пари од државните резерви да го купи тутунот, по која цена не е битно, може и да ја заголеми цената, меѓутоа владата нема пари да го направи тоа.“

Од пред македонското собрание тутунарите најавија дека нема да си заминат, додека не се најде решение за нивната мака.

Мал инцидент на протестот

Група демонстранти се обиделе да го пробијат полицискиот кордон за да влезат во законодавниот дом.
Демонстрантите фрлале шишиња и други предмети кон полицајците, при што бил повреден со камен во глава фоторепортер на дневниот весник „Нова Македонија“.

Пешевски: просечната цена е 143 денари

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на денешната собраниска седница изјави дека над четири милиони килограми тутун се откупени до денеска, а просечната откупна цена по килограм изнесува 143 денари.
Според Пешевски сите 212 пунктови во државата се отворени и направени се повеќе од 800 контроли и изречени се 225.000 евра казни.
Тој очекува уште 20 до 21 милион килограми да бидат откупени и цената да достигне околу 170 денари за килограм.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG