Достапни линкови

Министерството за земјоделство ги поддржува барањата на тутунарите


Откуп на тутун во Прилеп

Откуп на тутун во Прилеп

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во целост ги поддржува барањата на тутунопроизводителите, проценката на тутунот да се врши реално и да не се потценува нивниот труд. Ова, како што информира Mинистерството, било истакнато на вчерашната средба на министерот за земјоделство Љупчо Димовски со претставници на тутунарите кои не се членови на Сојузот на здруженија на тутунопроизводители.

На средбата беше договорено Државниот инспекторат за земјоделство писмено да ги извести откупните компании да ги прифатат сите понудени количини на тутун, бидејќи ланската реколта има поголеми приноси кои од хектар изнесуваат и до три илјади килограми, се вели во соопштението.

Министерството ги презема сите законски мерки за реален откуп и ги повикува тутунопроизводителите да го предаваат тутунот, бидејќи контролата на сите откупни пунктови е зајакната од страна на Државниот инспекторат за земјоделство, а по празниците ќе се вклучат и контролори од подрачните единици на Министерството за земјоделство и од советниците од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.

Доколку тутунарите не се задоволни од проценката потсетуваме дека имаат можност за повторна комисиска проценка. На секој откупен пункт се поставени известувања за начинот на поведување на постапката за нова проценка, се додава во соопштението.

Од Министерството најавуваат дека во текот на идната недела ќе имаат средба со сите откупни компании поединечно, со цел да се почитува договореното на последната средба во Владата за постигнување на реална откупна цена.
XS
SM
MD
LG