Достапни линкови

Преглед на печатот


Настаните што неделава се најдоа на страниците на македонските дневни весници.

Има ли жени во Македонија? Жени кои заслужуваат да им се направи статуа што би стоела на некое видно место во главниот град? Освен онаа на Мајка Тереза? И ако нема, дали тоа некого поттикнува на размислување? Судејќи според информацијата што ја објави Утрински за тоа кои статуи ќе бидат поставени на Мостот на уметноста изгледа - нема! Значи, 29 статуи на видни македонски и албански мажи, ниту една жена. Па, белки се родила некоја жена во оваа земја што заслужила да има своја статуа!
Боли глава од секојдневните поскапувања.

Поскапиот живот, судејќи според информацијата на Утрински, ќе биде дел од почетните денови и месеци на новава година. „Боли глава од секојдневните поскапувања“, насловува весникот, напомнувајќи дека нема место за оптимизам и дека сите цени ќе продолжат да растат и годинава. Затоа, пак, Вечер на насловната објавува дека директорката на Светска банка ја пофалила земјава за успешниот напредок во изминатите десет години.


Протестите на тутунопроизвосителите веќе трета недела се присутни во нашето секојдневје и во медиумите. Со различен однос на уредувачките политики, се разбира, во зависност од тоа кој весник или телевизија кон која страна инклинира.

За „Политички притисоци“, пишува Дневник, а за „Блокада на откупните пунктови“ и дека „Тутунарите не му веруваат на министерот Димовски“- Утрински. Вечер ги пренесува изјавите на некои тутунопроизводители кои протестираа пред седиштето на СДСМ во Велес, при што побараа да бидат оставени на мир да си го продавале тутунот.
Се стеснува обрачот околу Перо Наков.

Вечер ексклузивно објавува дека Љубе Бошкоски за Нова година бил во Порто Карас, додека „тутунарите биле на улица“, а во еден наслов прашува „Што навистина бараат тутунарите на СДСМ?“.

Време пишува дека „Расте гневот на земјоделците од ниските откупни цени“ и дека „Тутунарите не попуштаат на притисоците“.


Повеќе телевизии објавија дека во Пелагонија и кравите ќе гледаат телевизија, откако сопствениците во фармите поставиле ТВ-приемници по блокирањето на нивните трансакциски поради неплатената радиодифузна такса.

Особено Време и А1 Телевизија инсистираа на информациите поврзани со распитот кај истражен судија на новинари на телевизијата во врска со случајот „Пајажина“, насловувајќи дека „Новинарството е на суд“.
Утрински, пак, забележува дека „Се стеснува обрачот околу Перо Наков“.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG