Достапни линкови

Интервју - Лиљана Илиевска


Како изгледа живот во Скопје по три децении живот во Шведска
Како изгледа живот во Скопје по три децении живот во Шведска

Лиљана Илиевска, по 27 години живот во Шведска, решава да се врати во Македонија. Какви се разликите во животот, што би променила... и за многу други прашања, разговаравме со неа.





Толку ли беше голема носталгијата Лилјана, за да оставите 27 години во Шведска и да се вратите повторно во татковината, во родната земја?

Не, не беше во прашање носталгија. Јас не сум носталгичен тип, многу ретко гледам наназад, туку секогаш кон напред. Македонија за мене беше предизвик, да дојдам во Скопје, да живеам тука и да придонесам.

Како, на кој начин?

Па од моето долгогодишно животно искуство во Шведска, сметам дека научив нешто и на приватно и на професионално ниво и се надевам дека дел од тоа ќе можам да пренесам во Македонија и дека досега на некој начин сум успеала да го направам, преку средби со пријатели како приватно, така и на професионално ниво.

Лиљана, 27 години живеење во една друга средина веројатно направила влијание врз вас, кога дојдовте овде, вие сте веќе неколку години во Скопје, сигурно забележавте разлики во начинот на живеење, во начинот на размислување. Дали размислувавте што би можело да се промени, што е најдрастично што недостасува на овој народ?

Искрено она што јас веднаш би го променила е односот во комуникацијата, начинот на комуницирање. Нема потреба да се персираме. Во Шведска никој никого не персира, се е на ти, освен кога комуницирате со кралската куќа. Значи и на премиерот му се обраќате со име, и на директорот и на учителот, воопшто комуникацијата е неформална што лично сметам дека е многу добро, нема потреба некој да се чувствува подолу или погоре во комуникацијата. Се разбира дека има промени. Живеев во Шведска 27 години, од 2005 година живеам во Македонија, демократска држава со пазарна економија со сите свои лоши и добри страни. Она што најмногу ми пречи е нечистотијата. Преубава земја со прекрасна природа за која луѓето не се грижат. Македонија, не беше кога ја напуштив, денеска е потрошувачко општество со сите свои позитивни и лоши страни. Што друго би изменила? Одговорноста на луѓето. Живеевме долги години во држава каде што привилегиите беа индивидуални, а одговорноста колективна. Во демократска држава со пазарна економија одговорноста е индивидиуална, а привилегиите би требало да бидат колективни. Најверојатно за се е потребно време, па така и за оваа држава.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG