Достапни линкови

logo-print

Треба да има редовна комуникација за спорот за името, изјави Милошоски


Македонија втора година по ред се квалификува да ги почне пристапните преговори, пет години откако е кандидат за членство во ЕУ. Ваквиот статус не е долгорочно одржлив и очекуваме дека Советот на ЕУ на претстојниот состанок на 15 декември ќе делува согласно дадената препорака, изјави денеска министерот за надворешни работи Антонио Милошоски пред членовите на собраниската Комисија за надворешна политика. Во однос на спорот за името шефот на македонската дипломатија го реафирмира ставот дека Македонија останува да биде вклучена во разговорите за името и во рамки на зачестените билатерални контакти на највисоко политичко ниво, но и на дипломатско ниво во рамки на ОН со заложби за изнаоѓање решение кое нема да наштети на националната, јазичната и културната самоидентификација, ниту на македонската, ниту на грчката страна. Тој ја подвлече подготвеноста на Република Македонија да ги интензивира комуникациите не само со Република Грција на билатерално ниво, туку и да го поттикне процесот кој што се води под покровителство на амбасадорот Метју Нимиц со што би се овозможило да има што поскоро редовна комуникација меѓу двете престолнини за спорот. Во текот на дебатата пратеникот Владо Бучковски од СДСМ оцени дека власта води погрешна надворешна политика и оти ако во изминатите пет години таа не дала резултат треба да се констатира оти е зрела за сериозна анализа и за градење на консензус меѓу сите политички чинители.
- Третманот на оваа престижна комисија и воопшто третманот на Владата кон Парламентот е несоодветен. Вие не може да ги решите проблемите, ако не бидете отворени и не побарате од нас поддршка, рече Бучковски.
Според Ѓорги Оровчанец од Нова алтернатива, со постојната надворешна политика Македонија станува се поизолирана земја, а државата веќе не се обидува да води битки. Смета дека е потребна стратегија за спорот со името, кој ја блокира земјата на патот кон евроинтеграциите.
Лилјана Поповска од Демократската обнова за Македонија се согласи со дел од пратениците дека сите политички чинители треба да размислат што доколку и во наредните 50 години, Грција не отстапи од сегашната политика.
XS
SM
MD
LG