Достапни линкови

Во сабота на 4 декември, на Скопски саем ќе се одржи финалната вечер на фестивалот ТАКСИРАТ 12, еден од најзначајните во регионов во затворен простор.

Во пресрет на големото финале на ТАКСИРАТ 12, неколку повеќе од бележити концертни настапи. Во клубовите како Колосеум и Хавана, имавме можност да ги проследиме перформансите на домашните бендови БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА и МИЗАР, белграѓаните ДАРКВУД ДАБ од неодамна зајакнати со пијанистот Васил Хаџиманов, американскиот хипхопер Диџеј Премиер и журкаџиски настроениот Фери Корстин, а покрај останатите пропратни активности беше одржан и позитивниот концерт, овојпат озаглавен како СВЕТЛИНА ЗА ПРАВАТА, на кој покрај активистката и поп-рок пејачка Дани настапија и македонските групи БЕИ Д ФИШ и СТРИНГ ФОРСИЗ.
Во долгата саботна ноќ, на сцените на Скопски саем, пак, се очекуваат оние артисти кои го предизвикаа вниманието на домашната публика и на вљубениците на ваквите случувања од уште неколку држави од регионов.
Според најавите на организаторот – Пасворд продукција, отворањето ќе им припадне на ПАРАДАЈС ЛОСТ и на нивните бројни метал фанови. Како состав што е формиран во далечната 1988 година, Британците се пионери а два жанра дет-дум и готик метал, а армијата приврзаници ја проширија пред неколку години кокетирајќи со синт-поп и електроника.
Нивните сонародници ВАЈТ ЛАЈС и припаѓаат на т.н. трета генерација англиски состави, споредувани се со култните ЏОЈ ДИВИЖН, та и со ИНТЕРПОЛ и ЕДИТОРС, а триото за реалитвно кратко време стана едно од најпопуларните на Островот и минатата година со албумот To Lose My Life се искачи на врвот на најслушаните.
По нив следуваат новосадските ПЕКИНШКА ПАТКА, легендарниот српски панк бенд кој предводен од Небојша Чонкиќ Чонта, по долга пауза, пред две години се врати на сцената докажувајќи дека не ги прегазило времето и дека се подготвени за нови подвизи. На листата на учесниците на финалната вечер на ТАКСИРАТ 12 со право се најде и босанскохерцеговскиот бенд ДУБИОЗА КОЛЕКТИВ, кој од 2003 година од кога е формиран како реакција на осумтемина музичари на суровата балканска реалност во која живеат, до денес објави пет носачи на звук и зад себе има импресивна листа на концертни настапи од кои добар дел и во Македонија.
Легендарната њујошка дружина ОНИКС, некогашните штитеници на славните РАН ДИ ЕМ СИ и ексклузивци на издавачката куќа Деф Џем, во Скопје доаѓаат да ги заведат и овдешните љубители на хип-хопот. Со нагласено внимание се очекува и настапот на ЏЕНТЛЕМЕН, дефинитивно најзначајниот европски реге артист кој делувајќи на релација Келн, Германија – Јамајка, глобално поодамна важи и за еден од оние кои со сопствената искреност и музиката која извира од срцето му вбризгува свежа крв на стилот на кој му се предал.
И, конечно, чувајќи го долго време во тајност, организаторите за годинава како најгоема ѕвезда го обезбедија стариот познаник Ману Чао, некогашниот водач на групите МАНО НЕГРА и РАДИО БЕМБА СИСТЕМ САУНД, чиј концерт одржан на Лизгалиште 2002 година и натаму се прераскажува како еден од највозбудливите и најискрените што му се случил на Скопје. Тој овојпат ни доаѓа со проектот ЛА ВЕНТУРА и најавува нова енергетски набиена средба со неговиот микс на шпанска гитара, француска шансона, панк, салса, реге, македонски ритми, со неговите универзални пораки.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG