Достапни линкови

logo-print

Секој четврти во светот платил поткуп


Корупцијата е во пораст во многу земји во светот, но во пораст е и бројот на луѓето кои ја пријавуваат. Ова се наведува во извештајот на Транспаренси интернешнал објавен на денешниот светски ден против корупцијата.

Во најновиот Барометар за глобалната корупција 2010 има и обесхарбрувачки, но и и надежни вести за нивото на корупцијата во 86 земји.
За разлика од Индексот на перцепција на корупцијата што исто така го издава Транспаренси интернешнал, во овој извештај се анкетирани над 90 илјади луѓе во обид да се истражи нивното искуство во случаи каде што им е барано да платат мито во владините служби, болниците, полицијата или судовите и училиштата.
Миклош Маршал, регионален директор на ТИ за Европа и Централна Азија

Регионалниот директор на ТИ за Европа и Централна Азија Миклош Маршал вели дека една четвртина од нив биле жртва на корупција:

,,Лошата вест е дека корупцијата станува се полоша. Тоа го кажаа повеќе од 60 насто од нашите испитаници. Корупцијата пораснала во изминативе три години. Другата катастрофална вест е дека на 25 проценти од нив лани им било побарано да платат поткуп.,,
Кога ги прашавме луѓето зошто плаќаат поткуп, најмногу од нив одговорија дека тоа го сториле за да ги избегнат проблемите со властите.

Според истражувањето, најподложна на корупцијата е полицијата, скоро 30 насто од анкетираните изјавиле дека морале да и платат поткуп, што е за два пати повеќе од 2006 година. На второ место е судството.

Корупцијата најмногу е застапена во Африка и на Блискиот и Средниот Исток. По нив следуваат поранешните советски републики со 32 процента на оние што платиле поткуп.

На Балканот и во Турција тој процент изнесува 20 насто, додека во Европската унија и Северна Америка само 5 насто.

,,Кога ги прашавме луѓето зошто плаќаат поткуп, најмногу од нив одговорија дека тоа го сториле за да ги избегнат проблемите со властите.,,

Вели Маршал, додавајќи дека луѓето воопшто не се импресионирани од напорите на нивните влади во борбата против корупцијата.

Според него, изненадувачки било и тоа што во повеќето земји најмалку им се верува на политичките партии.

Дури 80 насто веруваат дека партиите се длабоко корумпирани.
Борбата против корупцијата е невозможна без притисок од населението. Неопходни се и просветлени политички лидери кои имаат волја за реформи.

Но, во извештајот на Транспаренси Интернешнал има и добри вести. Една од нив е дека луѓето се почесто ја пријавуваат.

,,Се повеќе луѓе сега се подготвени да се борат против корупцијата. Седумдесет проценти ни изјавија дека се подготвени да пријават таков случај.,,

Наведува Маршал, кој забележува дека тој процент се намалува за половина доколку луѓето веќе биле жртви на корупција.

Според него, за елиминирање на оваа длабоко вкоренета и подмолна појава е неопходна комбинација на јавна осуда и политичка волја.

,,Борбата против корупцијата е невозможна без притисок од населението. Неопходни се и просветлени политички лидери кои имаат волја за реформи.,,

Вели Миклош Маршал, додавајќи дека и притоа се потребни и слободни медиуми и повеќе простор за дејствување на цивилниот сектор.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG