Достапни линкови

Интервју - Ерван Фуере


Ерван Фуере
please wait
Embed

No media source currently available

0:00 0:09:53 0:00

Амбасадор на Европската Унија во Македонија

Во случајот со земјава, не постои сомнеж дека има зголемување на заплашувањето на новинарите, притисоци, политички притисоци врз оние кои изразуваат критични мислења.

Амбасадоре, извештајот на Европската комисија беше субјект на различни интерпретации. Опозицијата смета дека е негативен, додека власта тврди дека тој е општо позитивен. Дали сознанијата за напредок ги надброија забелешките?

Тоа што го видовме во изминативе неколку дена е стерилна дебата. Сега Владата и државните институции треба да се фокусираат на оние области каде беше идентификувана потреба од реформи и каде беа забележани недостатоци. Потребно е да се излезе со акционен план кој во следниов месец ќе и овозможи на земјата да се надополни во тие области. Ова сакаме да го видиме, и го поздравив акциониот план кој го најави премиерот и сега чекаме да се оствари таа најава.


Македонскиот премиер пропушти прес конференција во Брисел. Министерот за транспорт критикуваше одлуки на Уставниот суд, што е спротивно на самите забелешки во извештајот. Исто така, има и истражувања на јавното мислење кои покажуваат дека Македонците не би сакале да влезат во Европската унија под друго име. Дали сево ова е знак дека Македонија отстапува или забавува на патот кон Европската унија?

Сметам дека не е така. Мислам дека, како што покажуваат и анкетите, луѓето се општо определени да ја видат земјава во Европската унија. Нема друга алтернатива за земјата. Тоа што сега е потребно е владата да демонстрира со своите постапки дека вистински е посветена на оваа тема, и дека ги насочува сите напори на препораките кои се содржани во овој извештај. Ако го направи тоа, тогаш ќе ги задоволи и аспирациите на граѓаните, ќе демонстрира дека во целост разбира, дека во целост ја прифаќа потребната работа и се однесува во согласност со сето тоа. Во овој случај, потребен е конзистентен напор од Владата.

Дали има конзистентност?


Вистина е дека во изминативе неколку години бевме сведоци на неконзистентност. Тоа го наведува и самата Комисија, дека реформскиот процес продолжува, но дека темпото е непостојано. Минатата година, 2009-тата беше позитивна година. Оваа година видовме дека во многу области имаше одложувања и уназадување. Тоа што сега е потребно е државата да се придвижи напред на конзистентен начин и вистински да се осврне на сите недостатоци и да помогне на владата да биде поподготвена за кога ќе почнат преговорите.

Судејќи по медиумските извештаи, се чини дека многу се нагласува користењето или поточно некористењето на терминот „македонски“ во однос на јазикот. Дали ова ги засени важните аспекти на извештајот?

За жал, мислам дека е така. На некои тоа и им беше намерата. Секако, од моја гледна точка, сметам дека ова прашање беше разгледано. Секако станува збор за чувствително прашање. Се извинив за недоразбирањето и веруваме дека сега треба да се фокусираме на вистинските прашања кои се посочени во извештајот и на кои е потребно да им се обрне внимание. Се надевам дека ќе се оди напред.

Во секретаријатот за Европски прашања при Владата на Република Македонија имаше промена на кадри. Согласно медиумските извештаи, шеснаесетмина си заминале од секретаријатот, од кои половина биле отпуштени. Дали е мудро да се менува структурата на вработените во телото чија задача е конзистентно да ги координира Брисел и Скопје?

Овие настани кои ги споменавте уште повеќе ја потенцираат итната потреба Владата да создаде професионална јавна администрација, јавна администрација која ќе осигура дека реформите ефективно се имплементираат, дека се проследуваат. Јавната администрација треба да биде место каде службениците се бираат и се унапредуваат во кариерната структура врз основа на експертиза и компетентност а не на база на партиска припадност. Не постои сомнеж дека бевме сведоци на растечки трендови на поставување на партиската припадност како главен критериум за назначување на луѓе на национално и локално ниво. Ова ја ослабува администрацијата. Ова ја ослабува и мотивацијата. Јас го знам Секретаријатот повеќе години. Таму имаше многу добри луѓе. Тие беа пионери кои ја придвижуваа европската агенда, со подготвување на секакви документи, што и овозможи на земјата добивање на кандидатски статус. За ова е потребна голема експертиза и потребно е веќе постоечката експертиза да се зачува за во иднина. Предпристапните преговори не се лесна работа. Потребни се многу напори, многу конзистентност и многу професионализам. Затоа Словенија беше толку успешна во процесот на пристапување, бидејќи имаа професионална јавна администрација која го придвижуваше процесот и не беше таму врз основа на партиска определба туку се вработуваа по професионални стандарди и експертиза.

Кога сме веќе на оваа тема, ако македонската јавна администрација треба да ги задоволи европските стандарди, дали е неизбежно кратење на работни места?

Секако е факт дека Владата е најголемиот работодавач во земјата. Сепак, фокусот треба да се стави на професионализација на јавната администрација. Што повеќе се зголемува јавната администрација, толку е поголем ризикот за политизација. Тоа посебно се случува пред избори. Веќе повеќе години има тенденција, не само со оваа туку и со претходните влади, за полнење на администрацијата со партиски подржувачи. Ова е спротивно на концептот на професионална јавна администрација. Во интерес на земјата и на владата е навистина да се постигне професионализација на јавната администрација со што ќе се гарантира и успешен исход во процесот на приближување и за се` останато.

Медиумите посебно ја нагласија слободата на изразување. Дали таа се влошува во Република Македонија?


Да, не само овдека туку и во целиот регион. Затоа Европската комисија во својот извештај за напредокот, не само за Македонија, но и во извештаите за целиот регион потенцираше загриженост за слободата на говорот почит на независноста на медиумите. Во случајот со земјава, не постои сомнеж дека има зголемување на заплашувањето на новинарите, притисоци, политички притисоци врз оние кои изразуваат критични мислења... Сепак ова е и улогата на новинарите. Што повеќе се зголемува притисокот, толку е поголема штетата врз демократскиот процес. Ако постои соодветна почит за медиумите во земјава, тоа создава чувство на одговорност на двете страни. Ако немате почит, и ако заплашувањето продолжи, тогаш ситуацијата ќе се влоши. Тоа сакаме да им го посочиме на овдешните власти за да сме сигурни дека ова ќе престане.

Вие и самите бевте субјект на критики во последно време. Како се справувате со тоа?

Секако тешко е и болно е исто така, посебно кога се` толку многу се персонализира овдека. Сметам дека политиката, во изминативе неколку години стана многу персонализирана и многу осветољубива без никакви причини. Ова го потценува кредибилитетот на политичките семејства, избраните лидери, кои се однесуваат на ваков начин. Исто така стравувам дека се создава една атмосфера на страв и ова го споменав на неколку наврати. Луѓето се плашат да зборуваат бидејки се плашат да не го изгубат работното место, се плашат нивните семејства да не паднат под влијание на политичките партии... Ова воопшто не е здраво за земјата. Многу е нездраво и секако го потценува имиџот на земјата.

Европската унија, Европската комисија и речиси сите меѓународни организации во Р. Македонија нагласија дека решение на спорот со името е важно, дека тоа претставува влезен инструмент за Македонија да започне со преговори со Европската унија и да стане членка на НАТО Алијансата. Експертите забележуваат дека напредокот е скромен. Дали Македонија и Грција се заглавени во меѓусебни обвинувања на сметка на напредокот ?

Не мислам дека е така. Сметам дека во изминатава година видовме важен развој во споредба со изминатите години. Премиерите на двете земји се сретнаа на неколку наврати, што значи дека имаат изградено однос на доверба и сега тоа што треба да се види е поинтензивен дијалог од двете страни, се` со цел тој однос на доверба да се трансформира во компромисно решение кој еднаш засекогаш ќе стави крај на овој проблем.
XS
SM
MD
LG