Достапни линкови

Македонскиот парламент ја почна расправа за буџетот 2011-та


Собранието на Македонија денеска ја почна расправата по Предлог-буџетот за 2011 година. Расходите во буџетот се проектирани на 159 милијарди и 398 милиони денари, а приходите на 147 милијарди 814 милиони денари. Дефицитот е планиран на 2,5 проценти од БДП односно 11 милијарди 584 милиони денари. За 2011 година според предлогот, планираните приходи се зголемени за 6,6 проценти во однос на 2010 година. Даночните приходи ќе забележат пораст од 7,8 проценти, а неданочните ќе се намалат за два процента. Најголеми приходи се очекуваат по основ на данокот на додадена вредност. Предвиден е пораст на социјалните придонеси од 6 проценти врз основа на очекуваниот пораст на вработените за три проценти. За расходната страна има подобрена структура. Тековните расходи се намалуваат од 88,1 на 85,6 проценти. Платите се на незначително повисоко ниво и се во согласност со политиката за нивно замрзнување. Обезбедени се трансфери за навремена исплата на пензии, социјални надоместоци, а има и зголемување на субвенциите.
За наредната година планиран е пораст на БДП за 3,5 проценти.
XS
SM
MD
LG