Достапни линкови

Интервју - Миле Јанакиески


Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески

Мораше некогаш да се стави црта – да се легализираат сите дивоградби и во иднина да не се толерира дивата градба, вели министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески во интервју за Радио Слободна Европа.





Господине Јанакиески, има забелешки дека Законот за легализација на дивоградбите е нефер кон оние што легално и навреме платиле по 15, 20 или 50 евра за легализација и од друга страна дека е нефер трошна куќа во Виница да се легализира по иста цена како хациенда на Водно.

Легитимна е забелешката дека ќе има разлика меѓу оние што по легален пат плаќаат комуналии и оние што се нелегални градби. Но, од друга страна, треба да земете предвид дека најголем дел од дивоизградените куќи во Македонија се градени пред 20-30 години, од различни причини. Треба да ја земете предвид миграцијата село-град, слабата урбанизација на самиот простор... Луѓето едноставно дошле во поголемите градови, купиле земја и направиле куќа. Градоначалникот им рекол, на пример, за 10 години ќе имаме план таму каде што ќе можеш легално да изградиш куќа, но тој морал, за да го смести некаде своето семејство да ја изгради таа куќа. Најголем дел од дивите градби во земјава се, пред се, на периферијата од самите градови. Имаме цели населби кои што се дивоизградени, каде што живеат 5, 10, 20 илјади луѓе.
Овој проблем е историски проблем, не е нешто ново што се случува во Македонија и мораше некогаш да се стави црта – да се легализираат сите овие дивоизградени објекти и од тој ден натаму да не се толерира дивата градба во Република Македонија.
Друг аспект што го земавме предвид при носењето на оваа мерка е тоа што голем број од луѓето што живеат во дивоизградени објекти се луѓе што се со мали примања, или примаат социјална помош или примаат некоја ниска плата. Така да, доколку оставевме да биде надоместокот како што бараа дел од градоначалницвите, на пример да биде 100 евра по метар квадратен, тогаш за една куќа од 100 квадратни метри ќе треба да се платат 10 илјади евра. Многу тешко дека некое семејство, на сред економска криза, и пак ќе кажам најголемиот дел од овие луѓе се со ниски примања, тешко дека ќе може да одвојат 10 илјади евра за легализација на еден објект. Тогаш се поставува прашањето дали овој проект воопшто ќе успееше. Затоа тргнавме овој надоместок да биде еднаков за сите граѓани и го ставивме на едно ниско ниво за да може овој процес да биде успешен.



Од една страна граѓаните се сиромашни, но од друга страна за да ја покренат постапката за легализација треба да платат 500 до 1000 евра за проект, уште 300-400 евра за геодетски елаборат... Доаѓаме до една сума од 1000-1500 евра. Како ќе може сиромашни граѓани да платат толку пари?

Деновиве се среќавам со Комората на геодети и со поголемите геодетски компании, бидејќи според новиот Закон за катастар, Агенцијата за катастар ги утврдува цените, односно треба да даде согласност за нивните цени и се надевам дека ќе најдеме една цена што ќе биде прифатлива за граѓаните. Исто така, во самиот правилник што ќе се однесува на легализацијата на дивоизградените објекти, нема да се бара исполнување на оние стандарди што ги знаеме сега, бидејќи најголем дел од објектите нема да може да бидат изградени по нормалните стандарди за градење и планирање. Во тој ќе ги ставиме цените што ќе може да бидат максимални цени на проектантските куќи што ќе прават проект за изведена состојба и јас се надевам дека ќе успееме, со овие два чекори, цената што треба да ја платат граѓаните за документите да биде прикладна и да може да ја платат од сопствениот буџет.
Исто така, ќе побарам и од проектантските куќи и од геодетските компании, овие средства да ги даваат на рати. Мислам дека ќе наидам на разбирање од нивна страна. Имам состаноци со овие компании и очекувам, до крајот на неделава, да имаме некој позитивен одговор од нивна страна.

Неодамна изјавивте дека 60 отсто од куќите во Македонија се дивоградби. За колкав број куќи станува збор?

Бројката е тешко да се утврди. Според информациите што ги имаме од терен, од градоначалниците и онаа анализа што ја направи Државниот инспекторат за урбанизам покажува дека над 50 отсто од куќите се дивоизградени. Со самиот закон точно ќе евидентираме колкав е точниот број на дивоизградени објекти.
Очекувам дека граѓаните масовно ќе се вклучат во овој процес, бидејќи што е целта всушност на овој закон!? Ќе може нивниот објект, нивната куќа да се запише во имотен лист, ќе може потоа со тој објект полесно да дојдат до кредит, да направат купопродажен договор ако сакаат да ја продадат, да може да остават нешто на нивните поколенија. Тоа е крајната цел, објектот, односно куќата да се впишат во имотен лист.

Што со оние куќи што се изградени на место каде што е предвидено да се изгради инфраструктурен објект?

Доколку некоја куќа е изградена на место каде што во иднина градоначалниците планираат да биде јавен интерес, тогаш таа куќа не ќе може да се легализира и во идна реализација градоначалникот ќе мора да ја обештети таа куќа, бидејќи тоа е постапка според Закон за експропријација.
Но, од информациите што ги собираме од терен се работи за многу мал број куќи што се изградени на таков терен. Најголем дел од куќите се во нови населби, населби кои не се воопшто урбанизирани. Така што со новите урбанистички планови, кои градоначалниците треба да ги донесат во рок од три години по легализација на објектот, ќе можат реално да ги вклопат овие куќи. Можеби ќе бидат со пониски стандарди од аспект на профил на улица, но ќе може да се легализираат.

Законот предвидува да се легализираат индивидуални куќи за домување, но не и станбените згради што се дивоградби. Зошто?

Тоа е легитимно прашање. Ние долго време дискутиравме околу ова прашање, но според аргументите што се изнесоа на сите дискусии не преовладеа дека во предлог-законот треба да се вградат и зградите. Владата усвои еден таков текст каде што се легализираат куќите, индустрискитре и државни објекти, но ќе има јавна расправа во Собранието, ќе видиме како ќе тече истата, бидејќи на крајот на денот пратениците се тие што го усвојуваат законот.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG