Достапни линкови

logo-print

Турскиот министер за одбрана во Македонија


Турскиот и македонскиот министер за одбрана, Веџди Ѓонул и Зоран Коњановски

Турскиот и македонскиот министер за одбрана, Веџди Ѓонул и Зоран Коњановски

Турција останува партнер кој силно помага во капацитетите на АРМ и на патот на Македонија во НАТО, се согласија на денешната средба министрите за одбрана на Македонија и Турција, Зоран Коњановски и Веџди Ѓонул.

На денешната средба во министерството за одбрана уште еднаш беше потврдено традиционалното пријателство меѓу Македонија и Турција и нагласено дека Турција останува партнер кој силно помага во капацитетите на АРМ и на патот на земјава во НАТО.

Денеска потпишаниот договор за воено техничка соработка од страна на турскиот министер Веџди Ѓонул и неговиот македонски колега Зоран Коњановски претставува чекор напред во воспоставувањето на нови соработки, било за воена соработка или друга област, беше истакнто на средбата. Турскиот министер рече и дека соработката ќе биде зацврстена и во одбранбената индустрија и дека неговата земја е подготвена да го сподели искуството на тоа поле. Потсетувајќи дека Турција е прва земја што ја призна независноста на Македонија во 1992 година, рече дека признавањето било под нејзиното илјадагодишно историско име, а не под некоја кратенка.

Последен пат турскиот министер беше во Македонија во 2004 година.
Коњановски го нагласи партнерството со Турција во одбраната потсетувајќи дека повеќе од 16 милиони долари е помошта што Турција ја има дадено на нашето министерство. Коњановски рече дека патот кон НАТО продолжува и дека на тој пат и натаму ќе ни бидат потребни пријатели како што е Турција. Македонскиот и турскиот министер се согласија дека покрај географската одалеченост на нивните земји, народите се чувствуваат како најблиски соседи. Ѓонул ја нагласи и важноста на учеството на наши војници во странски мисии како во Авганистан, а Коњановски дека како резултат на соработката во одбраната која почна во 1993 година, денеска е изградена респектибилна армија.

Министерот Ѓонул во рамки на својата посета беше примен и од страна на претседател Ѓорге Иванов, а ќе биде примен и од премиерот Никола Груевски. Тој ќе го посети техничко ремонтниот центар каде што ќе се одржи примопредавање на донација од Турција за потребите на АРМ.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG