Достапни линкови

Според грубите пресметки, за легализација на бесправно изградена куќа од 100 метри квадратни ќе треба да се платат неколку илјади евра.

Легализацијата на дивоградба – ѓавол и пол. Според грубите пресметки, за легализација на бесправно изградена куќа од 100 метри квадратни ќе треба да се платат неколку илјади евра.

Според прелог законот за постапување со бесправно изградени градби, за легализација на куќите за живеење треба да се плати половина процент од вкупниот годишен приход на членовите на семејството што живее во куќата помножен по квадратурата на куќата.
Тоа значи дека за легализација на куќа од 100 метри квадратни во која живеат луѓе со вкупни приходи од плати, пензии и други приходи од 30 илјади денари месечно, треба да се платат 180 илјади денари, односно три илјади евра.
Тие пари може да се плаќаат и на рати – 6 години. Во таков случај, семеството треба да плаќа по 2500 денари месечно, во наредните шест години.

Законот предвидел, корисниците на социјална помош воопшто да не плаќаат надоместок за утврдување на правен статус на бесправната градба.
Доколку примањата на граѓанинот кој што живее во периферниот дел се поголеми отколку на оној на Водно, ќе треба да плати многу повеќе, што мислам дека нема никаква логика


Сепак, за да се стигне до барањето, треба да се исполнат неколку услови. Потребно е уверение за државјанство или дозвола за постојан престој во Македонија на сопственикот на куќата, доказ за приклучок на комунална инфраструктура, геодетски елаборат за премер на катастарска или градежна парцела и бесправна градба, која содржи скица на премерување на парцелата и скица на премерување на внатрешната површина на куќата. Сопственикот треба да донесе и проект за фактичка состојба на бесправната градба изработен од правно лице со соодветна лиценца за проектирање, како и имотен лист за земјиштето.


Разговаравме со неколку архитектонски и геодетски бироа. Цените за изработка на проект за фактичка состојба се движат од 5 до 10 евра по метар квадратен, што значи дека за куќа од 100 метри квадратни треба да се платат 500 до 1000 евра само за проектот.
Геодетскиот елаборат, пак, со сите елементи чини од 300 до 400 евра. Остатокот од документите не чинат многу пари, но затоа чинат многу време поминато по шалтерите.

Власта и опозицијата се согласни само во едно – закон за легализација на дивоградбите мора да се донесе. Според информациите што ги изнесе министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, дури 60 отсто од куќите во Македонија се дивоградби. Тој очекува граѓаните да ја искористат оваа можност за конечно да се реши повеќедеценискиот пробелем со дивоградбите. Опозицијата го поздравува предлогот за донесување на ваков закон. Сепак, пратеникот Томе Чинговски од СДСМ, најавува амандмани кога текстот ќе дојде во собраниска процедура. Не е праведно иста цена за легализација да има куќа во елитна и во приградска населба, вели тој.

„Доколку примањата на граѓанинот кој што живее во периферниот дел се поголеми отколку на оној на Водно, ќе треба да плати многу повеќе, што мислам дека нема никаква логика.“

Друг спорен момент е и дали администрацијата ќе има капацитет да им излезе навремено во пресрет на граѓаните, во случај тие масовно да решат да ги легализираат дивоградбите.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG