Достапни линкови

Сива економија за социјален мир


Ја толерира ли државата сивата економија ,,купувајќи" социјален мир? Според податоци на ССМ околу 150 илјади луѓе работат на црно.

Продават костени, ЦД-а, 5 пара чорапи за 100 денари, работат разни амалски работи, преведуваат, пишуваат семинарски, чуваат деца и шетаат кучиња за пари. Работат и по 12 часа дневно, а не се вработени. Надвор од законот се трудат да заработат некој денар. Статистиката вели дека во земјата има околу 322 илјади невработени. Но, тоа е само бројка, за која добро упатените во таа проблематика велат дека не е реална. Тие велат дека голем дел од „невработените" всушност работат, но не се пријавени. Државата за сето тоа знае, но молчи за да си го зачува социјалниот мир, велат експертите. Додаваат дека за земја која долго време беше во транзиција не е ни чудно да има вакви појави. Секој си бара дупки во законот и гледа да профитира. Примери колку сакаш на работници кои се непријавени, или пријавени на минималец кои добиваат плата на рака, кои работа со години без договор за работа. Прифаќаат да бидат непријавени, без здраствено и пензиско осигурување само за некој процент поголема плата. Ова е голем проблем на кој се уште не му се пристапува сериозно, но ако работите продолжат вака, последиците ќе бидат големи, предупредуваат експертите.

Сивата економија ,,спас" од невработеноста

Во земја со голема стапка на невработеност, многумина сметаат дека сивата економија е таа што го одржува социјалниот мир. Не ни беше воопшто тешко да пронајдеме вработен на црно. Само што излеговме од канцеларија, ете ти ги препродавачите. Продаваат цд-а, чадори, палома за 5 денари, ханзапласт за 10, врткаат костенчиња... Прво се нечкаат, нескаат да зборуваат, се плашат, а потоа си ја отвараат душата. Знаат дека е незаконски, но што да прават прашуваат, имаат семејства кои мора да ги прехранат.
Јас имам 38 години, а еден саат немам стаж. Барав работа, ама нема. Лани работев 6 месеци, преку град Скопје бев вработен, ме избркаа


,,Јас имам 38 години, а еден саат немам стаж. Барав работа, ама нема. Лани работев 6 месеци, преку град Скопје бев вработен, ме избркаа, велеа: град Скопје нека те плаќа, како може град Скопје да нема пари. Ова ни во Африка го нема."

Но, сите оние кои ќе ги затекне инспекторатот како непријавени се бришат од списокот на Агенцијата за вработување и година дена немаат право да се пријават и да бидат корисници на субвенции, бенефиции и слично. Во Македонија нема реална слика за точната бројка на вработени и невработени, велат експертите. Според Агенијата за вработување, како вработени се водат речиси 180 илјади луѓе. Експертите се сомневаат дека дел од тие што се водат како невработени, всушност работат и се пријавуваат само заради здравствените картони. Голем дел од нив, велат експертите, работат со скратено работно време или се хонорарно ангажирани. Луѓето пак одамна изгубиле верба дека ќе се вработат, но се пријавуват само за сини картони за да користат здраствени услуги.

,,Искрено да ви кажам од 94-та година се пријавувам до ден денеска и никогаш работа не ми дале."

,,Се пријавуваме ние, ама нема работа."

,,Мажот ми е дома со години, нема работа, само за картони."

,,Јас имам 19 години работен стаж, сега сум на некој начин на улица."

Од Агенцијата за вработување организираат клубови за невработени, курсеви за прекфалификација и докфалификација затоа што голем дел од невработените немаат никаква кфалификација. Се нудат програми за самовработување, прграми за подготовка за вработување, субвенционирање за вработување на ранливи групи, но стапката на невработеност со години е иста и изнесува нешто повеќе од 30 проценти од населението. За да се намали проблемот со невработеноста помага и ЕУ, преку грант во висина од 1, 3 милиони евра за помош на осум илјади невработени луѓе за да ја подобрат својата конкуреност на пазарот на труд.



Доколку проектот успее за наредната година се најавува нова транша од 2,3 милиони евра.
Агенцијата за вработување од буџетот проектиран за следната година има 4, 5 милиопни евра за потикнување на вработувањето. Министерот за финансии Зоран Ставревски вели дека тие пари не се за да се поделат на невработените туку за разни проекти со кои би се намалила невработеноста.

,,Тоа е улогата на овие средства, не директно субвенционирање на работни места, туку е повеќе изразено во делот на подобрување на способноста, квалитетите, вештините, знаењата на невработените."
Неможе, значи дури и во најразвиените земји секогаш постои сива економија меѓутоа работата е таа сива економија да се сведе на најниско можно ниво


Од друга страна пак високата стапка на невработеност и лошата социјална состојба ја стимулираат сивата економија. Сива економија е и кога ќе викнете дома водоинсталатер или молер кој ќе поправи нешто и нема да ви даде сметка за тоа. Домаќинствата годишно, во просек, трошат по 1.450 евра на производи и услуги за кои не им се издаваат фискални сметки или фактури, што претставува 22,5 проценти од нивниот семеен буџет, покажа истражувањето на Центарот за економски анализи спроведено во десет градови во земјава. Истражувањето покажува дека сивата економија остварена преку домаќинствата годишно ,,голта" 325,2 милиони евра. Во Центарот за економски анализи сметаат дека активностите во сивата економија се длабоко навлезени во секојдневниот живот и работа на граѓаните и за нејзино искоренување е потребна долгорочна стратегија.

,,Неможе, значи дури и во најразвиените земји секогаш постои сива економија меѓутоа работата е таа сива економија да се сведе на најниско можно ниво, ако гледате дека државата работи во позитивна насока кон остварување на навистина приоритетни цели во економијата, значи дава се од себе за да го одржи социјалниот мир, квалитетот на живот во земјата, тогаш и самите деловни субјекти би се дестимулирале за да не плаќаат даноци."

150 илјади лица работат на црно

вели Шенај Хаџимустафа од Центарот за економски анализи.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека бројката на невработени е нерелана. Според податоците на Министерството околу 60 илјади луѓе работат на црно, но според Сојузот на синдикатите, бројката е далеку повисока.

,,Според нашите податоци континуирано можат да се најдат околу 150 илјади кои работат на црно."

вели Лилјана Јанкуловска од ССМ. И во последниот извештај на ЕК за напредокот на Македонија се вели дека вработувањата во сивата економија се уште се присутни и недостига ефективна соработка и координација меѓу институциите што треба да го регулираат тоа прашање. Според податоците на Државниот инспекторат за труд, минатата година од вкупно 32.406 контроли во трговијата, рестораните, хотелите, индустријата,
Според нашите податоци континуирано можат да се најдат околу 150 илјади кои работат на црно
градежништвото, здравството и во образованието, дури 3.405 луѓе биле со нерегулиран работен статус.
Државата знае за ова, но молчи, затоа што е исправена пред предизвик да постапува по закон и да се соочи со нив, а од друга страна неможе да обезбеди работни места за голем број од граѓаните, вели професор Христо Карталов.

,,Државата е доведена во ситуација да го толерира, така да кажам, нелегалните трансакции во економијата односно т.н. сива економија. На тој начин се купува социјалниот мир, во таа смисла луѓето како така заработуваат за живот и немора да бидат социјални случаи, а државата може преку социјални програми да се концентрира на оние што ниту тоа неможат сами да го направат."
Државата е доведена во ситуација да го толерира, така да кажам, нелегалните трансакции во економијата односно т.н. сива економија. На тој начин се купува социјалниот мир, во таа смисла луѓето како така заработуваат за живот


Според некои проценки, надвор од легалните канали на државата годишно се вртат милијарди евра. Со ова се создава нелојална конкуренција и се уништуваат компаниите кои работат легално.

Нелегалната работа проблем за легалната економија

Миле Чупетревски од Конфедерацијата на работодавачи вели дека тие имаат проблеми со сивата економија.

,,Таа сива економија ни создава нелојална конкуренција бидејќи тие неплаќаат ниту даноци, исто така ја оштетуваат државата и самите работници ја немаат таа заштита што ние како легални работодавачи им ја обезбедуваме."

Според официјални податоци на Државниот завод за статистика, сивата економија во земјава зафаќа 30 проценти од бруто-домашниот производ. Но, неофицијално, проценки покажуваат дека сивата економија сочинува дури 35-40% од БДП на земјава, а најцрните прогнози се и до 50% од БДП. Освен за бизнисот, сивата економија е сериозен проблем и за државата, вели професор Карталов. И Миле Чупетрески од Конфедерацијата на работодавачи вели дека државата е таа која треба да се потруди да ги стимулира регистрираните фирми, а да ги казнува прекршителите на законот.

,,Санкионирањето е знак прашалник бидејќи во оваа социјална држава, осекогаш се остава простор за таа сива економија."

Едно од можните решенијата за намалувањето на сивата економија е да се направи закон за трговците со мал обрт, да им се објаснат поволностите од легализирање на бизнисите и нивните стопански активности, велат економистите. Со тоа би се решил и проблемот со невработеност, што е проблем речиси на сите влади досега. Но, борбата засега останува декларативна. Потребни се не само стратегии туку и вистинска работа, делување, за да се намали армијата невработени, велат тие. Но, невработените не сe премногу оптимисти дeка ќе најдат работа следната година. Поголеми песимисти од македонските граѓани се само Босанците. Од друга страна рекорден број македонски граѓани кои се невработени, односно една четвртина одговориле дека нема шанси да се вработат во наредните 12 месеци, тоа го покажува најновото истражување на Агенцијата Балкан Монитор за 2010.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG