Достапни линкови

logo-print

Интервју - Мирјана Најчевска


Мирјана Најчевска

Мирјана Најчевска

Власта ја искористува Црквата за да може да промовира некои од вредностите зад кои стои, а Црквата ја искористува власта за да ги форсира традиционалните вредности кои не се соодветни со современото демократско опкружување, вели професорката и активистка за човекови права Мирјана Најчевска во интервју за Радио Слободна Европа.



Неодамна, верските заедници побараа промени во Уставот со што бракот ќе се дефинира како заедница меѓу маж и жена. Гледате ли поврзаност меѓу ова барање и изоставувањето на сексуалната ориентација како основ во Законот за антидискриминација?

Сигурно! Сигурно дека постои поврзаност и сметам дека таа поврзаност е на едно многу повисоко ново, а тоа е поврзаност на црквата и власта што се остварува во нашата држава, односно десекуларизирањето на државата во последните неколку години.

Од една страна, власта ја искористува Црквата за да може да промовира некои од вредностите зад кои што и самата стои, а од друга страна Црквата ја искористува власта за да ги форсира традиционалните вредности кои не се толку соодветни или, во одредени случаи, се дури и спротивни на она што претставува современо демократско опкружување.



Може ли да наведете други примери за десекуларизација или за мешање на Црквата и државата?

Прво, самото донесување на новиот Закон, кој што веќе и не е толку нов, за црквата и вероисповеста во кој што дефинитивно е дадена предност на една верска заедница или на официјалните верски заедници наспроти слободата на уверувањето, а која што е во прилог и на секој вид на можна идна манипулација од страна на власта со населението, односно делењето на населението според верската определба.

Друго е обидот за внесување на веронауката како редовен предмет во основното и средно образование, каде што и Црквата и власта успеаја да најдат заеднички јазик.

Трето е секојдневното присуство на високи црковни достојници во се она што претставува пропаганден атак што го врши власта, во врска со абортусот, во врска со местото на жената во семејството, градењето на семејните традиции на повеќедетно семејство и слично.



Собранието ја изгласа Комисијата за антидискриминација. Вие бевте еден од кандидатите за член. Остро реагиравте на кадровскиот состав на прифатената Комисија.
Зошто таа Комисија за антидискриминација е важна и зошто е важен кадровскиот состав?

Комисијата е важна затоа што е замислена како независно тело за еднаквост. Независните тела се оние контролни механизми што овозможуваат, прво одреден закон да биде имплементиран, а ова е нов закон што за прв пат е донесен во Македонија и е неверојатно важно, како ќе биде во првите години обучен кадарот кој што и во судството и во полицијата и во државните структури ќе треба да се справи со одредбите од законот.

Второ, независноста на оваа Комисија е важна за да може да се пружи вистинската помош на барателите на заштита кои што вообичаено се припадници на маргинализираните групи.

И трето, независноста е многу важна за да може да оди напред развојот на оваа регулатива и развојот на практиката, бидејќи таа Комисија би требало да даде поттик, би требало да иницира понатамошни прогресивни промени и во легислативата и во практиката на делувањето во борбата со дискриминацијата.

Токму поради тоа и беше неопходно оваа Комисија да биде функционално и персонално видена како авторитет. Токму заради тоа јас лично инсистирав, и морав заради тоа и да го предводам тој бран на конкурирање многу луѓе од невладиниот сектор и од академската заедница кои што ги имаат и професионалните знаења и професионалното искуство од оваа област да конкурураат, да се јават како можни кандидати за членови на оваа Комисија. Токму заради тоа се појавија неворајатно голем број, 38 кандидати јавени на овој конкурс, што е многу ретко со оглед на тоа дека луѓето вообичаено сметаат дека ваквите конкурси се наместени. Меѓу овие 38 кандидати, да го тргнеме моето име настрана, има многу луѓе кои што и теориски и практично се потковани да се зафатат со работата што и претстои на оваа Комисија. Од тие 38 кандидати се избрани седум кандидати кои што апсолутно не одговараат на позицијата. Дел од нив потполно не ги исполнуваат законски бараните услови, а дел од нив, во споредба со оние другите кандидати, дефинитивно не треба да го најдат местото во оваа Комисија.



Според сите анкети, луѓето најмногу се жалат, не на родова, не на етничка или верска, туку на политичка дискриминација. Како може едно тело што не е непартиско или натпартиско да ги заштитува луѓето од најраспространетиот облик на дискриминација?

Во случајов дури и не станува збор толку за партиската припадност, туку станува збор на потчинетоста на тое што доаѓаат за членови на Комисијата на власта.

Двајца од нив се државни службеници кои што и понатаму ќе останат вработени во Министерството за труд и социјална политика, ќе бидат зависни во својата иднина од она што претставува реагирање на власта во однос на нивното вработување.

Една од именуваните е потполно нова, млада и се уште невработена, една е вработена како советник на еден пратеник.

Значи, имаме ситуација во која што постои врзаност на луѓето кои што доаѓаат во Комисијата, не толку по политичка линија, туку по линија на егзистензија, по линија на вработување и автоматски политичкото влијание врз вака врзани луѓе може да биде многу големо.

Дури и да беше составена оваа Комисија од претставници на политички партии, меѓутоа претставници кои што имаат соодветен кредибилитет, авторитет и своја релативна независност е подобро, отколку навидум непартиски луѓе кои што се всушност партиски врзани.



Велите независна Комисија, колку е тоа возможно да се формира во Македонија?
Сега вашиот избор беше подржан од опозицијата, додека власта се противеше. Пред четири години, вие бевте прв избор на Никола Груевски за претседател на ДИК. Тогашната власт, а сегашна опозиција се противеше на вашето именување, под речиси истите образложенија.
Се чуствувате ли понекогаш дека сте интелектуалец по мерка на секоја опозиција и „конфликтна личност“ за секоја власт?

Тоа станува карактеристично за сите интелектуалци и стручњаци во Македонија. Секогаш опозицијата се обидува да се повикува на нив додека е во опозиција, а кога ќе дојде истата таа опозиција на власт да го опонира нивното именување или нивното искористување.

Она што е проблематично е дека, се до моментот додека Македонија, особено оние што се на власт, не сфатат дека контролата од страна на цивилното општество, контролата од страна на академската јавност е онаа што ја обезбедува вистинската демократија, дека на тој начин може да се слушнат проблемите и власта навистина да се соочи и да почне да се справува со тие проблеми.

Се додека не сфатат дека критиката не е злонамерна, туку е со цел да одиме напред, се дотогаш Македонија ќе биде многу далеку од европските стандарди.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG