Достапни линкови

Неделен печат


Весници, неделници, магазини...
Весници, неделници, магазини...

Со речиси еден век задоцнување формиран првиот самостоен новинарски синдикат, пишува Глобус. Форум, пак, со тема за локалните избори во Грција.





Новинарството без сопствен профи амбиент?


За состојбите во нашето новинарство. Овој текст го вклучуваме во изборот на темите од домашните неделници, поточно од Глобус. Со речиси еден век задоцнување, како што пишува неделникот, Македонија го доби првиот самостоен новинарски синдикат. Какви се неговите шанси за успех? - прашува неделникот за читателот да го претпостави одговорот во следнава оценка: Новинарството не само што не успеа да го креира демократскиот амбиент во земјата, односно да го креира јавното мислење, туку не успеа да го креира и сопствениот професионален амбиент. Резултатот на сето тоа е тотално нерегулираниот пазар и неможноста од нормално функционирање на медиумите. Глобус, поаѓајќи од условите во државава, го потенцира сознанието дека каде што има корупција и сиромаштија, нема слобода на говор, а за да преживее новоформираниот Синдикат мора да ги надмине притисоците на власта, новинарските суети, новинарската разединетост, синдикалната апатија, беспарицата... Како што изгледаат нештата, дозволете лично видување, почитувани, ни малку лесна задача.

Сапуници во 1001 епизода

Неделникот Форум обработува една тема која излегува од нашиве дневно-политички „сапуници“ во 1001 епизода, што претставува вистинско освежување во новинарската понуда, со оглед на тоа што, во последниве години како да сме најмногу опседнати со самите себеси. За „Демократизацијата на Солун“, поточно за резултатите од локалните избори во Грција пишува Форум во најновиот број. Националистичките и ксенофобични елементи во северна Грција и во Солун, забележува Форум, бастионите и творците на антимакедонската политика, со победата на Бутарис го доживеаја најсилниот и најнеочекуваниот пораз и тоа е главната карактеристика на овие локални избори во Грција. Неделникот изразува надеж дека со победата на независниот кандидат Јанис Бутарис, кој доби поддршка и од грчката обединета левица и од ПАСОК, има простор да се верува дека конечно ќе може да се оствари и нормална соседска комуникација со Солун, нешто што беше невозможно од осамостојувањето на Македонија, затоа што Солун 26 години беше бастион на десницата и на грчкиот национализам.

Проблемите на Бранителите

Бомбастично, на насловната страница, Фокус го најавува подолгото интервју со генерал Стојанче Ангелов, претседател на здружението Достоинство, кој раскажува дека проблемите на бранителите почнале со Груевски и тоа уште кога бил министер за финансии. Во улога, пак, на премиер, Ангелов осознал колку Груевски вешто лаже. Иако е член на ВМРО-ДПМНЕ од 1990 година, од неодамна не сака веќе да биде дел од оваа партија. Всушност, наведува Фокус, по слично сценарио како и неформалниот лидер на млекарите, Душко Илиевски од Битола, така и лидерот на бранителите од Достоинство е мета на разно-разни хајки од власта: има една условна пресуда, Организиран криминал го чешла неговото медицинско досие, а како класика, забележува неделникот, почнаа и бранувања во здружението. Генерал Ангелов, 80-процентен воен инвалид, го обвинува Мартин Протоѓер дека имал задача да ги растури бранителите од 2001-та.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG