Достапни линкови

Ема Ошавков, надежна млада скулпторка


Ема Ошавков изработува една од своите скулптури

Ема Ошавков изработува една од своите скулптури

Една од најталентираните и најнадежни млади скулпторки во Македонија во моментов е 13-годишната Ема Ошавков од Охрид, ученичка во осмо одделение во основното училиште „Григор Прличев“.

Аргумент за ова се високите награди кои три години по ред Ема ги добива на традиционалните Детски Рацинови средби во Велес, државните првенства во вајарство, каде годинава и лани таа ја понесе првата гран при награда, а пред две години беше четврта. Оваа тинејџерка која освојува награди и на училишните ликовни конкурси, а нејзината биста со ликот на Григор Прличев и го краси училиштето, на неодамнешната вајарска работилница во Велес највисоката награда ја доби за скулптура со ликот на Кочо Рацин.
Тоа беше одамна, имав две три години и прво нешто што нацртав беше лик, на дете со топка. И од тогаш почнав да цртам ликови на луѓе секакви.

„Ни беа дозволени шест часа работа во три термини. Јас успеав да го изработам за четири часа, ми останаа два часа за цртање и нацртав портрет на Кочо Рацин. Менторите го прават изборот кој е талентиран и кој може да влезе на натпреварот“, вели младата скулпторка Ема Ошавков, чиј талент за цртање го откриле наставниците во Австралија.

Едно од делата на Ема Ошавков

Таа, со семејството, таму има живеено и учено пет години, и била првенец на генерацијата за што има освоено златни медаљи.

Интересно е што од најрана возраст, преокупација на Ема и е портретирањето ликови, што се смета за најтешка категорија во ликовната уметност.

„Тоа беше одамна, имав две три години и прво нешто што нацртав беше лик, на дете со топка. И од тогаш почнав да цртам ликови на луѓе секакви. За мене е лесно, не знам, зошто од мала возраст тоа го правам, иако портретирањето се смета за тешка ликовна дисциплина. Од техниките ги користам моливот, јагленот и тушот.“

Ема додава дека кога ги ваја скулптурите според слика со портретиран лик, најтешко и е да ги долови очите и ушите. Оваа тинејџерка, што до сега има нацртано околу 200 цртежи, сега е преокупирана со компјутерската графика и цртањето на стрип ликови според популарната Јапонска манга техника. Кога ја прашавме Ема каде ќе го продолжи средното образование и со што ќе се занимава како возрасна, таа, иако детски, мудро ни одговори.

„Се уште не сум одлучила дали ќе продолжам стриктно со вајарство или цртање, можеби тоа ќе ми биде хоби во иднина. Можеби ќе работам како моден креатор, архитект или слично, а што и да одлучам, тоа во секој случај ќе е поврзано со уметноста и креативноста.“

Ема Ошавков, која живеејќи на овие простори и во ова време, веќе знае дека е тешко да се опстане како уметник, но ние сепак и посакуваме музите да ја следат секогаш на нејзиниот пат до успехот.
XS
SM
MD
LG